Кадровската и финансиската автономија најмногу ја еродираат универзитетската автономија во Македонија. Ова се дел од заклучоците од истражување на универзитетската автономија во земјава, изработено во рамките на проектот „Универзитетската автономијата во македонското високо образование: Статус и перцепции“ финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Според оценката на испитаниците за тоа колку се остварени индикаторите што ги има поставено Европската универзитетска асоцијација, нашата земја би била најдобро рангирана во однос на академската автономија и организациската автономија, послабо рангирана во однос на кадровската автономија и најслабо рангирана во однос на финансиската автономија.
Независниот академски синдикат (НАкС), кој денеска ги презентираше наодите и заклучоците, посочува дека истражувањето на универзитетската автономија во земјава е спроведено во период кога новиот Закон за високо образование сè уште не беше целосно имплементиран и треба да се има предвид дека перцепциите на испитаниците генерално биле базирани на поранешни закони. Сепак, посочува НАкС, тоа овозможува да се стекнe претстава за целината на прашањата поврзани со четирите сегменти на универзитетската автономија.
Извор: МИА
Појаснувајќи ги заклучоците за сите нив, НАкС наведува дека најголемите негативни последици од системските решенија универзитетите ги чувствуваат кај финансиската автономија, најмногу поради рестрикциите кои го отежнуваат финансиското работење на високообразовните установи и реализацијата на нивните активности. Високообразовните установи номинално самостојно располагаат со сопствените приходи, но бидејќи се дел од трезорското работење, користењето на средствата се усложнува. Дополнително, кај нас не е дозволено финансирање на универзитетите со користење заеми и кредити ниту задржување на вишокот средства од основниот буџет на МОН и пренесување во наредната фискална година, појаснува Синдикатот.
Од истражувањето може да се заклучи и дека кадровската автономија е сегментот кој заедно со финансиската автономија најмногу ја еродира универзитетската автономија во целина. Во сегментот на вработувањето на наставниот и ненаставниот кадар, универзитетите се соочуваат со процедура во која мора да добијат одобрение од министерствата за образование и за финансии. Таа процедура се однесува не само на новите работни места, туку и на испразнетите работни места за кои веќе биле планирани средства во буџетот што, како што наведува НАкС, го прави ограничувањето апсурдно и насочено кон намалување на обемот на универзитетската автономија.
Покрај за финансиска и кадровска автономија, истражувањето донесува заклучоци и во однос на организациската и академската автономија односно оценката на испитаниците за оствареноста на индикаторите поставени од Европската универзитетска асоцијација.
Извор: МИА