21.11.2018
Живот
Илон Маск доби ривал во освојувањето на вселената
До пред извесно време САД, Русија и други побогати држави во светот се натпреваруваа која ќе стигне најдалеку во вселената, главно преку државните вселенски агенции, но денес властите имаат други приоритети, па трката ја преземаат приватни компании.
Додека Илон Маск и неговата „Спејс-икс“ се обидуваат да стапнат на Марс пред НАСА, сега добија уште еден конкурент во рускиот милијардер, филантроп и љубител на науката - Јуриј Милнер.
На седмото доделување на наградите „Брејктру прајз“, чија цел е да ги претвори научниците во херои, Милнер ги обелодени целите што ги поставила неговата компанија.
Тој нагласи дека не сакаат да ја засенат НАСА или која било друга државна вселенска агенција, туку да помогнат во мисиите за изнаоѓање вонземски живот или нов дом за човештвото.
Милнер како можни први дестинации за истражување ги посочи месечините на Сатурн и на Јупитер, Енцелад и Европа, па дури и Венера, каде што, според него, колку и да звучи невозможно, може да има живот.
Марс засега му го препушта на Маск.
Извор: МИА