X
 29.11.2019 Здравје

Граѓански протест за почист воздух

Граѓанските организации денеска организираат протестен марш против аерозагадувањето, кој ќе почне во 17 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе заврши пред Владата во 18 часот.

 - Ние, обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, кои застанавме зад организацијата на Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја - велат од граѓанските организации.

Барањата се остварливи, конкретни со рокови и одбрани по темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив, сметаат тие.

- Не прифаќаме одговори дека се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зашто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област. Несфатливо е одолжувањето на конкретни активности како носење закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по пет години, како Законот за почва на пример - се потенцира во соопштението од О2 Иницијатива.

За граѓанските организации е несфатливо кочењето на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина.

- Несфатлива е инертноста кога се во прашање 3.500 животи на ваши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања. Затоа бараме исполнување на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби - велат активистите.

Маршот, посочуваат тие, е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен и притоа се оградуваат од секакви политички влијанија. Секој е добредојден, велат организаторите, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа, најавуваат граѓанските активисти, е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кои ова го бараме, за нашата иднина.

(Извор МИА)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје