X
 21.08.2019 Образование

Интервју со проф. д-р Цветко Андреески, декан на ФТУ - Охрид

Каква е традицијата на Вашиот факултет и кои студиски програми се изучуваат?

Следната година Факултетот за туризам и угостителство–Охрид ќе прослави јубилеј - 50 години од своето основање. Тоа ни зборува дека овој факултет има долга традиција и низ неговиот долготраен развоен процес поминале илјадници студенти. Ваквата традиција денес е поткрепена со 35 професори доктори на науки, кои предаваат на факултетот. Со тоа традицијата за висококвалитетен образовен процес и едукација на кадар продолжува.

Факултетот за туризам и угостителство денес нуди шест студиски програми: Туризам, Хотелско-ресторански менаџмент, Гастрономија, Осигурување, Царина и шпедиција и Менаџмент во услужен сектор.

Што е тоа што го истакнува ФТУ - Охрид во однос на други слични високообразовни институции во државата?


Следејќи го современиот развоен процес во високото образование, ФТУ секогаш се труди да одговори на барањата и потребите на пазарот на работна сила. Тргнувајќи од ова, ФТУ ги има формирано своите наставни програми, со што најуспешно би се одговорило на современите трендови. Понатаму, менаџментот на ФТУ се труди да биде во близок контакт со слични високообразовни институции и преку размена на искуствата да ги имплементира сите новини присутни во светски рамки.

интервју

Ако се видат статистичките показатели, туризмот во последните десет години бележи значаен развој. Со тоа се зголемува и побарувачката на стручен кадар во оваа област. Истото може да се заклучи и за услужниот сектор. Студиските програми Осигурување, Царина и шпедицијата, како и Менаџмент во услужен сектор се од областа на услужен сектор. За очекување е овој развој да продолжи и во следните години.

Друга карактеристика што го истакнува нашиот факултет од останатите е и интензивната издавачка дејност со многубројни учебници и научноистражувачки дела, кои според бројноста и квалитетот го ставаат факултетот меѓу водечките институции во Македонија.

Колку студенти е предвидено да се запишат на Вашиот факултет во академската 2019/2020 година и колку изнесува партиципацијата за студентите?

Во академската 2019/2020 година на ФТУ е предвидено да се запишат 300 студенти. Партиципацијата за редовните студенти е 200 евра, додека за студентите со кофинансирање и вонредните студенти партиципацијата е 400 евра.

Дали Вашиот факултет има имплементирано меѓународни програми и системи и кои?

Факултетот е посветен на квалитетот на своите студии и затоа одлучно работи на спроведување на Системот на контрола на квалитет според насоките на Европската агенција за евалуација во високото образование (ENQA). Уште повеќе, факултетот во наредната учебна година ќе иницира добивање на сертификатот TEDQUAL за квалитет на наставните програми по туризам на Светската туристичка организација (UNWTO).

Каква е соработката на Вашиот факултет со сродни високообразовни институции на регионално и меѓународно ниво?


Соработката на домашно и меѓународно ниво Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ја развива преку Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Со тоа на идните студенти им се нудат можности за студентска размена која ќе ги помине границите на државата. Како примери би ги споменале размените на професори со универзитетите во САД, Франција, Германија, како и размената на студенти со Франција и Германија. Притоа треба да се спомене дека ваквата размена кај професорите е двонасочна, односно на факултетот во минатите години престојувале и предавале професори од светски универзитети.

Професори од Факултетот за туризам предаваат во соседна Србија на Факултетот за туризам во Врњачка Бања, како и на Високата деловна школа во Лесковац. Нашиот факултет на некој начин е ментор на овие високообразовни институции за акредитација на слични студиски програми од областа на туризмот и услужниот сектор.

1

Дали ФТУ им нуди на студентите можности за студентска пракса и стручно доусовршување?


Факултетот за туризам и угостителство праксата ја смета за неразделен дел од образовниот процес. Токму затоа ФТУ има склучено договори со стопански субјекти од областите во кои тој работи за изведување на студентска пракса, но и за вклучување познати експерти од стопанството во образовниот процес. Во овој контекст важно е да се напомене дека студентите на насоката гастрономија практичната настава ја спроведуваат во текот на целата учебна година во рамките на кујната на ФТУ.

Каков е интересот на Вашите дипломци за продолжување на своето образование во и надвор од Македонија?

Според досегашното искуство, дипломираните студенти најчесто го продолжуваат своето образование на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, но има и случаи кога тие го прават тоа на други универзитети и факултети во земјата и странство. Притоа тие немаат особени тешкотии, затоа што се многубројни примерите за веќе нострифицирани дипломи во САД, Канада, Германија, Австралија.

Какви се можностите за вработување?


Можностите зависат пред сè од општиот социо-економски контекст во кој се наоѓа нашата земја, но треба да се каже дека при изведувањето интервјуа за работа нашите студенти имаат високи резултати. Исто така, наставните програми на факултетот се доста актуелни и опфаќаат области во кои секогаш постои потреба од високообразован кадар. Воедно, вредно е да се нагласи дека Факултетот за туризам и угостителство е посветен во исполнувањето на својата мисија, а тоа е остварување на висококвалитетен образовен процес и обучување кадри кои ќе стекнат врвни компетенции.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование