X
 15.02.2016 Здравје

Експерт за спиење дели совети за подобар сон

Сонот е нешто што ни е потребно за да преживееме, но многу малку луѓе успеваат секоја вечер да спијат квалитетно. Секој поединец има свој животен ритам и поинаков распоред на работа и слободно време, но почитуваниот американски експерт за спиење и професор на „Харвард“, Патрик Фулер“ открива неколку трикови кои нему му помагаат секоја ноќ да одмори и да се наспие.


Секое утро се буди во исто време и секоја вечер легнува во исто време

Проблем за многумина е распоредот на спиење, кој воопшто не постои. Се работи за недостаток на таканаречениот „мотор за спиење“, односно за недостатокот на желба да потонете во сон. Според професорот Фулер, кога луѓето од ден во ден се будат сè подоцна, тие имаат помала желба за спиење и поради тоа им се чини дека имаат несоница.


Одбегнува кафе попладне

Иако е привлечно да се испие кафе по напорен работен ден, тоа не е добра идеја. На кофеинот му требаат и до 6 часа да престане да делува, поради што треба да одбегнувате кафе и слични напитоци попладне.


Се обидува да вежба 20-30 минути дневно

Сите знаат дека физичката активност е важна, но вежбањето освен за сопственото здравје, важно е и доколку сакаме да имаме квалитетен сон. Истражувања покажале дека поквалитетно се спие доколку се вежба наутро или попладне. Сепак, вежбањето треба да се одбегнува пред заминувањето во кревет бидејќи вежбањето ни ги активира мускулите и ни ја повишува телесната температура, поради што ни е потешко да заспиеме.


Навечер одбегнува алкохол

Иако за многумина алкохолот е привлечен бидејќи ги опушта мускулите и смирува нервите, треба да се внимава бидејќи овие ефекти не продолжуваат во текот на ноќта. Тогаш се наоѓате будни среде ноќ.


Атмосфера за спиење

Фулер секое утро се буди во 5:30, поради што се обидува секоја вечер да легне во 9:30. Но, да се следи ваков распоред понекогаш е тешко, со оглед на тоа што околу нас постојат пречки како телефони, телевизија и слично. Поради тоа, час пред спиењето, тој ги пригушува сите светла во куќата. Намалената светлина помага во создавањето на хормонот потребен за полесно заспивање.


Одбегнува гледање во екран

Како што намалената светлина го зголемува хормонот за полесно заспивање, така светлата од нашите паметни телефони го прават спротивното. Поради тоа, нашиот мозок мисли дека е ден. На подолг период, ова може да има и посериозни последици. Професорот препорачува одбегнување екрани во период од еден час пред спиењето.


Не е опсесивен за сето тоа

Иако секојдневно се труди да се придржува на сопствениот распоред, тој знае дека животот е непредвидлив и дека сè не може да биде онака како што замислил, па е подготвен на компромиси.

- Се обидувам да не бидам невротичен околу тоа. Како и за сè што правам - вели тој.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје