X
 22.04.2021 Живот

Град Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер-клими

Град Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер-клими во 2021 година. Аплицирањето ќе се врши онлајн, а на повикот може да се пријават лица кои ги исполнуваат предвидените услови и оние што набавиле инвертер-клима почнувајќи од 1.1.2021 година и се жители на Град Скопје (општини Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај).

Повикот ќе биде отворен до 1.11.2021 година или до денот на исцрпување на средствата.

Во него се додава дека на граѓаните ќе им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертер-клима, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ, а може да аплицираат ТУКА под услов апликантот претходно да не добил субвенции за затоплување со печки на пелети или инвертери).

Оние што сакаат да аплицираат треба да ги достават следните документи (скенирани):

-Важечка лична карта;
- Нотарски заверена изјава дека доброволно ја предава печката која ја користи;
- Потврда за ефикасноста на инвертер-климата;
- Трансакциска сметка;
- Фискална сметка или потврда за купувањето;
- За одделни домаќинства на иста адреса потребни се сметки од различни броила за електрична енергија;
- За домаќинства кои се во реони на централно градско греење, потребна е потврда дека не се приклучени и немаат техничка можност за приклучок;

Повеќе информации за јавниот повик на македонски јазик можете да прочитате ТУКА.

Повеќе информации за јавниот повик на албански јазик можете да прочитате ТУКА.



Од Град Скопје посочуваат дека средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Македонија, односно во 2020 година Град Скопје добил средства во висина од 322.400.000,00 денари. Во годинешниов јавен повик ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074,00 денари.

- Овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот. Согласно многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје, најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите - стои во повикот.

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот