X
 01.08.2018 Наука

Сонцето ја менува формата, научниците немаат одговор на тоа прашање



Сонцето е просечна ѕвезда во однос на сето она што го знаеме за другите ѕвезди.

Сепак, се работи за исклучително возбудлив нуклеарен реактор кој создава псевдоторнада и соларни факели и емитува бранови од плазма во вселената.

Новата студија потврдува уште еден фасцинантен момент. Имено, се чини дека Сонцето се шири и се собира на секои 11 години за еден до два километри. Би можело да се каже дека тој феномен наликува како Сонцето да дише, и тоа многу бавно.


Сонце и птици
(Фото: Pixabay)


Се работи за многу слаби промени, затоа што тие дополнителни километри го менуваат дијаметарот на Сонцето за најмногу 0,00029 проценти. Имајќи го ова предвид, делува речиси невозможно како екипите од Технолошкиот институт во Њу Џерси и Универзитетот на Азурен брег воопшто успеале да ги забележат тие промени.

Научниците се концентрирале на брановите плазма кои се исфрлаат, а потоа се враќаат на површината на Сонцето. Се покажало дека фреквенциите на овие бранови не се многу различни од звучните бранови кои ги создаваат музичките инструменти. Да го земеме како пример саксофонот. Ќе отсвирите нота, ќе се чуе звук, и сето тоа е во ред. Меѓутоа, ако цевките од саксофонот одненадеж се прошират, висината на тонот ќе падне. Ако се стеснат, тонот ќе се повиши.

Во таа смисла, Сонцето е како голем саксофон. Фреквенциите на брановите се менуваат во зависност од ширината на Сонцето, а тоа може многу прецизно да се измери.

Сепак, не беше лесно. Беа потребни 21 година набљудување преку два одвоени вселенски телескопи на НАСА за да се стигне до ова откритие.

Самото „дишење“ на Сонцето е поврзано со соларните циклуси. Секои 11 години Сонцето од немирниот соларен максимум оди до помирниот соларен минимум.

На својот максимум сончевите дамки, видливи како темни дамки од интензивна магнетна активност, се појавуваат почесто и се концентрираат под и над екваторот. Поголемиот број сончеви дамки ја зголемува можноста од појава на сончеви бури, чии последици можат да варираат од засилена поларна светлост на небото до дефекти во електричната инфраструктура. Во текот на соларниот минимум, сончевите дамки стануваат поретки.

Оваа активност е последица од магнетна активност што се случува длабоко под површината, на длабочина од повеќе милиони метри. Сонцето малку се шири во текот на солараниот минимум, а се собира во текот на максимумот. Иако научниците изјавија дека моментално „нема теорија“ што би ја поврзала промената на големината на Сонцето со внатрешните магнетски процеси, тие сепак сугерираат дека тоа е поврзано со промената на ориентацијата на магнетските полиња што се случува во текот на циклусот.

Овие мали промени на сончевите димензии, немаат влијание врз климата на Земјата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука