X
 21.05.2021 Наша тема

Приказната на Игор Ангеловски-Мрме: Несуден борбен пилот кој ќе ја пилотира нашата фудбалска репрезентација на Европско

Фудбалот е игра што те плени и јас веднаш го засакав и до ден-денес едноставно го обожавам. Атрактивноста и возбудливоста се само дел од причините зошто ја засакав таа игра, вели  Мрме

Тоа што во изминатите 30 години не им успеа на славните фудбалски имиња како Слободан Сантрач, Сречко Катанец, Бошко Ѓуровски и низа други, меѓу кои и првиот македонски селектор Андон Дончевски, му успеа на скромниот Игор Ангеловски-Мрме, селекторот кој ја одведе македонската фудбалска репрезентација на своето прво големо натпреварување - годинашното Европско првенство.

Четириесет и четиригодишниот Ангеловски, кој вели дека би бил воен пилот доколку не влезел во фудбалските води, својот спортски профил го карактеризира како „тивок и борбен“.

Ангеловски од 16 октомври 2015 година е селектор на македонската репрезентација, наследувајќи го тогашниот предводник на националниот тим, Љубинко Друловиќ, на кој му служеше како помошник. Тој уште пред тоа го покажа својот тренерски потенцијал, откако со Работнички стигна до плејофот во Лига Европа, на чекор од фазата по групи.

Татко ми Коле ме зарази со спортот

Иако е роден во Скопје, Мрме на седумгодишна возраст со своето семејство се преселил во Кичево, каде што го завршил основното училиште, по што се вратил во главниот град и тука ги поминал средношколските денови. Не потекнува од спортско семејство, но благодарение на големата љубов кон спортот што ја имал неговиот татко, и Ангеловски се заразил, и тоа особено со фудбалот.

- Роден сум во Скопје и до седумгодишна возраст живеев тука, а потоа основно училиште завршив во Кичево. По завршувањето на основното училиште повторно се вратив во Скопје. Уште како мал, на пет-шест години покажав интерес за спорт. Фудбалот како спорт ме заинтересира од самиот почеток. Не потекнувам од спортска фамилија, но мојот татко Коле беше голем љубител на спортот и од него ми е љубовта кон спортот.


Фото: Приватна архива

Фудбалот е игра што те плени и јас веднаш го засакав

Ангеловски е вечно заљубен во најважната споредна работа во светот, фудбалот. Уште од седумгодишна возраст, кога првпат почнал да игра фудбал, па сè до стартот на првите професионални тренинзи кога имал 13 години, Мрме е непрекинат ученик на фудбалската игра, постојано обидувајќи се да научи нешто повеќе за овој спорт.

- Фудбалот е игра што те плени и јас веднаш го засакав и до ден-денес едноставно го обожавам. Атрактивноста и возбудливоста се само дел од причините зошто ја засакав таа игра. На седумгодишна возраст првпат почнав да играм фудбал, а на 13 години почнав да тренирам. Првите професионални тренинзи ми беа во ФК Македонија Ѓорче Петров, а тренер ми беше Зоран Стратев. Во моите рани фудбалски години прв идол ми беше Милко Ѓуровски.

Зоран Стратев ми е омилен тренер и многу научив од него

Ангеловски првпат професионално заиграл фудбал во тимот на Македонија ЃП и од самиот старт во преден план била неговата несебичност и желба да се стави во функција на тимот со цел да се дојде до посакуваниот резултат. Тој има настапувано и за Пелистер, Публикум, Победа, Цементарница, Скопје.

- Првиот професионален ангажман ми беше во Македонија ЃП, а амбициите секогаш ми беа поставени во функција на тимот и секогаш давав сè од себе за победа на екипата за кој настапував. Во кариерата имам сменето три броја и тоа осумка, десетка и дваесет и петка, и тоа ги избрав без одредена причина. Зоран Стратев е мојот најомилен тренер, од кој имам најмногу научено, иако од сите тренери имам научено по нешто што ме има направено подобар фудбалер и тренер.

Сакам офанзивен начин на игра

Амбициите да стане тренер кај Ангеловски почнале да се интензивираат по завршувањето на играчката кариера. Тој првин бил спортски директор на ФК Работнички, каде што веќе почнал да размислува за тренерскиот занает. Познат како борбен играч, Мрме ја пресликува таа карактеристика и во неговата тренерска кариера, пред сè, со офанзивната поставеност на неговите тимови.

- По завршувањето на играчката кариера бев спортски директор во ФК Работнички и тогаш веќе почнав да размислувам за тренерскиот повик. Тренерскиот занает најмногу го научив од Конте Антонио. Инаку, сакам офанзивен начин на игра и сакам секогаш мојата екипа да игра на гол повеќе, затоа што мислам дека фудбалот е игра за голови и во тоа ужива публиката.


Фото: Приватна архива

Фудбалот не е професија од која сигурно може да живеете во Македонија

Мрме се има докажано на двата тренерски фронта, клупскиот и репрезентативниот, а и во двата случаи го бара истото од своите играчи, а тоа е да веруваат во себе. Тој смета дека пласманот на ЕП треба да се искористи за уште поголема промоција на фудбалот во Македонија бидејќи моментално фудбалот кај нас не е професија од која сигурно може да се живее.

- Во клуб сè зависи од тебе. Ти ги тренираш и ги селектираш играчите и имаш повеќе време за подготовка, додека во репрезентација играчите ги имаш многу мал период, бидејќи тренираат кај други тренери и времето за подготовка е многу кратко. Секогаш барам моите играчи да веруваат во себе и во соиграчите. Инаку, ние сме земја-учесник на Европско првенство и сега сите што го водат фудбалот кај нас треба да го искористат моментот, нормално, доколку имаат капацитет за тоа. За жал, фудбалот не е професија од која сигурно може да живеете во овој момент во Македонија.

Насловна фотографија: ФФМ

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема