X
 21.05.2019 Култура

Прекрасна европска земја без туристи што можете да ја заобиколите за еден ден

Лихтенштајн е мала земја на брегот на Рајна, во средна Европа. Иако според некои истражувања Лихтенштајн е една од европските земји со најмалку посетители, тоа не значи дека не постојат многубројни атракции за туристите. Што сè можете да пронајдете и да правите во оваа неоткриена земја, ви пренесуваме во продолжение.

Нешто старо, нешто ново


Шетајќи низ центарот на главниот град Вадуц, ќе ве привлече архитектурата на водечките изложбени институции и националната галерија на Лихтенштајн - „Kunstmuseum Liechtenstein“. Вистинските љубители на современата уметност ќе можат да разгледаат многу модерни скулптури, филмови и фотографии. Оддалечен на 2 минути од „Kunstmuseum Liechtenstein“ е Националниот музеј, каде што можат да се видат златни круни, пиштоли и други археолошки, религиски и културолошки изложби поврзани со интересната историја на оваа земја.

Со една нога во друга држава


Градбата на Стариот мост преку Рајна во Вадуц завршила уште во 1901 година, а сега е единствениот останат дрвен мост што се протега по должината на реката Рајна. Со вкупна површина од 135 метри, ги спојува Вадуц и Севелен во Швајцарија. До мостот најлесно се стигнува со лесна прошетка од центарот на градот, а за тоа се потребни околу 20 минути. Со едната нога можете да бидете во Лихтенштајн, а со другата во Швајцарија, што е одлична можност за забавна фотографија. Мостот е забранет за моторни возила, но затоа е најомилен меѓу велосипедистите.

Рај за планинарите

И покрај површината од само 160 квадратни метри, Лихтенштајн може да се пофали со повеќе од 400 планинарски патеки, што ја прави рај за планинарите. Најпозната е Историската патека што се наоѓа помеѓу населените места Бендерн и Шеленберг, со должина од 15 километри, каде што можете да видите остатоци од праисториски населби и да уживате во прекрасниот поглед на реката Рајна и околните планини. Постои уште една позната патека помеѓу Гафлеи и Планкен, со должина од 12 километри. Оваа патека се препорачува за оние што не се плашат од стрмни падини, а награда за храброста ќе биде прекрасниот поглед на Алпите и на бујните зелени долини.

Симбол на главниот град


На ридот над главниот град Вадуц се наоѓа истоимениот дворец од 12 век. За жал, замокот не може да се посети бидејќи е официјална резиденција на семејството на Лихтенштајн. Но, на 15 август е национален ден на замокот и тогаш е дозволена посета.

Во прегратките на Алпите

Во источниот дел на Лихтенштајн, во општината Тризенберг, се наоѓа скијачкото одморалиште Малбун, оддалечено околу 15 километри, односно половина час возење од главниот град и само 2 километра од австриската граница. Има 23 километри скијачки патеки што ќе ги задоволат скијачките професионалци. Освен зимските месеци, Малбун е исто така привлечен во текот на летните месеци, кои се идеални за пешачење и возење со велосипед низ широката мрежа на планинарските пешачки патеки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура