X
 21.11.2021 Живот

Препознавање и превенција на насилството во училиштата

Оценката не смее да се користи како метод за воспитување и дисциплинирање на учениците затоа што оценката е мерило на знаењето на учениците. Единицата како казна не придонесува за корекција на однесувањето, туку, напротив, само го продлабочува конфликтот и придонесува за зголемување на насилството и нетрпеливоста меѓу учениците и наставниците. Треба да бидеме свесни дека насилството продуцира ново насилство и тоа е еден затворен магичен круг

Пишува: м-р Марија Младеновска-Димитровска, училиштен психолог


За жал, неодамна нашата јавност беше сведок на многу немил настан кој се случи кога наставник употреби физичко насилство како метод за дисциплинирање на ученик. Тоа беше настан од кој се згрози јавноста и фрли дамка врз наставничката професија. Јавноста бурно реагираше, имаше жестоки критики и линч кон наставникот, но имаше и дел од јавноста која ја оправда постапката на наставникот, тврдејќи дека има ученици кои со своето лошо поведение навистина претеруваат и дека наставниците во денешно време се сѐ поизложени на недолично однесување и особено вербално насилство од своите ученици.
Иако јавноста не ја знае причината за испадот на наставникот во конкретниот случај, но без оглед која и да била причината за таквата постапка, мораме да укажеме дека не смее да има никаква толеранција за насилство во училиштата, уште помалку од страна на наставник кон ученик. Но, од друга страна, мора да укажеме дека во ваква ситуација, под силни емоции поради тоа што го виде јавноста, не смееме ниту да правиме јавен линч на наставникот, затоа што и тоа е вид насилство.

Сите ние како наставници кои сме вклучени во воспитно-образовниот процес не смееме да си дозволиме никакви испади на насилство, без оглед на однесувањето на учениците и колку тие со своите постапки ја преминале границата на пристојноста. Наставникот има методи и алатки кои ќе му помогнат да дејствува на воспитен начин за превенција и справување со насилството во училиште. Секој наставник треба да биде свесен за професионалната одговорност што ја носи, за улогата што ја има и како наставник и како личност. Воедно, треба да е свесен за својот авторитет врз учениците, треба да биде свесен дека тој е возрасна и зрела личност, и ни по возраста, ниту по професионалната улога и искуството, не смее да си дозволи ученик да го доведе во ситуација да ја загуби контролата врз себе и сопствените емоции, однесувањето и да биде испровоциран.
Во ситуации кога наставник на работно место се соочува со некаква форма на насилство од страна на ученик или различни провокации, тој треба да биде свесен за ситуацијата, да има контрола врз сопствените емоционални доживувања, да не влегува во директен конфликт со ученик кој манифестира насилство и да му пристапи конструктивно и смирено кон решавање на проблемот. Се разбира, доколку станува збор за ситуација која е поделикатна и со која не може самостојно да се справи, секако, може да ја вклучат и стручната служба и директорот на училиштето.

Секое несоодветно однесување на наставник кон ученик и употреба на вербално или физичко насилство кон ученик може да има сериозни психолошки последици врз ученикот кој бил изложен на тоа, зашто секое насилство раѓа ново насилство и треба да внимаваме како тоа ќе влијае врз личноста на ученикот. На крајот на краиштата, ние не ги знаеме сите причини и околности што доведуваат до тоа одреден ученик да се однесува насилно на училиште. Тоа секогаш ни е аларм дека со детето кое манифестира насилно однесување нешто се случува. Тие се најчесто деца од дисфункционални семејства, семејства во социјален ризик или деца кои можеби имаат одредени психолошки проблеми.

Во практиката сме се соочиле со различни ситуации кога некои ученици навистина знаат да провоцираат и да вршат, пред сѐ, психичко насилство кон наставниците, затоа треба навремено и соодветно да се реагира да се спречи секој облик на насилство, но и да се дејствува едукативно за да се превенираат слични ситуации во иднина.

Во ситуации кога наставник е испровоциран од недолично и насилно однесување на ученик и му се испуштил некој несоодветен збор, навреда упатена кон ученикот, треба за тоа да биде известена стручната служба во училиштето и да се преземат сите потребни мерки. За жал, некогаш се случува во практиката, кога како казна за несоодветно однесување на ученикот се користи пишување слаба оценка, што не е педагошки исправно. Оцената не смее да се користи како метод за воспитување и дисциплинирање на учениците, затоа што оценката е мерило на знаењето на учениците и не може да се користи како воспитна мерка. Единицата како казна за однесувањето на одреден ученик воопшто не придонесува за корекција на однесувањето, туку, напротив, само го продлабочува конфликтот на релација наставник-ученик и придонесува за зголемување на насилството и нетрпеливоста меѓу учениците и наставниците кои ја применуваат оваа мерка.
Напротив, потребно е воспитно да се дејствува преку добра комуникација со учениците за коригирање на однесувањето, поголема емпатија и разбирање, индивидуална советодавна работа од страна на стручната служба, која со своите методи, техники и психолошки интервенции може значајно да влијае за надминување на конфликтот и подобрување на однесувањето.

Доколку во училиштата има случаи на деца што биле изложени на малтретирање од вработени во училиште, за надминување на последиците, потребно е да им се даде психолошка поддршка од страна на стручната служба, класен раководител и други наставници во кои ученикот има доверба. Треба децата да се охрабруваат да пријават секаков вид насилство, вклучително и насилство кое го врши наставниот кадар. Училиштата не смеат да имаат никаква толеранција за насилството. Многупати учениците се плашат да пријават насилство од наставник кон нив, затоа што се плашат од последиците кои би ги трпеле поради тоа. Сепак, наставникот е авторитет за децата и тие чувствуваат страв дека ако пријават, никој нема да им верува, ниту да ги заштити и дека дополнително ќе трпат последици во однос на успехот од страна на наставникот кој им врши насилство.

Потребно е стручните служби во училиштата и класните раководители, пред сѐ, да ги едуцираат децата да можат да го препознаат насилството, особено психичкото насилство, во кое спаѓаат упатување навреди кон личноста на ученикот, дискредитација на ученикот, упатување закани, пишување единици како казна за одредено однесување на ученикот, манифестирање самоволие на наставникот кон учениците, необјективност во оценувањето, исклучување од учество на часовите на тие деца, уценување со барање за примање подароци од ученици итн.

За жал, често пати децата не го препознаваат психичкото насилство, па ни возрасните, а тоа е многу позастапено од физичкото казнување, кое е поретко. Потребна е едукација и на родителите за препознавање на насилството, следење на поведението на децата и разговор со нив што им се случува на училиште и охрабрување да го пријават кај стручните служби, наставниците или директорите на училиштата, така што би можело да се реагира и соодветно да се постапи. Потребна е и поголема едукација на наставниците за насилството, затоа што и меѓу наставниците има поединци кои не се свесни дека одредени постапки се вид насилство. Потребна е, исто така, едуцираност кај сите вклучени во воспитно-образовниот процес за стратегии за справување со негативните емоции како бес, гнев, лутина, страв, кои се причина за агресивно однесување, како и градење вештини за конструктивно справување и надминување конфликтни ситуации, развивање на емпатијата едни кон други, градење вештини за комуникација.

Сите што сме вклучени во воспитно-образовниот процес треба да бидеме свесни дека насилството продуцира ново насилство и тоа е еден затворен магичен круг. Многу е важно да работиме на подобрување на комуникацијата меѓу наставниот кадар, учениците, но и родителите. Сите сме дел од таа тријада и заедно придонесуваме за воспитувањето на младите генерации. Мораме повеќе да работиме на градење односи на разбирање и емпатија едни кон други, да не осудуваме лесно, да не етикетираме, навредуваме, омаловажуваме, да не се закануваме. Ние како психолози знаеме дека зад секое несоодветно, агресивно, девијантно однесување на младите има одредени причини, за кои средината можеби не знае. Многу деца што се агресивни и насилни, што манифестираат бес, гнев, лутина, можеби се соочуваат со сериозни лични, семејни, егзистенцијални проблеми, потекнуваат од дисфункционални семејства, од семејства во кои веќе има насилство, самите се жртви на насилство во семејствата, па потоа на училиште ја празнат акумулираната агресија кон соучениците и наставниците и многу други проблеми. Затоа е многу важно да се препознаат знаците на сите видови насилство, навремено да се вклучи стручната служба која ќе работи со детето-жртва на насилство, но и со детето-насилник и нивните семејства. Така ќе изградиме една поткрепувачка, мотивирачка и конструктивна средина која позитивно ќе влијае врз младите генерации да се изградат во емотивно здрави и психички стабилни луѓе.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот