Џејда Понс била изненадена од писмото кое ја пречекало дома кога се вратила од училиште. Tаа ја завршувала четвртата година од нејзиното средно образование во училиштето „Валивју“ во Колдвел, Ајдахо. Освен што била примена на универзитетот во Ајдахо, била примена и на универзитетот „Бојс Стејт“, каде што не ни аплицирала.
Следниот ден дознала дека сите нејзини соученици добиле исто такво писмо. Додека во сите други делови од САД студентите тешко го поднесуваат овој процес на аплицирање, Понс и нејзините соученици, вклучувајќи ја и нејзината близначка Јасмин, биле примени без да аплицираат.
Фото: Pixabay
Тоа е така бидејќи универзитетите во Ајдахо сметаат дека е подобро студентите да бидат примени пред уште да аплицираат. Идејата е да се охрабрат студентите да следат кариера за која не ни сонувале, но и да останат во својот град. Сличен пристап имале и Јужна Дакота, Хаваи и Тексас.
- Кога го добив писмото, бев охрабрена бидејќи видов дека можам да успеам на повеќе универзитети - вели Понс, која ја прифатила понудата и се запишала на истиот факултет.
Чак Стабејн, поранешен претседател на универзитетот, ја предложил новата идеја за аплицирање. Односно, доколку оценките ги исполнуваат дадените критериуми, тогаш сите
студенти што се примени на факултетот на кој аплицирале автоматски се примени и на сите факултети во регионот.
Забележани се резултати дури за една година. 75% од матурантите што дипломирале во 2019 година останале да студираат во Ајдахо. Други сојузни држави во САД, како Илиноис, се угледуваат на овие статистики и размислуваат за адаптирање на оваа тактика.
Фото: Pixabay
Стебејн тврди дека овој систем освен што ќе го олесни процесот за аплицирање, ќе ги поттикне да се запишат сите што не планираат да студираат поради финансиски причини. Нема да биде потребно да пополнуваат формулари за секој факултет каде што сакаат да аплицираат бидејќи државата ги има сите потребни информации за нивните оценки.
Но најголемиот ефект од оваа промена е позитивната порака пратена до студентите. Софија Гутиерез е бруцош на универзитетот во Ајдахо и таа не очекувала да биде примена на факултет бидејќи учела во мало рурално училиште со само 150 ученици.
- Писмото навистина ми помогна да одам по патот што го замислував. Ми покажа дека има можности и тука во Ајдахо. Моето семејство е пресреќно бидејќи јас сум единствената во моето семејство што го продолжи образованието по средното училиште. Моите родители немале шанса да одат на факултет, и ова беше еден од моментите во кои бев најгорда - вели таа.
Автор: Шарлот Вест
Извор:
washingtonpost.com