Првата фаза, „Ноор 1“, е во погон уште од февруари 2016 година, додека другите две фази се во завршни етапи и би требало да почнат со работа до крајот на оваа година, пишува
Си-ен-ен. Само за пример, „Ноор 3“ има 7.400 огледала, секое со големина на тениско игралиште.
Вкупниот капацитет на „Ноор“ ќе изнесува 580 мегавати, што воедно значи дека ова ќе биде убедливо најголемата соларна електрана која за собирање на сончевите зраци не користи фотоќелии, туку огледала. Кога целиот комплекс ќе биде завршен, ќе произведува електрична енергија за снабдување на 1,1 милион луѓе, а се проценува и дека емисијата на јаглероден диоксид ќе се намали за 760 илјади тони годишно.
Станува збор за софистицирана технологија која иако е скапа за изградба, долгорочно е исплатлива затоа што овозможува складирање на енергијата за време на ноќите и облачните денови. Огледалата ја привлекуваат сончевата светлина и ја загреваат течноста од растворени соли, која потоа во комбинација со вода достигнува температура до 400 степени, а пареата што се создава притоа ја покренува турбината и на тој начин генерира електрична енергија.
Вредноста на проектот, според „
Гардијан“, достигнува 9 милијарди долари, а во финансирањето учествуваат и Светската банка, Европската инвестициска банка, како и Фондот за чиста технологија. Мароко со овој проект се запиша на светската карта на современо и иновативно користење на обновливите извори на енергија.
„Што повеќе инвестирате во овие технологии, тие стануваат сè поевтини и попристапни“, објаснува Тарик Буркукуоу, еден од инженерите што работат на проектот.
Моментално Мароко речиси целосно се потпира на увезени фосилни горива кои задоволуваат околу 97 проценти од нивните енергетски потреби, но тие размери наскоро би можеле значително да се променат. Како што пишува „Гардијан“, оваа северноафриканска држава планира до 2020 година 42 проценти од целата произведена енергија да ги генерира од обновливи извори, а десет години подоцна има намера да произведува 52% (повеќе од половината) енергија од обновливи извори.
Комплексот „Ноор“ во тој правец ќе игра голема и значајна улога. Мароко станува еден од африканските лидери во користењето чисти енергии, со оглед што токму во Северна Африка се наоѓа огромен потенцијал за собирање и користење соларна енергија.