X
 21.06.2018 Живот

Смилјан Мори, мотивациски говорник: Носете брзи одлуки, не размислувајте премногу. Тоа е одлика на успешните

Еден од најпознатите мотивациски говорници, Смилјан Мори, на 23 јуни ќе одржи семинар во Скопје. Во последните 20 години предавал пред повеќе од 300.000 луѓе, а на социјалните мрежи го следат над 600.000 луѓе

- На сите млади луѓе би им препорачал да не изгубат надеж за подобра иднина. Тоа е проблем со кој се соочуваат многумина и така најчесто стануваат депресивни и неактивни. Никогаш не треба да се откажувате од своите соништа. Треба да бидете свесни дека ќе ви доаѓаат луѓе што ќе ви кажуваат дека не можете и дека вашите соништа се глупави. Немојте да им верувате затоа што тие не ги плаќаат вашите сметки за струја и трошоците за живот. Поставувајте си јасни цели затоа што мора да имате визија за својот живот. Ова е советот од еден од најпознатите мотивациски говорници - Смилјан Мори, кој на 23 јуни ќе одржи семинар во Скопје.
Во последните 20 години предавал пред повеќе од 300.000 луѓе, а на социјалните мрежи го следат над 600.000 луѓе. Коорганизатор на неговото гостување во Македонија е International Marketing Agency, а сите заинтересирани за неговиот семинар може да се регистрираат на https://biguacademy.net/optin-skopje-uvjerenja.
За Факултети мк, Мори вели дека напуштил сигурна работа за да си го оствари сонот, а денеска им го менува животот на илјадници луѓе.



Секој ден им давате надеж и сила на голем број луѓе во светот. Како станавте мотивациски говорник?

- Станав мотивациски говорник сосема случајно, не ни знаев дека тоа е професија, ниту пак дека можеш да заработуваш пари и позитивно да влијаеш врз милион луѓе низ светот. Кога почнав да ја работам мојата прва работа - агент за продажба на осигурување, брзо сфатив дека можам да ги учам другите како подобро да продаваат. Додека ги учев како да станат подобри продавачи, сфатив дека тоа не доволно. Затоа почнав да ги учам како да бидат мотивирани, како да поставуваат цели, како да станат попродуктивни. Кога видов дека тоа функционира, си помислив дека тоа знаење можам да го делам и со луѓе што имаат различна професија од мојата. Така се роди идејата да станам мотивациски говорник. Пред 25 години го видов Тони Робинс, па си реков дека тоа можам да го работам и јас. Мојот прв семинар се одржа во Словенија и дојдоа 180 луѓе, односно дојдоа точно колку што беше голема салата. Картите ги продадов сам, но морам да признам дека почетоците не ми беа лесни. Во моментов работам на својата меѓународна кариера во Америка и повторно се чувствувам како пред 25 години. Драги мои, никогаш не е доцна за нов почеток.

Што беше пресвртната точка во Вашиот личен живот?

- Пресвртници имаше многу. Една важна пресвртница е кога на 21 година имав повреда на ногата. Сакав да играм фудбал, иако не како професионалец, но тој спорт ми беше голема љубов. Докторот ѝ кажа на медицинската сестра дека залудно чекам во ходникот од болницата. Дури ѝ кажа да си одам дома бидејќи поради повредата на коленото, нема да можам да одам како порано, ниту пак да играм фудбал. Тогаш се расплакав и не дочекав да влезам во ординацијата на преглед кај него. Трчав кон автобуската станица со болки во ногата. Морам да кажам дека бев во депресија цела недела. Освен што лежев в кревет, ништо друго не правев. Тие денови кај мене дојде сосетката Катја. Кога виде во каква емоционална состојба сум, ми даде книга која ми го промени животот. Читајќи ја книгата, почна да ми се менува начинот на размислување. Може да се каже дека и покрај другите пресвртници понатаму низ годините, оваа повреда ме натера да работам на личниот развој и на духовниот мир. Од моето искуство досега имам видено дека луѓето најчесто ги прават првите чекори кон менување на себеси кога ќе го допрат дното. Причина за тоа може да е тежок развод, финансиски банкрот или некоја болест. Затоа секогаш велам дека луѓето не треба да чекаат да им се случи нешто страшно, туку да зачекорат на патот за личен и духовен развој и финансиска слобода додека се здрави и имаат добар живот.

Зошто сметате дека на луѓето им треба поттик од друга личност (странец во нивниот живот) за да направат промена во нивните животи?

- Можеме да се мотивираме на два начина. Едниот е надворешна мотивација, т.е. надворешен тригер без разлика дали е тоа некоја аудиопрограма што ја слушаме, видео што го гледаме, семинари што ги посетуваме. Супер е кога има личност што нѐ мотивира бидејќи може да ни послужи како инспирација. Тоа е позитивен пример како на некој му успеало. Нас најмногу нѐ инспирираат лични животни приказни каде што луѓе од самото дно стигнале на „врвот“. Надворешната мотивација, нормално, не трае долго. Човек константно мора самиот да се мотивира, да посетува семинари, да чита книги. Морам да кажам дека и јас чувствувам потреба на неколку месеци да посетам семинар за да излезам од околината во која живеам и да се дружам со луѓе што се на некој начин поуспешни од мене и размислуваат поинаку од мене. Затоа што во околината во која секој индивидуалец живее не се сите луѓе на негово ниво. Ти можеби си позитивен човек, поставуваш цели и имаш визија. Околината обично ги саботира таквите. Доколку одиме на семинари и слушаме некој тренер, во тој момент можеме да се ставиме во позиција повторно работите да ни бидат во перспектива. Сите што одат на семинари се веќе успешни луѓе кои сакаат да научат нешто ново и да се надградат. Само неуспешни луѓе одбиваат вакви предавања затоа што мислат дека ним не им треба мотивација.



Од Вашите искуства како мотивациски говорник, кои се најчестите проблеми со кои луѓето се среќаваат во секојдневието?

- Генерално проблемите на сите луѓе се исти. Најголем проблем е тоа што луѓето се окупирани што другите мислат за нив. Ваквата состојба доаѓа уште од самото детство. Ако луѓето не се преокупираат со тоа што некој друг ќе каже или ќе мисли за нив, дали ќе му се допаднат нашите ставови, нашата работа, на кој факултет сме запишани, какви ни се гледиштата на животот, тогаш ќе имаме поголеми успеси. Луѓето се плашат да носат одлуки, да преземаат акции и да прават работи што обично би ги направиле само поради туѓото мислење. Се плашиме што ќе каже нашата мајка, нашиот татко, нашиот брат, околината. Ако се вратам наназад, кога почнав да се занимавам со продажба на осигурување и мрежен маркетинг, сите ми велеа дека сум луд што сум напуштил сигурна работа. Претходно работев државна работа - бев криминалист. Може да се каже дека бев на добар пат да станам министер за надворешни работи, или директор на криминалистичка служба. Можев да бидам и асистент на Високата школа за внатрешни работи. Сепак, продавав осигурување одејќи од врата на врата. На сите им докажав дека се излажаа кога велеа дека сум луд и дека нема да успеам. Нашата фирма стана една од најдобрите во Централноисточна Европа. Кога почнав да се занимавам со сегашната професија, сите ми велеа дека Словенија не е Америка и дека сме далеку од таквиот начин на функционирање. Исто така, ми кажуваа дека никој паметен не би посетил таков семинар. Сепак, во последните 20 години имам предавано пред повеќе од 300.000 луѓе, а на социјалните мрежи ме следат над 600.000 луѓе. Така што, немојте да верувате во она што другите луѓе го мислат за вас, затоа што тоа е најголема препрека до искористување на сопствениот потенцијал.

Дали може да споделите некој интересен случај каде што сте помогнале некому да направи голема промена во својот живот?

- Тешко ми е да издвојам некој специфичен пример затоа што ги има многу. Секојдневно на социјалните мрежи ми пишуваат луѓе што промениле нешто во своите животи читајќи мои книги. Интересен пример е кога ќе ми пишат млади луѓе на „Инстаграм“ како донеле некоја важна одлука во нивното школување. Многумина што биле на моите семинари, па дури и пред 20 години, ми пишуваат дека сум им го сменил животот. Но, не сум јас тој што им го променил животот и им помогнал, туку самите се заслужни за тоа. Ним им е потребна само искра која ќе го разгори оганот. Потребна им е надеж која оди и руши сѐ пред себе. Во мојата кариера имам работено за различни профили на луѓе. Некои од нив ги имам спасено и од самоубиство, имам работено и со такви што биле олимписки победници, фудбалери, кошаркари, тенисери. Сѐ уште работам со врвни претприемачи кои заработуваат милиони годишно, работам и со професионални продавачи и луѓе што имаат семеен бизнис. Сите што ги имам инспирирано навистина доаѓаат од различни бранши, професии и имаат различен степен на образование. Најексплицитен и специфичен пример кој можам да го истакнам е случајот кога на семинар девојка стана и пред околу 500 луѓе кажа дека ќе изврши самоубиство штом ќе стигне дома. Мило ми е што успеав да ја спасам таа девојка. Одвреме-навреме знае да ми напише понекоја порака, дури и ми наслика слика. Тоа ми е врежано во сеќавањето затоа што беше многу непријатно искуство. Секој ден инспирирам луѓе. Од оваа година бројката ќе се зголеми затоа што одам во Америка, а таму пазарот е поголем. Сигурен сум дека во наредната една и пол година, па и 5 години, со своите пораки ќе допрам до милијарда луѓе.

Што би им препорачале на младите во Македонија? Што е најважно за успех во животот?

- На сите млади луѓе, па и на другите, би им препорачал да не изгубат надеж за подобра иднина, тоа е еден проблем со кој се соочуваат и така најчесто стануваат депресивни и неактивни. Следна работа е дека никогаш не треба да се откажат од своите соништа. Треба да се свесни дека кај нив ќе доаѓаат луѓе што ќе им кажуваат дека не можат и дека нивните соништа се глупави. Немојте да им верувате затоа што тие не ги плаќаат вашите сметки за струја и трошоците за живот. Поставувајте си јасни цели затоа што мора да имате визија за својот живот.
Од големо значење е да знаете што сакате да станете. Би ви препорачал во континуитет да инвестирате во усовршувањето на вашето знаење. Не мора да се тоа сите пари што ги имате, но можете месечно да одвоите 10% од своите финансиски приходи. Јас немаше да бидам тука денес ако годишно не инвестирав илјадници евра во себе. Ваквата инвестиција секогаш носи придобивки. Брзо носете одлуки, не размислувајте премногу. Ричард Бренсон, англиски милијардер, еднаш ми кажа дека разликата помеѓу успешните и неуспешните луѓе е во тоа што успешните луѓе брзо носат одлуки без претерани анализи. Неуспешните луѓе долго анализираат и потоа се зафаќаат со работа. Носат одлуки за кои уште на почеток мислат дека не се добри. Драги Македонци, среќен сум што доаѓам кај вас или ако веќе го читате ова, што бев гостин во вашата држава. Ви посакувам сѐ најдобро. Имајте верба во подобра иднина, учете од луѓе што се подобри од вас. Следете ме на моите профили на „Јутјуб“ и „Фејсбук“. Можете да ме слушате и на поткастот „Дневна доза мотивација“. Нарачајте си некоја од моите книги што ќе ви го промени животот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот