Бил Гејтс е голем обожавател на книгите. Коосновачот на „Мајкрософт“ вели дека чита околу 50 книги на годишно ниво и често пишува белешки за неговите омилени книги на блогот „Гејтс Ноутс“.
Тој неодамна ја објави листата со летни предлози за книги за 2018 година, која изобилува од жанрови, од литературна фикција до мемоари, историја и биографија.
Фото: The Gates Notes
Ова се книгите што тој предлага да ги прочитате ова лето.
„Everything Happens for a Reason and Other Lies I’ve Loved“, Кејт Боулер
- Не сè се случува со причина. Не ме изненади тоа што книгата на Боулер на моменти е толку тажна. Но не очекував ни да биде смешна. На моменти е и тажна и смешна - објаснува Гејтс.
Книгата го допрела Гејтс и на лично ниво. Неговите баба и дедо биле побожни и верувале дека лошите работи биле резултат на гревот. Кога неговиот дедо се разболел, не можејќи да пронајде причина за тоа, тој ја обвинил својата сопруга.
Постои вредност во разбирањето дека не секое прашање може да биде одговорено со директен одговор.
„Леонардо да Винчи“, Волтер Исаксон
Во оваа книга познатиот биограф Волтер Исаксон го раскажува животот на Да Винчи, за кој Гејтс вели дека е еден од најфасцинантните луѓе во историјата на човештвото.
Освен што бил сликар, Леонардо бил и пронаоѓач, инженер, медицински истражувач и многу повеќе.
- Кога ќе ги анализирате многуте способности на Леонардо, како и неговите неуспеси, атрибутот што се истакнува над сè друго е неговото чувство на чудо и љубопитност. Кога сакал да разбере нешто, без разлика дали тоа е протокот на крв низ срцето или обликот на јазикот на клукајдрвецот, тој го набљудувал внимателно и се обидувал да го сфати сето тоа - пишува Гејтс.
Според него, Исаксон извршил одлична работа, извлекувајќи ги сите аспекти на животот на Леонардо, што не е лесна работа.
- Многу повеќе од која било книга што сум ја прочитал за Леонардо, оваа помага да го видите како комплетно човечко суштество и да сфатите колку бил посебен - завршува Гејтс.
„Origin Story: A Big History of Everything“, Дејвид Кристијан
Историчарот Дејвид Кристијан е творец на „Голема историја“, бесплатен онлајн-курс што го следи сето она што го знаеме за изминативе 13,7 милијарди години постоење, од Големата експлозија и потеклото на животот до сложените општества во кои живееме денес.
Проектот е нешто што Гејтс го опишува како омилен курс на сите времиња, така што не изненадува фактот што на Гејтс му се допадна и неговата книга.
- Книгата ќе ве остави со поголемо разбирање за местото на човештвото во универзумот. Покажува дека сè е поврзано со сè, ткаејќи ги увидите и доказите низ дисциплините во еден разбирлив наратив - пишува тој.
Ако не сте го посетувале курсот, Гејтс вели дека книгата е одличен начин за разбирање на концептите.
„Lincoln in the Bardo“, Џорџ Сондерс
- Мислев дека знам сè што треба да знам за Абрахам Линколн, но неговиот роман ме натера да размислам за делови од неговиот живот - вели Гејтс за книгата што ја нарекува „американска приказна за духови“.
Оваа книга е роман што ја спојува фикцијата со историјата и се случува во текот на една вечер, кратко по смртта на 11-годишниот син на Линколн, Вили. „Бардо“ е еден вид чистилиште каде што се задржуваат духовите, според тибетската будистичка традиција.
По посетата на Линколн на гробот на неговиот син, една година по почетокот на Граѓанската војна, тој добива ново сфаќање за тагата што ја доживеале семејствата што ги загубиле своите деца во битката.
Како што пишува Гејтс, не се знае дали смртта на Вили го променила начинот на кој Линколн ѝ пристапил на војната, но може да се претпостави дека тагата на Линколн ја зајакнала неговата решителност да го обезбеди исходот на војната и да ги оправда тешките загуби.
- Станува збор за
книга што е мистериозна и изненадувачки смешна, книга за која едвај чекав да разговарам со пријателите - вели Гејтс.
„Factfulness“, Ханс Рослинг со Ола Рослинг и Ана Рослинг Ронлунд Макмилијан
Предавачот Ханс Рослинг почина минатата година. Во оваа книга е пораката за разделба што Рослинг ја опиша како негова последна битка во неговата доживотна мисија за борба против катастрофалното незнаење.
Починатиот предавач заедно со неговиот син и снаа ги анализира десетте инстинкти што ја нарушуваат нашата перспектива кон светот, што доведува до драматично потценување на напредокот што го правиме како општество.