X
 21.02.2019 Живот

Дали секој работник треба да има пауза од 75 минути?

Учениците треба да имаат пауза од најмалку 75 минути на ден, велат  британски пратеници. Според извештај за здраво детство, подготвен од британска парламентарна група, повеќето училишта ја намалиле паузата за ручек и одмор, што негативно влијае врз концентрацијата на учениците и нивните здравствени и социјални вештини. Се поставува прашањето: ако на децата им е потребна пауза подолга од еден час, што е со возрасните?

Времетраењето на паузата во текот на работниот ден се чини дека се намалува. Ако еден работник има слободно време, тогаш тоа е само за ручекот. Но, работниците честопати ја поминуваат паузата јадејќи во канцеларија. Ако имаат среќа, некои работници добиваат „работен ручек“ - комбинација од бизнис-средба за време на ручек.

Но, истражувањата покажуваат дека е грешка луѓето да немаат слободно време во текот на денот. Луѓето што имаат соодветна пауза се попродуктивни, помалку се под стрес, имаат помала веројатност да се уморат и спијат подобро. Друга голема придобивка од паузата е тоа што на вработените им дава можност да изградат неформални социјални мрежи. Едно истражување покажува дека вработените во банка што заедно оделе на пауза биле попродуктивни. Дури и кратката пауза е добра за нас. Истражување спроведено на луѓето што работат на компјутери открило дека паузата од неколку минути на секои 20 до 40 минути значително ги намалува болките во вратот и во рамената.

Освен тоа, луѓето не се продуктивни осум часа дневно. Неодамнешна анализа на повеќе од 2 милиона корисници на софтвер за менаџирање на задачи открила дека луѓето се најпродуктивни во текот на утрото, а врвот на продуктивноста го достигнуваат во 11 часот. Анализата додава дека продуктивноста брзо се намалува по 16 часот.

Паузите се витален дел од продуктивниот работен ден, па затоа треба да ги следиме учениците и да се осигуриме дека правилно ги користиме: или да разговараме со колегите или да правиме нешто релаксирачко, или да се одмориме. Ако не го направиме тоа, голема е веројатноста тајно да правиме паузи, што воопшто не нè освежува, ниту нè релаксира.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот