X
 29.01.2022 Наука

Поради климатските промени, може да останеме без кафе

Лоши вести за љубителите на кафе - поради климатската криза, во наредните години ќе биде сѐ потешко и потешко да се одгледува кафето арабика, покажаа резултатите од студијата објавена во средата во научното списание „Плос уан“.

Студијата испитуваше како ќе се променат условите за одгледување кафе до 2050 година, врз основа на проекциите на неколку глобални климатски модели. Резултатите покажуваат дека поради климатските промени, одгледувањето зрна кафе ќе биде драстично потешко во регионите познати по нивното производство.

Арабика, која ја користи најголемиот светски продавач на кафе „Старбакс“, како и други големи трговци на мало, веќе е комплицирана сорта за одгледување бидејќи бара многу специфични услови. Во моментов оваа сорта се одгледува во Централна и Јужна Америка, најмногу во Бразил, како и во Централна и Западна Африка и делови од Јужна и Југоисточна Азија, според студијата спроведена од Роман Грутер и неговиот тим на Универзитетот во Цирих.

- Најважните земји опфатени со студијата (Бразил, Виетнам, Индонезија, Колумбија) трпат сериозни последици од климатската криза, што се рефлектира со значително намалување на површините погодни за одгледување кафе и значително зголемување на неподобните површини за одгледување до 2050 година - се вели во извештајот, во кој се нагласува дека повисоките температури го комплицираат процесот на растење.

Студијата, исто така, испитуваше како климатските промени ќе влијаат врз условите за растење на индиските ореви и авокадото. Зголемувањето на температурата може да создаде услови за нивно одгледување и во некои други области.

Сепак, кафето е најранливо, а негативните последици од климатската криза ги погодуваат сите најважни области на производство, се вели во студијата.

kafe
Фото: Freepik

Авторите заклучуваат дека за сите три намирници ќе биде неопходна адаптација на новите климатски услови во повеќето големи производствени региони.

Тоа би можело да значи размножување сорти кои се подобро приспособени на новите услови. Во случајот на кафето, тоа значи дека производителите би морале да се префрлат на сортата робуста, која е поотпорна, но сепак со послаб квалитет во споредба со арабика.

- Во најлош случај, земјоделците ќе мора да се префрлат на одгледување други култури. Тешко е да се предвиди кога и каде ќе се случи тоа -  вели авторот на студијата.

Некои компании веќе се подготвуваат за новите услови. „Старбакс“, на пример, почна да дистрибуира сорти на кафе отпорни на климата и работи на заштита на ризичните шуми во важни области за одгледување кафе.

Пораст на цената на кафето

Цените на кафето веќе скокнаа поради лошите временски услови. Тешката суша и невообичаените услови за мраз во Бразил, најголемиот светски снабдувач на зрна кафе, веќе доведоа до зголемување на цената на кафето.

Малопродажните цени на кафето во САД пораснаа за 6,3 отсто минатата година, под вкупната инфлација. Големите компании за кафе, вклучително и „Старбакс“, купуваат кафе однапред по одредени цени. Но, на крајот покачувањето на цените ќе ги погоди потрошувачите.

Кафето е само една категорија што е под влијание на екстремните временски услови. Сушите, бурите и мразот, кои претходно биле ретки или нечуени во некои области, стануваат норма во земјоделските региони низ светот, што им отежнува на земјоделците да планираат однапред, предизвикувајќи хаос во резервите на храна и зголемувајќи ги цените.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука