Облеката што ќе ја носите на интервју треба да биде професионална. Не мора да биде по најнова мода, но треба да одразува самодоверба и добра работна етика.
Но, деновите на задолжително носење костум на интервју се дел од минатото, вели Марк Сенедела, извршен директор на компанијата за вработување „Ладерс“. Всушност, влегувањето во канцеларија во костум или здолниште кога сите други носат фармерки може да ви нанесе штета во целиот процес. Тоа покажува дека не сте културолошки погодни за компанијата.
- Некои од најчестите грешки што ги прават луѓето е кога при облекувањето за интервју се водат по застарени совети или не си даваат време за да истражат и предвреме да постават прашања за културата на компанијата - вели Сенедела.
Според него, нема ништо лошо во поставувањето прашања кои би ви дале претстава што приближно можете да облечете. Без оглед на сѐ, за време на интервјуто е потребна учтивост, па хеланките за јога, истутканите маици или искинатите фармерки не треба да ги имате предвид ни при одењето на интервју за најопуштената работа.
Еве што дефинитивно не треба да носите на интервју за работа.
Сѐ што е истуткано
Пеглањето на облеката што планирате да ја носите на интервјуто е нешто за што нема преговарање.
- Осигурете се дека сѐ е чисто, дека не е истуткано и дека ве претставува во најдобро можно светло. Луѓето прават претпоставки за вас пред да седнете и да почнете да зборувате - вели Бетси Ејми, која пишува за модата на работното место.
Нешто што не ви стои или е извалкано
Тој фустан е малку претесен? Чевлите се извалкани?
За да имате самодоверба уште на самиот почеток, би требало да ја носите вашата најдобра и најпрефинета облека. Не облекувајте нешто што не ви е удобно и не изгледа претставително.
Светли бои
Ако користите јавен превоз или често се посипувате со кафе, избегнете облека во светли бои, советува Барбата Пактер, која е инструктор за бизнис-комуникација. Извалканата облека не е нешто што би требало да го носите на интервју за работа. Дамките помалку се познаваат на темни бои.
Сѐ што е премногу тренди
Освен ако не одите на интервју за работа во модната индустрија, веројатно ќе сакате да го задржите изгледот на конзервативната страна. Стремете се кон неутрални или земјени тонови, едноставна шминка и накит, советуваат експертите.
Вашиот изглед за интервјуто веројатно нема да ве стави на блог за улична мода, но би сакале да бидете запаметени по вашата самодоверба и амбиции, а не по вашата облека.
Фармерки и маичка
Дури и ако одите на интервју со Марк Закерберг, не треба да носите фармерки и маичка. Сепак, ако знаете дека во канцеларијата има опуштена атмосфера, не треба да се појавите на интервјуто во костум. Но, не треба и да бидете толку опуштени како другите.
- Вие сте некаде на средина. Не сте толку опуштени како сите, но не сте ни премногу формални - вели Ејми.
Ако знаете дека сите се прилично опуштени, изберете темни фармерки и фина блуза или маица.
Хеланки за јога или друга облека за вежбање
Да, оваа облека е тренди, но сѐ уште се смета за несоодветна во најголемиот дел од конзервативните канцеларии и дефинитивно не треба да се носи на интервју за работа.
Ексцентрична шминка и накит
Пактер сугерира многу мали интервенции кога станува збор за вашата коса, нокти и шминка. Сега не е моментот да ги ставите вашиот виолетов кармин и долгите нокти. Мажите можат да размислат за фин часовник.
Луди бои или шари
Експертите сугерираат да се носат помирни бои, како темносина, црна, сива или кафеава.
Сандали или влечки
Дури и ако е опуштена канцеларија, вие ќе сакате да покажете поголем квалитет. Решете се за рамни и удобни чевли ако оние што ги комбинирате со формална облека не се соодветни за компанијата.
Луда или црна вратоврска
Темносина, црвена, сива или мотив со некоја од овие бои е побезбедна опција, велат експертите.
Слушалки
Спакувајте ги слушалките во вашата чанта пред да влезете во компанијата. На идниот шеф нема да му се допадне ако не можете да го слушнете бидејќи сте премногу обземени од она што го слушате.
Долна облека што се гледа
- Ниеден пол не треба да ја покажува долната облека, но сите треба да носат долна облека - нагласува Пактер.
Многу парфем
Едно прскање е доволно. Можеби лицето што ќе ве интервјуира е алергично на вашиот парфем и може да почне да кива.
За мажите: чевли и ремени што не се направени од кожа
Сега не е време за најкул патиките што ги имате. Дури и ако е многу опуштена канцеларијата, мажите треба да се држат до кожениот ремен и да не изгледаат како да тргнале на трчање.
Пирсови што паѓаат в очи
Да повториме, стремете се кон конзервативното. Експертите велат дека жените треба да се држат до обичните обетки, додека мажите треба да ги отстранат сите.
Искинати или избелени фармерки
Фармерките се вообичаена облека во опуштените канцеларии, но обично темните фармерки се најприфатливи.
Нешто што не прави да се чувствувате самоуверени и подготвени на сѐ
Ако се чувствувате задушени поради тоа што морате да носите костум на интервју за работа, тоа можеби е знак дека таа работна
атмосфера не е за вас.