X
 16.05.2023 Наука

Се стуткавте под ќебе и гледате филм? Науката вели дека сепак треба да излезете и да прошетате на дождот

Иако пролетта им е омилено годишно време на многумина, се знае дека е променливо и непредвидливо. Нежно сонце, па нагло заладување, па летни горештини итн.

И оваа пролет е прилично нестабилна и носи многу врнежи кои често знаат да ни ги расипаат плановите за прошетки во природа и кратки пролетни патувања. Но, што ако ви кажеме дека не мора да се затворите дома кога врне и дека тоа има многу придобивки за нашето здравје? Еве зошто шетањето на дожд е добро за нашето тело и ум.

Придобивки за телото и умот

Многу луѓе ги поминуваат дождливите денови во затворени простории, под ќебе, со добар филм или книга. Иако долго време се веруваше дека пешачењето на дожд може да предизвика настинки, се покажа дека вистината е спротивна. Шетањето на дожд нуди многубројни здравствени придобивки и за телото и за умот.

Дождот го чисти воздухот од прашина и смог

Различни истражувачки проекти открија неколку конкретни придобивки. Меѓу нив е и фактот дека пешачењето на дожд го забрзува метаболизмот и со тоа позитивно влијае врз физичкото и психичкото здравје. Капките дожд ги чистат и токсините од атмосферата, па воздухот што го дишете е почист. Дождот ги измива микроорганизмите и прашината присутни во воздухот, така што ако сте надвор на дожд, всушност, дишете почист и посвеж воздух од вообичаеното.

Мирисот на дождот го освежува умот и ги разбиструва мислите


На почетокот може да ви се чини дека кога врне, нема посебен мирис. Но, посветено е цело истражување за мирисот на дождот, кој покажа дека тој го освежува умот и ги разбиструва мислите. Специфичниот мирис доаѓа од добрите бактерии во почвата, испарувањето од растенијата и почистиот воздух што веќе го споменавме. Оваа ароматична мешавина помага да се смири умот и да се регулираат мозочните хемикалии кои влијаат врз расположението. Сè уште можете да го почувствувате откако ќе престане дождот.

Со шетањето на дождот согорувате повеќе калории


Одлична вест за сите што сакаат да ослабат или сакаат да ја одржат тежината: пешачењето на дождот согорува повеќе калории отколку пешачењето на суво време. Неколку студии покажаа дека во постудени услови телото мора да троши повеќе енергија за да остане топло и на тој начин согорува повеќе калории. Дополнително, за некои активности на отворено кои бараат издржливост, како што е трчањето, дождот е одличен сојузник бидејќи го лади телото.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука