Фризерот Звонко Спасовски од Кавадарци преку ден прави магија со ножичките, а навечер ѝ се препушта на имагинацијата и влегува во светот на лејките изработувајќи украсни ламби со преубави орнаменти кои зрачат топлина
Благодарение на својата фантазија, уште како дете пораснато во сиромашно семејство, Звонко изработувал играчки за себе од материјали што му биле достапни. За тоа требало трпение, а токму трпението е главниот елемент и во неговата професија фризер, од која егзистира со години.
Кога ќе пристигне дома, Звонко го вклучува вжештениот метален пирограф, ја вклучува и својата имагинација и необичните лејки, кои се всушност растенија од родот на тиквите кои се среќаваат и под името црпка или гунга, ги претвора во уникатна форма со своја мистерија што испушта необична енергија.
- Ноќе кога тишината царува, јас им давам душа на лејките. Тие ми се предизвик од детството. Ми се допаѓа и тоа што оваа работа бара прецизност, креативност и уникатност – вели Звонко Спасовски.
Во македонската етнологија лејката е важен елемент. Звонко вели дека ја содржи македонската сончевина собирана шест месеци додека расте и се суши за потоа да се користи во секојдневниот живот како сад за црпење (црпка) или како сад за вода кај овчарите и земјоделците.
- Секоја лејка е посебна приказна, но подготовката за сите е иста. Претходно мора материјалот да се подготви и да се извади кората. Мора да се стигне до мазната површина и да се исчисти внатрешната површина. Кога ќе ја разгледам формата, одлучувам што би можело да се нацрта. Потоа ја исцртувам со молив, па следува горење со пирографот. Со него се добиваат нијансите на кафена и црна боја.
Следува резбање, длабење и на крајот дупчење. Една ламба ја изработувам во фази и ми требаат најмалку 30 дена да ја завршам. Простор за грешки нема во ниту една од фазите за изработка затоа што се работи со жежок предмет на мека површина - го објасни процесот Спасовски.
Нејзината специфична и убава форма го разубавува просторот, зрачи со енергија и дава смиреност во просторот. Лејката не се користи во исхраната, но има примена во фармацијата.
- Најчесто изработувам ламби, икони, кутии за накит, кошници... Одвреме-навреме изработувам и серии накит: обетки, ѓердани, приврзоци... Инспирацијата за шарите и орнаментите ја црпам од моите мисли и чувства, од древното и македонското. Јас се чувствувам како Македонец и припадник на животинскиот свет на планетата Земја. Се гледам себеси како жител на Сончевиот Систем, Млечниот Пат и вселената. Се трудам да ги разберам правилата на постоењето и работам на тоа да бидам добар Македонец, Земјанин, Сончевец, Млечен Патник и Вселенец. Овие чувства постојано ми извираат и ги канализирам во лејките кои откако ќе светнат, ја содржат во себе таа космичка енергија – раскажува Спасовски.
Звонко изработил декорации на околу 300 лејки кои се еднакви на површина од 90 м2, обработена со пирограф.
- Некои веднаш ја препознаваат магијата што ја имаат ламбите, и преку ден и во ноќната верзија. Некои подоцна знаат да ми се јават и да ми кажат дека ламбата е повеќе од ламба и на некој начин е магична, го облагородува просторот. Тоа е затоа што материјалот е плод на природата, правена е рачно - додаде фризерот од Кавадарци.
Интересно е што Звонко студирал електроника и телекомуникации, но при крајот на студиите почнал да работи како фризер. Пред околу 17 години тој почнал да дизајнира лејки. Самоукиот, 39-годишен уметник во 2004 година се појавил на базар на ракотворби во Скопје и добил признание за најдобар производ. Оттогаш ги комбинира професијата и хобито.
- Организаторите не очекуваа да видат млад човек кој го работи ова затоа што е потребно трпение. Сега сум на возраст од 56 години, имам трпение, но видот ми слабее и пак луѓето се чудат зошто го работам ова. Но, не се откажувам од оваа енергија и уметност - рече вештиот кавадарчанец чии изработки со оваа техника стигнале до ушите на рок-дивата Слаѓана Милошевиќ, која носи обетки и чантичка со негов декор.
Посебна енергија излегува од лејките. Енергија која е позитивна, енергија преку која може да се почувствуваат радост и тага. Таа енергија од светлината на лејките кои ги изработил скромниот Звонко може да помогне да го пронајдеме духовниот мир во кратките топли летни ноќи.
Фото: приватна архива