X
 21.03.2022 Живот

Зошто производителот на гуми „Мишелин“ оценува ресторани?

Сигурно некогаш сте слушнале за ѕвездичките на „Мишелин“, но веројатно сте помислиле дека станува збор за нешто или некој друг, а не за познатиот производител на гуми - бидејќи зошто некој што се занимава со автомобилски гуми би имал врска со објекти што служат храна...

Но, приказната за тоа како „Мишелин“ станал експерт за „fine dining“, всушност, е поврзана со амбициите на компанијата во производството на гуми. Во суштина, „Мишелин“ почнал да прави рецензии за рестораните за да има каде да одат француските автомобилисти.

Според јутјуберот Адам Рагуси, покрај тоа што денес автомобилите се „чуда на мобилноста“, во своите први денови тие не можеле да одат далеку бидејќи не биле многу доверливи. Една од причините за тоа бил фактот дека првите гуми морале да се лепат на колцата. Кога браќата Мишелин почнале да продаваат гуми какви што денес ги знаеме, тие им овозможиле на луѓето да патуваат подалеку.

Андре Мишелин, постариот од двајцата браќа што ја воделе компанијата, денес се слави како пионер на индиректниот маркетинг. Сфаќајќи дека пазарот за гуми ќе биде мал додека пазарот за превоз не се зголеми, тој инсистирал на пласирање на автомобилистичкиот стил на живот. Тоа вклучувало спонзорирање на трки, првите потфати во воздухопловството, менување на националниот систем на нумерирање на улиците во Франција, изработка на карти и изработка на водичот на Мишелин, кој првпат е објавен во 1900 година.

Водичот, всушност, содржел информации за сите нешта што би требало да ги знаат возачите, вклучително и локации на сервиси, бензински станици и, секако, ресторани. Всушност, подемот на автомобилскиот стил на живот во Франција бил преплетен со подемот на гастрономијата.



Како што другите компании кои се занимавале со производство на гуми станувале сè поголема конкуренција, Мишелин се поврзал со движењето на францускиот национализам, охрабрувајќи ги парижаните да одат во провинциите и да јадат во рестораните низ земјата и така помагал да се зацврсти репутацијата на Франција како главна земја за фина храна.

Дури и денес водичот сè уште се фокусира на Западна Европа и ги мери другите ресторани со европските фини гастрономии, што го отвора за критики. Сепак, покрај тоа, останува фасцинантен погледот на тоа како автомобилскиот свет се развивал во текот на последните стотина години.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: guide.michelin.com
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот