Патувањето на аеродромот „Чанги“ во Сингапур, кој е еден од најдобрите аеродроми во светот, ќе биде уште полесно почнувајќи од следната година. На овој аеродром ќе може да се патува без пасош.
Од 2024 година ќе биде воведено автоматско овластување за патување, со што ќе се елиминира потребата од пасоши. Автоматизираниот систем ќе користи биометриски податоци.
- Сингапур ќе биде една од првите земји во светот што ќе воведе автоматско царинење, без пасош - најави министерката за комуникации Жозефин Тео, обраќајќи им се на парламентарците на презентацијата на промените во Законот за имиграција.
Биометриската технологија и софтверот за препознавање лица веќе се делумно во употреба на аеродромот. Претстојните промени ќе ја намалат потребата патниците да ги покажуваат своите пасоши повеќекратно и ќе овозможат полесно процесирање на патниците. Сепак, како што истакна министерката Тео, ќе бидат потребни пасоши за многу земји каде што не е можно да се патува без пасош.
Аеродромот опслужува повеќе од 100 авиокомпании кои имаат летови до 400 града во 100 земји низ светот. Во јуни оваа година имаше 5,2 милиони патници. Во моментов има четири терминали, а се планира изградба на уште еден поради зголемувањето на бројот на патници.
Иднината на патувањето?
Некои веруваат дека биометриската идентификација на патниците ја претставува иднината на патувањето. Во 2018 година меѓународниот аеродром во Дубаи создаде биометриски тунели кои се користат за идентификување на патниците врз основа на препознавање на лицето. Идентификацијата трае само пет секунди. Патниците на овој аеродром имаат можност да се идентификуваат со отпечаток од прст или скенирање на лицето наместо да носат пасош.
Технологијата за препознавање лице делумно се користи и на аеродромите во Хонгконг, Токио, Делхи, Лондон и Париз.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Аеродром „Чанги“/Pixabay