X
 22.02.2019 Економија

Кина ја укинува автономијата на Хонгконг и Макао поради Силициумската долина на истокот?

Проектот за најголемиот светски технолошки мегалополис на јужниот брег на Кина ги доби своите официјални нацрти. Амбициозниот развоен план за „источната ИТ-мека“, таканаречената Голема заливска област, уште во 2017 година беше претставен од страна на кинескиот претседател Шји Џјинпинг, но сега идејата за поврзување на кинеските градови на јужниот брег - Хонгконг, Макао, Шенжен и Гуангџоу е голем чекор поблиску до реализација.

Тоа би било копија на калифорниската Силициумска долина, која би поттикнала економија вредна милијарди долари. Трошокот за целиот потфат е тешко да се процени, но, како што пишуваат западните медиуми, тоа е долгорочна визија за изградба која би требало да трае до 2035 година. Сепак, тоа не значи дека во инфраструктурата веќе не се потрошени милијарди. Така, на пример, минатата година беше отворен најдолгиот мост на светот, долг 55 километри и вреден 15 милијарди долари, кој ги поврзува Хонгконг, Макао и Џухаи.

Фото: Jutarnji

Меѓутоа, технолошките гиганти што се сместени во Шенжен, на границата со Хонгконг, засега не реагираат на тој мегаломански проект на кинеската влада. Во долгорочните бизнис-планови не посветува внимание на тоа ни популарниот „Хуавеи“, но ни „Тенсент холдингс“, инаку највредната кинеска компанија која има сопственички удел во гејминг-индустријата, продукциски куќи, социјални мрежи, како и во банкарскиот сектор.

- Нашата област е различна од другите заливски области: имаме една земја - два система. Ние имаме повеќе од 100 години сегрегација и дури сега се поврзуваме - истакна Пони Ма, коосновач на „Тесент“.

Имено, Кина сè уште е една земја со два система, па еден од водечките светски меѓународни финансиски центри, Хонгконг, и светската престолнина на коцкањето, Макао, имаат свој политички, општествен и економски систем, а од плановите за Големата заливска област се исклучени клучните прашања точно кои царински, даночни и правни политики би се применувале таму. Затоа е оправдано што кинеските мегакорпорации покажуваат скептичност, а во Хонгконг и Макао се прашуваат дали тој проект ќе доведе до понатамошно комплицирање на правната рамка која, барем засега, им ја гарантира правната, монетарната и политичката автономија во однос на комунистичка Кина.

- Нејаснотиите од Поглавјето 11 ни говорат дека официјална Кина ќе се мачи со остварувањето на сите потребни реформи. Од една страна, треба да ја унапреди таа регионална поврзаност, а од друга да ги задоволи сите барања на Гуангдонг, Хонгконг и Макао. Тоа е клучен предизвик - коментира економистот Јуе Су.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија