Бела буква „Н“ во виолетов круг. Кога фармацевтот Фатих Кајнак ќе го види тој симбол на својот монитор, знае дека потребниот лек не е достапен.
- Ни недостигаат антибиотици, лекови против болки и лекови за крвен притисок, како и лекови за рак или стомачни заболувања - вели Кајнак. Во неговата аптека во Берлин моментално недостигаат 274 препарати.
- Особено ни е тешко да се грижиме за децата - вели Кајнак.
Бебињата и малите деца не можат да голтаат таблети. Кога имаат температура или болка, им се даваат сирупи кои содржат активна состојка парацетамол или ибупрофен. Секоја година во Германија се продаваат повеќе од десет милиони вакви сирупи, но моментално полиците во аптеката каде што работи Кајнак се празни. Недостигаат и пеницилински и антибиотски сирупи.
Проблеми со снабдувањето имаше и летово, но повремено, вели овој фармацевт.
Болниците се полни
Очајните родители со месеци пишуваат за тоа на социјалните мрежи и форуми. Таму се разговара и за алтернативи, но сѐ почесто единствената опција е да се носи детето во болница бидејќи ладните облоги дома не му ја намалуваат температурата.
Но, поради големиот број случаи на респираторен синцицијален вирус (РСВ), детските одделенија се толку преоптоварени што дури и малите пациенти мора да чекаат со часови за да бидат примени. Бидејќи клиниките се полни, децата се враќаат дома. А и болниците мака мачат со набавката на лекови. Затоа, многу болнички аптеки почнаа да прават сопствени сирупи.
И многу други аптеки го прават тоа. Но, ако се земат предвид трошоците за суровини, персонал и работна сила, шишето ќе треба да чини дваесет евра. Берлинскиот аптекар Кајнак веќе размислува да почне да подготвува сирупи, па вели: - Цената не значи ако детето има висока температура.
Станува збор за пари
Токму цената ја предизвика ваквата состојба на германскиот пазар. Производството на индивидуални препарати во Германија и Европа едноставно не е исплатливо за фармацевтската индустрија.
Фото: Freepik
На пример, здравственото осигурување на компаниите им плаќа 1,36 евра за шише сируп „парацетамол“. Оваа цена не е зголемена веќе десет години, а во меѓувреме цената на активната состојка парацетамол само годинава е зголемена за 70 отсто.
- Експлозијата на цената на лековите и производството, заедно со замрзнатите продажни цени, доведе до тоа лекови како сирупот да се произведуваат со загуба. Ниту една компанија не може да го издржи тоа на долг рок - вели Андреас Буркхард, извршен директор на фармацевтската компанија „Тева“.
Оваа компанија е последниот голем производител на „парацетамол“ во Германија. Пред 12 години имаше 12. Откако уште еден од нив го прекина производството во мај годинава, „Тева“ треба да покрие 90 отсто од побарувачката. Тоа не е изводливо, посочуваат од компанијата. Затоа ги откажаа сите нарачки од германските аптеки.
- Има премалку добавувачи. Фиксните цени предизвикаа производството да се пресели во земји со ниски плати како што се Индија и Кина, а таму има проблеми со синџирот на снабдување, што води до тесни грла во дистрибуцијата - вели Томас Фишбах, претседател на здружението на педијатри.
Производството би требало да се врати од Азија
Лекарите, но и опозициските политичари бараат итни мерки од сојузната влада. Многумина бараат средба на врвот меѓу федералните и провинциските влади за централизирана набавка на лекови.
Министрите за здравство да се координираат со производителите и трговците на големо, но и да бараат лекови во соседните земји. Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах вети брз одговор на предлогот.
Експертите се залагаат и за државно производство на есенцијални лекови во Германија. Време е, велат, производството да се врати од Азија.
Фармацевтската индустрија, пак, бара зголемување на давачките за лековите. Oттаму велат дека треба да се укинат договорите според кои здравствените осигуреници плаќаат само фиксни износи - барем додека повеќе компании повторно не започнат со производство.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Freepik