Формирањето на џез-одделот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е од есенцијално значење за развојот на современата македонска џез-сцена поради фактот што нејзините чинители своето џез-образование го стекнуваат токму на одделот, вели професорот Сашо Поповски
Растрчан на три фронта, како изведувач, организатор на фестивал и шеф на катедра, џез-музичарот и професор Сашо Поповски неуморно го дава својот придонес за одржување на џез-културата во Македонија. Поповски моментално ја предводи катедрата за џез-музика на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, а паралелно, освен што работи на својот авторски материјал, ги врши и последните подготовки за фестивалот „Џез-фабрика“, кој ќе се одржи од 1 до 3 јули во неговата родна Битола.
- Јас сум дел од музичката академија при УГД Штип од 2008 година. На почетокот бев ангажиран како стручњак од пракса, а денес сум редовен професор и шеф на катедрата за џез-музика при Музичката академија. Инаку, до денес имам издадено пет албуми, почнувајќи од 2005 година до сегашното, последно, издание “Fallen Land” за етикетата на “SJF Records“ (Скопје џез фестивал) во формација трио со Иван Бејков, контрабас, и Виктор Филиповски, тапани-перкусии.
Сашо Поповски (лево) со неговото трио - фото: Татјана Ранташа
Почнал со рокот, па го каснала џез-бубачката
Школуван за тоа што го предава – џез-гитара, Поповски во 2005 година има дипломирано на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, а подоцна магистрирал на Нов бугарски универзитет. Својата музичка приказна Сашо ја почнал со фаќање на гитарата на 14-годишна возраст, но џез-бубачката го каснала многу подоцна.
- Џез-музиката дојде многу подоцна во мојот живот. На почетокот слушав рок-музика и првите креативни импулси и композиции беа рок-песни. Големо влијание имаше и периодот на 90-тите години и таа алтернативна сцена, а понатаму блузот и џез-рокот до авангардниот и фри-џез, кој и денес сè уште љубопитно го истражувам. Во 2001 година, по десетгодишно занимавање со музика, преку инструментот гитара, решив да аплицирам на џез-академијата во Софија и дипломирав во 2005 г. Три години подоцна магистрирав, а завршив и мајсторски клас за џез-импровизација кај проф. д-р Милчо Левиев на НБУ Софија.
Предавање на УГД - Штип
Џез-катедрата на УГД е есенцијална за развојот на македонската џез-сцена
Поповски смета дека џез-оделот на УГД - Штип во голема мера има придонесено за развојот на џез-сцената кај нас. Според него, голем број млади музичари кои во изминативе неколку години ја збогатија македонската џез-култура се токму производ на оваа катедра, која датира од 2007 година. Одделот за џез ги има насоките: џез-гитара, џез-бас, џез-пијано, џез-саксофон, џез-труба и џез-тапани. Во блиска иднина во план е и отворање на насоката за џез-пеење.
- Формирањето на џез-одделот е од есенцијално значење за развојот на современата македонска џез-сцена поради фактот што нејзините чинители своето џез-образование го стекнуваат токму на одделот. Интересот е голем и се движи во нагорна линија секоја година и среќен сум што сè повеќе млади луѓе го препознаваат УГД - Штип како двигател на современото високо образование во државата.
Концерт на студенти на УГД - Штип
Во УГД фокусот е кон развивање на способноста за музичко самооткривање на студентот
За време на пандемијата, предавањата и испитите на џез-катедрата на УГД - Штип се одвиваат онлајн, со свирење во моментот или со претходно снимен видеозапис. Кај групната настава предметите се полагаат на неколку етапи, преку вежби, домашни работи, колоквиуми и завршен дел. Се запишуваат претежно млади луѓе, кои се различни, со различен музички бекграунд. Важен момент е дека за секој студент, менторите посебно изработуваат програма која е приспособена на нивото на студентот.
- Студиите во прв циклус траат четири години, односно осум семестри со вкупно 240 кредити. Студиите во втор циклус траат една година, или два семестри, а потоа следува период на одбрана на магистерскиот труд. Кај овие студии имаме и насока на англиски јазик и имаме голем број студенти од Балканот. Најмногу студенти имаме на насоката џез-гитара и џез-тапани. Низ процесот на едукација фокусот е насочен кон развивање на способноста за музичко самооткривање на студентот, што во голем број случаи резултира со висококвалитетен уметнички дипломски труд, што е потврда за способноста на студентот за градење сопствена џез-кариера.
Сашо Поповски со Џејмс Њутон (САД) на УГД - Штип
„Џез-фабрика фест“ и годинава во подршка на македонските џез-музичари
Со пет авторски албуми зад себе, почнувајќи од 2005 година, Поповски во 2011 година ја добил идејата за „Џез фабрика фест“ како мултимедијална работилница за млади во соработка со Американското катче во Битола. Седум години подоцна, оваа идеја прераснала во фестивал, кој летово ќе се одржи по четврти пат.
- Идејата за формирање на фестивалот беше потребата за културна децентрализација и фокус на градот Битола како културен центар во минатото и денес, како и промоција на општината и вклучување во европските џез-мрежи, и поддршката на македонските џез-музичари преку промовирање на нивните албумски изданија.
Фестивал “Jazz Factory" - фото: Даниел Ѓурчиновски
- Четвртото издание на фестивалот „Џез-фабрика“ го задржува фокусот на промоција на нови изданија и соработки на македонски џез-уметници, па така ќе проследиме премиери на четири албуми кои се издадени изминатава година. Во главната програма ќе настапат: Васил Хаџиманов -трио, Пеџа Милутиновиќ - квинтет, Филип Динев - трио и “Human Touch“ - наши гости од Грција. Покрај концертите во главната програма, во делот на странична програма имаме изложба „Џезстетика“ на Татјана Ранташа, како и Хибридна конференција во организација на Асоцијацијата на џез-фестивали која, пред сè, ги таргетира студентите на музичките академии. Инаку, наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година и оваа година ќе ја добие гитаристот Филип Динев.