На 16ти јули, со посета на Матка и Македонско село, започна програмата за млади професионалци од дијаспората, Летно бизнис патување. Ова е втора година како невладината организација Македонија2025 го организира овој проект. Целта на проектот е да ги поврзе младите кои имаат македонски корени со бизнис заедницата во Македонија, како и со самата земја. Еднонеделната програма вклучува стажирање во компанија по избор на учесниците а тука се вклучени и неколку екскурзии низ земјава како и настани за вмрежување.
Г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“ и член на Одборот на директори на „Македонија2025“, вчера во просториите на компанијата го отвори официјалниот дел на програмата со презентација за меѓународниот успех на „Алкалоид“ како една од најуспешните компании во Република Македонија. По оваа презентација, учесниците имаа можност и одблиску да се запознаат со различните сектори при “Алкалоид”.
Г. Мукаетов и оваа година е претседавач на програмата, а исто така е во улога на домаќин на двајца од учесниците на програмата кои својата пракса ќе ја реализираат во два различни сектори во “Алкалоид”.
Австралија, Германија, Србија и Италија се земјите од каде доаѓаат овогодинешните учесници. Една од нив е Павлинка Дамјанова, која по професија е градежен инженер во Италија а својата пракса ја извршува во Арцелор Митал во Скопје. Таа за нас изјави:
“Се e супер. Сите се многу љубезни со мене, заинтересирани се да ме вклучат колку што е можно повеќе во нивниот систем на работа и ми одговараат исцрпувачки на сите мои прашања. Денес ми го разјаснија сето производство и ме прошетаа во халата објаснувајќи ми ја секоја линија на обработување на челик. Во наредните денови ќе ме однесат во одредот за контрола на производството и предвидено е еден ден да работам со нивниот главен проектен менаџер. Имам само позитивни импресии. Инаку и посетата на Алкалоид беше супер и јас сум восхитена од гостопримството на Алкалоид и на Арцелор Митал. Благодарам за се.”
Летното бизнис патување ќе трае до 22 јули, а крајот на програмата ќе се обележи со еднодневна екскурзија до античкиот град Стоби и винаријата “Тиквеш”.
Македонија2025 им посакува незаборавно искуство на учесниците и верува дека контактите кои ќе ги остварат во текот на програмата ќе резултираат со нови пријателства и идни бизнис соработки во Македонија.