X
 22.04.2018 Живот

Молба за работа на млада мајка што го обиколи Балканот

„Барам работа! Споделувајте!“ Статусот што почнува со овие зборови деновиве се врти низ „Фејсбук“, но 29-годишната Ана Билен од Хрватска по овие две кратки реченици ја напиша и својата биографија со која го воодушеви целиот регион. Нејзиното искрено искуство, кое не е полно со работно, туку со животно искуство, има илјадници лајкови и стотици споделувања на „Фејсбук“. Кога ќе го прочитате, ќе ви стане јасно зошто.


Фото: Buka

„Ми здосади пишувањето стандардни молби затоа што досега не ми е дадена работата што ја сакам. Сега пишувам од срце и го пишувам тоа што навистина сакам да го напишам, а не само да ја задоволам формата на молбата за работа. Токму поради таа причина, ќе пишувам како што ќе ми дојде, односно на дијалект, што не значи дека сум неписмена, знам јас сето ова да го напишам и на литературен јазик.

Значи вака, која сум јас? Јас сум жена од речиси 29 години. Мајка сум на две деца од девет и пет години. Да, добро прочитавте, девет и пет. Така е! Станав мајка на неполни 20 години. Исто така, во вториот месец од годинава ја прославив деветтата годишнина од бракот. Да, се омажив на 19,5 години! На 19 години се иселив од фамилијарниот дом во Сплит и заминав да живеам во Клана.

Веднаш да ви одговорам на прашањата што сега ви се вртат низ глава. Одговор на првото прашање: Клана е едно мало место покрај Риека (така милуваат да кажат жителите на Клана, но фактички тоа е едно мало место на крајот на светот кое е поблиску до Словенија отколку до Риека).

Одговор на второто прашање: Да, се навикнав на животот во Клана (човек се навикнува на сѐ). Одговор на третото прашање: затоа што го сакам својот сопруг и со него би одела на крајот на светот. Зошто знам кои прашања ви се вртат низ глава? Не затоа што сум препаметна, туку затоа што на тие прашања одговарам веќе десет години. Е сега, зошто ви го пишувам сето ова? Затоа што вам сето ова ви говори за мене како лице и работник повеќе отколку кога би ви рекла дека сум завршила три факултети.

Јас мислам дека на работодавецот му е најбитно неговиот работник да е вреден и тимски играч. Зошто? Затоа што јас можам да имам три факултети (а ги немам), но ако немам волја да работам, џабе му се на мојот работодавец тие мои три факултети.

Исто е и со искуството. Тоа што сум работела некаде десет години не значи дека сум добар работник, ниту значи дека знам да работам. Но, ако имам волја да работам, сѐ ќе научам, па дури и она што нема никаква врска со моето образование.

До 19 години немав спржено ни јајца, а ако подобро размислам, немав запалено ни уред на плин (знам дека ова не ми оди во прилог, затоа читај понатаму). Ја имав мајка која работеше сѐ за брат ми и за мене (сѐ уште ја имам, жива е, но во Сплит).

Да не сум вредна, не би заминала на 400 километри од дома, каде што сѐ ми беше сервирано како на принцеза. Сама научив сѐ, и да готвам, и да перам, и да се грижам за мало дете.

На 19,5 години се омажив и сѐ уште сум во брак, и тоа среќен. Точка. И да, живеам со свекрвата веќе десет години и феноменално се согласуваме. Ако тоа не говори дека сум тимски играч, не знам што говори.

Не знам колку работодавците сакаат борбени работници, но ете јас тоа го сметам за квалитет. Зошто мислам дека сум борбена? Не мислам, знам. Затоа што на 15 дознав дека имам тумор и на 15 се излекував. Хемотерапија, зрачење, сѐ направив. Секој ден по зрачењето одев на училиште, а не морав, можев и дома да лежам, имав целосно право на тоа.

Кога пред седум години бев на редовен преглед и со себе ја зедов тогаш двегодишната ќерка, лекарот ме праша чие е тоа дете. Му кажав дека е мое. А тој ми рече: „Сигурно не е ваше бидејќи вие не можете да имате деца“. Топ изјава. Кажи ѝ на жена дека детето не е нејзино. Како да можам да заборавам дека сум раѓала! Зошто ви го напишав ова? За да ви покажам дека можам да го направам и тоа што не се може.

Ете! Ако јас не сум работник што би го посакале, не знам кој е. Млада, способна, паметна, веќе родила две и не планира други, едвај чека да работи затоа што веќе некое време е домаќинка каква што секој би посакал.

Па ете, оној што ќе ме посака (како работник), нека ми пише на мојата е-пошта. Секако, со молбата испраќам и кратка биографија во која ќе видите и каде сум и што сум работела. А ќе видите и моја фотографија, за да знаете како изгледа тој вонземјанин што се согласува со својата свекрва.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот