X
 27.03.2020 Образование

И покрај спецификите на професијата, Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје ја почна онлајн-наставата

Сите активни студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје, кои имаат запишан летен семестар во учебната 2019/2020 година, ја продолжија наставата користејќи ги сите понудени ресурси од страна на наставниците и соработниците.

Имено, од самиот почеток на вонредните услови поголем дел од наставниот кадар почна со електронска комуникација со студентите со цел навремено доставување на материјали, работни задачи, семинарски работи итн., а еден дел преку користење различни платформи започнаа со онлајн-настава, со цел да се придонесе кон јавното здравје во државата и надминување на периодот на прекин на наставно-образoвниот процес за студентите поради појавата на Ковид-19. 

Факултетот за земјоделски науки и храна и претходно имаше вакви искуства при нормални услови на функционирање, со цел да се олесни начинот на комуникација со студентите и наставникот да биде достапен за студентот секогаш кога има потреба. Затоа, за нас како институција значајно е што професорите се исклучително креативни и брзо се приспособуваат. Сепак, мора да се напомене дека онлајн-наставата бара и посебна техничка поткрепа, и да признаеме, одредени финансии за непречено функционирање. Среќа што во денешното време на живеење информатичката технологија навлезе во сите пори на општеството, па така, кога станува збор за земјоделството како сектор, постојат големи можности за имплементација.

Со цел навремено да им излеземе во пресрет на студентите и наставниците во оваа вонредна состојба, Факултетот презеде мерки за обезбедување на лиценцирана платформа за електронска настава преку пакетот Office365 for Education (Microsoft Teams), при што за сите студенти се изработени кориснички сметки, креирани на домен @students.fznh.ukim.edu.mk, а со тоа е обезбедено унифицирано решение за сите активни корисници на ФЗНХ, кое ќе се користи и во идниот период. Истите придобивки ги имаат и сите вработени на факултетот, со што е овозможена меѓусебна онлајн-комуникација, со можност за одржување состаноци на комисии, работни групи, консултации, и друг вид работни средби.

На сите наши студенти сакам да им препорачам да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на овој вирус. Потоа, ова ново искуство да ги направи посилни и поуспешни во животот. Со оглед дека практичната настава во моментов ќе остане за некои подобри времиња, апелирам своето слободно време да го користат и за дополнителна едукација, согласно можностите што ги нуди денешната ИКТ-технологија.

Препорака и до сите наши соработници е дека е неопходно во новонaстанатите услови да се почитуваат препораките за безбедна електронска комуникација, зашто само на тој начин сите заедно побрзо ќе се вратиме во нормалниот тек на животот.

За крај, сакам да истакнам дека нашата одговорност како високообразовна институција е голема и најважно е да им се посветиме што е можно повеќе на нашите студенти, да им овозможиме што повеќе информации, и да споделиме практични искуства, со што би го збогатиле нивното знаење. Факултетот ги смета своите студенти за свои партнери кои можат многу да придонесат во новонастанатата состојба, и во сето она што го очекува земјоделскиот сектор потоа.                         
                        
Проф. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование