X
 22.05.2022 Живот

Психолозите објаснуваат зошто гледаме во телефонот дури и кога сме со друштво

Дали ви се случило да седите на кафе со пријателка, а таа не ве слуша бидејќи гледа во телефонот? Често посегнуваме кон телефонот додека се социјализираме, иако постојано се жалиме дека телефоните ни го одвлекуваат вниманието. Истражувања покажуваат зошто се впуштаме во такво однесување, иако знаеме дека е неприфатливо.

Луѓето обично се чувствуваат исклучени и нивното расположение страда кога некој ги игнорира за да гледа во телефонот. Во повеќе трудови објавени во „Џурнал оф експериментал соушл сајколоџи“ се објаснува зошто им дозволуваме на телефоните да се мешаат во нашиот социјален живот.

Се наведуваат позитивни лични причини како кога користењето на телефонот е поинтересно и поудобно од интеракцијата со другите, како и кога се користи телефонот за нешто важно. Може да постојат и позитивни социјални причини, како желбата да ѝ се покаже нешто на телефонот на другата личност или користење телефон за комуникација.


Фото: Pixabay

Од друга страна, постојат и негативни лични причини, а тоа се ситуациите кога ја одбегнуваме досадата, непријатноста или други негативни чувства, како и негативни социјални причини кога не ни се допаѓа соговорникот.

Резултатите од истражувањата покажале дека луѓето не секогаш мислат дека другите повеќе ги користат телефоните од негативни причини. Меѓутоа, тие за себе сметале дека имаат позитивни причини за користење на телефонот во друштво.

Тоа објаснува и зошто луѓето сметаат дека интеракциите во кои го користат телефонот биле поудобни и попривлечни за нив отколку разговорите кога другата личност користела телефон.

Извор: Studentski
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот