Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер е научен советник во Одделението за теорија на литературата и компаративната книжевност и редовен професор на вториот и третиот циклус на Културолошките студии при Институтот за македонска литература, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзина потесна област на научноистражувачки интерес е теорија на литература и компаративна книжевност, словенски литератури, книжевен лудизам, студии за култура и културна географија. Претседател е на Друштвото на писателите во Македонија.
Љубовта кон литературата и книгите ѝ потекнува уште од раното детство
- Станува збор за љубов кон литературата, кон читањето и пишувањето, а тоа што ја избрав токму компаративната книжевност (академска дисциплина која е општа, светска, односно се труди да го опфати феноменот на литературата во најшироки размери) е резултат на моето љубопитство, а и на атрактивноста на студиската програма во времето во кое се запишував на студии (тогаш тоа беше нова, провокативна, возбудлива студиска група, а јас бев дел од третата генерација нејзини студенти). Растев во семејство во кое се негуваше респект кон литературата – банално би било да речам дека бев опкружена со книги, но тоа е факт; навистина ги имаше многу во мојот дом, и како дете имав можност да ѕиркам во нив, да ги разгледувам, особено да се задлабочувам во некои што се сметаа за несоодветни за мојата детска возраст... Паметам една убава мала книгичка со бели платнени корици – антологија на љубовни стихови, која како мала особено ја сакав и обично ја читав кога бев сама, како да вкусувам од некое забрането овошје. Меѓу првите книжевни љубови ми беше и една антологија на шпанската поезија, а доста долго ми беше пријателка дебелата книга „100 најзначајни романи од светската книжевност“, исто така со бели корици, но и со златни букви, која како некој сообраќаец ме насочуваше што треба да читам во моето книжевно растење. Еве, и на мојот пример се покажа колку можат да бидат поттикнувачки таквите изданија кои прават пресек на светските класици со куси биографски белешки, извадоци од делата и синтетизиран критички осврт. Можеби таа книга беше предзнакот, никулецот на мојата идна професија?! Од денешна перспектива можам да заклучам дека силна улога одиграл и фактот што јас не се дружев со книгите само во осама, само при моето пребирање по библиотеката, туку литературата, поточно поезијата, беше дел од нашиот секојдневен семеен живот. Татко ми пишуваше метричка поезија и препејуваше поезија, па многу често пред нас ги читаше стиховите, а бараше и од мајка ми или од мене да му прочитаме – за да слушне „како звучат“. Така што многу рано научив дека стиховите треба да очекувам да „ми звучат“, „да ме растреперат“, „да ми пренесат некоја енергија“, заедно со она што на рационално ниво ќе го сфатам од нив.
Несебично вложила труд во покренувањето на списанието Контекст/Context, на кое е долгогодишен уредник, како и во формирањето на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија
- Списанието Контекст/Context е една убава и навистина успешна приказна на Одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност при Институтот за македонска литература. Тоа е чедо, рожба на прекрасниот тим на одделението во тоа време: Анастасија Ѓурчинова, Александар Прокопиев и јас, под раководство на академик Влада Урошевиќ. Тогаш Институтот уште беше во состав на Филолошкиот факултет и не беше едноставно да се реализира идејата за прво академско компаратистичко списание. Кога се појави, во 1995 година, беше проблесок на чист ентузијазам. Првите седум броја излегоа под титуларот Книжевен контекст и се објавуваа само на македонски јазик, а се фокусираа строго на компаративната книжевност. И денес ми е возбудливо да се потсетам со колкава посветеност ја смислувавме насловната страница, ги подредувавме текстовите во колони, техника што бараше секогаш многу поголем ангажман од вообичаениот, се радувавме на секој добиен текст... Првите броеви беа, пред сѐ, слика на она што тогаш го работеше одделението и излегуваа не сосема редовно, во зависност од тешко обезбедените средства за реализација. Од 2010 г. списанието почна да излегува како Контекст, со што се назначи дека интересот не се ограничува само на сферата на литературата, а почнавме да објавуваме и текстови на англиски јазик. Списанието сега се објавува редовно, по два броја годишно, и со постигнувањето на релевантните стандарди претендира да биде врвно академско списание. Што се однесува до членувањето во Друштвото за компаративна книжевност на Македонија (ДККМ), кое сега е преименувано во Здружение (ЗККМ), во него членував уште од студентски денови, кога на негово чело беше нашиот професор, инаугураторот на компаратистиката кај нас, сега покоен, академик Милан Ѓурчинов. Оваа катедра изнедри голем број исклучителни интелектуалци кои се поврзани во тоа здружение. Во одреден период и јас ја имав грижата за тоа здружение како негов претседател и можам да потсетам дека тогаш ја отпочнавме издавачката дејност, остваривме интензивна комуникација со компаратисти од светот, организиравме неколку значајни гостувања на професори од други универзитети... Сепак, она што најдлабоко ми е врежано во сеќавање како значајна активност од тоа време е организацијата на Конгресот на Европската мрежа за компаративна книжевност во Скопје и Охрид во 2011 година, на кој учествуваа стотина компаратисти од странство. Комплексната организација ја понесе Институтот за македонска литература (пред сѐ, нашето компаратистичко одделение) во соработка со тогашното ДККМ, на чие чело во тој момент беше Владимир Мартиновски.
Лекторскиот ангажман на престижниот Карлов универзитет во Прага, Чешка, придонел за нејзиниот интерес за словенските литератури
- Со славистика, поточно со словенските литератури, се занимавав и пред да заминам на лекторски престој во Прага, во 1997 година. Веројатно токму тие претходни проучувања од областа на славистиката биле основната причина за да ми биде овозможен лекторскиот ангажман. Самиот престој од речиси четири години во магичната Прага, на престижниот Карлов универзитет, за мене беа едно извонредно искуство. Оттогаш на сите помлади колеги им препорачувам дека е неопходно барем година-две да се минат на некој странски универзитет за да може вистински да се почувствува академскиот пулс, да може да се споредува другата средина со сопствената, да може критички да се дејствува и да се надградува, и на лично и на колективно ниво. Верувам дека тоа е важно за секоја професија, ама за нас, компаратистите, мислам дека тоа е неопходно. Имав среќа што за мене таа можност „да дишам и во друга култура“ се оствари преку непосредниот контакт со чешката култура, која е многу богата и специфична и која ние сѐ уште недоволно ја познаваме и следиме. На многу нивоа ги почувствував придобивките од мојот престој во Чешка, но она што ми носи посебна радост е што во последниве неколку години собрав храброст да го употребам моето познавање на чешкиот јазик на креативен начин и веќе преведов неколку интересни романи од современата чешка литература на македонски јазик. Тоа ми отвори врата во еден нов животен предизвик: книжевниот превод. Со тоа, мојата поврзаност со чешката култура останува трајна.
Претседател е на Друштвото на писатели во Македонија
- Следниот месец се заокружува мојот мандат како претседател на Друштвото на писатели на Македонија, асоцијација која има исклучително значење за македонската култура. Тоа е нашата најстара писателска асоцијација, формирана пред 75 години од бардовите на македонската современа литература. Друштвото е неопходна алка во механизмот на книжевниот живот затоа што претставува полигон на кој писателите по еснафска линија можат да разменуваат мислења, да водат полемики, да се натпреваруваат во своите креативни дострели, аргументирано да се критикуваат, да едуцираат книжевна публика и многу други нешта битни за една здрава и разгранета култура. Друштвото е и една ретка можност за книжевните творци, кои по природата на нештата се индивидуалци, да се сплотат во нешто што значи тимско функционирање, во смисла на креирање заеднички ставови во однос на проблеми што ја засегаат писателската дејност. Особено во оваа турбулентна доба на глобализација, писателската асоцијација е една од институциите, иако само на ниво на граѓанско здружение, што имаат неоспорно значење во негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и култура.
Работи на низа национални и меѓународни проекти, приредувач е на повеќе зборници, антологии, автор на предговори и поговори, автор на монографии
- Најтешко од сѐ ми беше во стекнувањето академски степени да ја ажурирам, библиографската белешка – претпоставувам, затоа што возбудата не ја наоѓам во сумирањето на сѐ што сум објавила и остварила, туку во самиот процес на подготовка, во предизвикот на тоа што допрва сакам да го реализирам. Сите проекти ми биле драги додека се „крчкале“, додека биле „врели“, а откако се остварени, тие веќе не се мои, туку на читателите, студентите, јавноста. Во сите проекти сум влегувала со радост, одговорност и посветеност. Оттаму, денес не би можела со сигурност да ви набројам што сѐ сум остварила во минатото, но сега, во моментов, работам на: макропроект на Институтот за македонска литература, превод на збирка раскази од чешки јазик, редактирам материјали за книгата што ја подготвувам за објавување, конципирам и пишувам трудови за Конгресот на меѓународната асоцијација за компаративна книжевност во Тбилиси и за Конгресот на европските компаратисти во Рим. Тековно го уредувам новиот број на списанието Контекст, се грижам за активностите на ДПМ до истекот на мандатот, ги раководам докторските студии на нашиот Институт, менторирам една магистерска, многу други помалку или повеќе значајни обврски што ми го исполнуваат животот... Се надевам дека ќе можам да им се посветам искрено и со неопходната енергија. И дека затоа ќе бидат успешни!