X
 21.07.2022 Наша тема

Македонската пчела е заштитена со закон, но многу пчелари кај нас одгледуваат неавтохтони видови и со тоа ѝ наштетуваат

Македонската пчела е опфатена во Законот за сточарство, каде што е ставена како подвид под посебен режим на заштита, а тука е и Протоколот од Рио со кој нашата држава се обврзува да посвети особено внимание на заштитата на автохтоните видови. Потребни се акции кои ќе го свртат вниманието на властите кон овие акти, но и јавни дебати за нивно подобрување и надградување, посочува Горан Алексовски, претседател на Здружението MacBee

Пчелите се едни од најважните жители на Земјата. Неодамнешни студии покажаа драматичен пад на бројот на пчелите. Неконтролираната употреба на пестициди, уништувањето на шумите или недостигот на цвеќиња се главните причини за нивното истребување. Меѓу многуте притисоци што го загрозуваат опстанокот на пчелите, климатските промени се меѓу најважните.

Меѓу причините зошто пчелите се најважни живи суштества е и фактот што 70 проценти од светското земјоделство зависи исклучиво од нив. Пчелите го вршат опрашувањето, без што растенијата не би можеле да се репродуцираат, а последиците би биле катастрофални, фауната на планетата би ја снемало за многу кратко време.

Алберт Ајнштајн рекол дека доколку пчелите исчезнат, на луѓето ќе им останат само четири години живот.


Горан Алексовски
Македонската пчела живее низ цела Македонија

Горан Алексовски е претседател на Здружението MacBee - македонско здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела Apis Mellifera Macedonica. Тој заедно со својот тим се залага за истражување, заштита, подобрување и промоција на автохтоната медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) во Македонија. Дополнително, Здружението спроведува активности за заштита и промоција на традиционалниот начин на одгледување на медоносните пчели и начинот на добивање на нивните производи.

Горан Алексовски е дипломиран земјоделски инженер и постдипломец на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје на студиската програма Анимална биотехнологија, модул Пчеларство. Веќе 13 години се занимава со пчеларство. Вели дека пчелари во околината на Скопје, на две локации, една на пониска надморска височина во село ’Ржаничино и втората, повисока локација во село Горњани на падините на Скопска Црна Гора.



На прашањето во каква состојба е медоносната пчела во Македонија и каква иднина ѝ претстои, тој ни изјави:

- Од 33 детерминирани подвида на западната медоносна пчела (Apis mellifera), 13 потекнуваат од Европа, а преостанатите се наоѓаат во Африка и Азија. Треба да се гордееме што во Македонија како автохтон егзистира токму еден од европските подвидови. Македонската пчела (Apis mellifera macedonica) ја има и на северот на Грција, во делови од Бугарија, Србија, Романија, Молдавија и Украина, но само кај нас ја покрива целата територија од државата. Детерминирана е во 1988 година од германскиот научник Фридрих Рутнер, кој утврдил дека оваа пчела се разликува од пчелите што ги има во земјите од опкружувањето. Неговата теза е потврдена од страна на проф. д-р Узунов и соработниците во 2007, 2009 и 2014 година со употреба на морфометриски и молекуларни методи. Кога велиме разлики, станува збор за карактеристики и особини кои се должат, пред сѐ, на аклиматизацијата на подвидот и неговата приспособеност на локалните услови и извори на храна. Токму ваквата приспособеност кон локалните услови ја прави оваа пчела незаменлива за одгледување во Македонија, но многу пчелари поради неинформираност или поради желба за брза заработка, на различни начини, најчесто нелегално, внесуваат пчелни матици од неавтохтони подвидови и комерцијални хибриди. Овие пчели не се приспособени на локалните услови, подложни се на болести, трошат повеќе храна, имаат покус животен век и не овозможуваат рентабилно пчеларење на подолг рок. На овој начин, освен што си нанесуваат штета сами на себе, им прават штета и на многу пчелари кои ја одгледуваат македонската пчела - ни посочува Горан.



Ставена е под режим на заштита

Ваквите увезени пчели ја хибридизираат популацијата на македонската пчела и на тој начин освен што може да пропадне повеќегодишна селекција, се загрозува и биолошката разновидност.

- Македонската пчела е опфатена во Законот за сточарство, каде што е ставена како подвид под посебен режим на заштита, а тука е и Протоколот од Рио со кој нашата држава се обврзува да посвети особено внимание на заштитата на автохтоните видови. Потребни се акции кои ќе го свртат вниманието на властите кон овие акти, но и јавни дебати за нивно подобрување и надградување. „Македонска пчела“ (MacBee) преку своето досегашно дејствување успеа во голема мера да придонесе за промовирање на македонската пчела дома и во странство. За жал, постојано се појавуваат пчелари кои, поради горенаведените причини, ја доведуваат во опасност автохтоната пчела. Во соработка со регистрираните одгледувалишта на пчелни матици реагираме и ги користиме сите легални алатки при забележување случаи на продажба на пчели од неавтохтони подвидови и континуирано работиме на кревање на јавната свест околу оваа тема. Учествуваме и ги поддржуваме активностите за изнаоѓање функционални модели за контролирано спарување на матиците од македонската пчела со трутови од истиот подвид, бидејќи тоа е најдобриот начин за одржување и унапредување на популацијата на автохтони медоносни пчели. Тука е и препораката пчеларите да набавуваат пчелни матици кои потекнуваат од селекционирани линии, a се произведени во некои од регистрираните одгледувалишта низ државава - истакнува Алексовски.



Потребна е едукација за важноста на македонската пчела

Правилната едукација е еден од најважните фактори за одгледување пчели. Но, се поставува прашањето колку пчеларите кај нас се запознаени со одржливо користење на природните ресурси, одржување баланс меѓу зачувувањето на биодиверзитетот и социо-економските придобивки истовремено?

- Преку студиските екскурзии и патувања реализирани во рамки на MacBee, имавме можност да се увериме што значи спроведување на организирана и системска пчеларска едукација. Пчеларските академии во Германија, Полска, Словенија се само дел од оние што имавме можност да ги посетиме и на чија работа се должат завидните пчеларски достигнувања во матичните држави. Пчеларската едукација и развивањето на свеста за значењето на пчелите, придобивките од користењето пчелни производи и заштита на природата во многу држави започнува кај децата уште во предучилишните установи. Соработката помеѓу пчеларите и образовните и научноистражувачките установи и институти е на највисоко ниво - ни истакнува тој.

Кај нас ваквите обуки се спорадични и без континуитет и најчесто се дел од некој краток пчеларски проект.

- Пчеларските едукации кај нас најчесто се одвиваат во рамките на локалните пчеларски здруженија преку размена на искуства помеѓу пчелари-предавачи кои најчесто доаѓаат од соседните земји, каде што условите за пчеларење и подвидот на пчели се разликуваат од нашите, па ваквата едукација понекогаш и не е од некоја полза. Сметам дека имаме доволно домашни стручни кадри, научни работници и едуцирани пчелари за едукација и обука на нашите пчелари на многу повисоко ниво, но недостига поддршка од страна на државата во оваа насока. Разединетоста и неорганизираноста на пчеларите, односно постоењето на два паралелни национални пчеларски субјекти, Пчеларска федерација, од една страна, и Сојуз на пчеларски здруженија, од друга страна, се показатели за состојбата во која се наоѓа домашното пчеларство и отсуството на страна која ќе ги застапува правата и ќе застане зад барањата на македонските пчелари - појаснува Алексовски.



Тешко е да се произведе квалитетен мед


Неговото здружение во 2013 година организира „Научно-стручно советување за пчеларство во Република Македонија“, кое потоа премина во традиционалниот годишен пчеларски настан „Пчеларски ден-знаење и дружење“, каде што странски и домашни експерти од областа на пчеларството ги запознаваат македонските пчелари со најновите достигнувања во пчеларството.

- Во рамките на проектот „Диверзификација на пчеларското производство“, поддржан од Министерството за економија, реализиравме обука за собирање пчелин отров и го издадовме „Прирачникот за производство на пчелни матици и матичен млеч“, со цел да укажеме и да едуцираме дека пчеларењето не е само производство на мед и дека неговата рентабилност треба да се бара во една поширока рамка - изјавува Горан.



Денес е вистински предизвик да се произведе квалитетен мед, па било тоа и во помали количини

- Како пчелари, фатени сме во костец со климатските промени кои сѐ повеќе ги менуваат традиционалните и зацртани термини на нектарење на медоносните растенија. Тука се и болестите и штетниците кај пчелите кои прават сѐ поголеми штети и загуби кај пчелните семејства, ги ослабнуваат и ги прават неподготвени за медоберот што следува. Користењето на пестицидите и прскањето на овошките во периодот на медобер, исто така, доведуваат до труење на пчелите и ослабување или умирање на пчелните семејства. Најдобрата алатка за справување со овие ситуации е одгледувањето автохтони подвидови на медоносни пчели, навремено третирање на пчелите против болестите и штетниците што ги напаѓаат, селидбено пчеларење и засадување што повеќе медоносна флора – вели претседателот на MacBee.

Овој текст е напишан како поддршка на иницијативата на UM Скопје за подигнување на свеста за важноста на пчелите и нивната заштита, во рамките на UM Impact Day.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема