X
 22.07.2020 Живот

Девојка во машки живот - Авганистанка мора да го крие полот поради родителите и обичаите

Замислете да сте девојка, но да сте принудена да го криете својот пол. И самата помисла на тоа е ужасна, а токму таков е животот на Авганистанката Ситара Вефедер.

Ситара сака да има долга коса. Но, наместо тоа, оваа тинејџерка повеќе од една деценија живее како момче. Родителите ја натерале да биде синот кој никогаш не го добиле.

Без ниеден брат, Ситара живее по обичајот „бача поши“, кој се однесува на девојка облечена како маж, што ѝ овозможува безбедно да ја врши должноста на син во патријархална земја.

Ситара денес има 18 години и поголемиот дел од својот живот го живее како маж. Нејзината фамилија е сиромашна и сите заедно живеат во куќа направена од кал и цигли во село во авганистанската источна провинција Нангарар.

Секое утро Ситара облекува широка маица, панталони и влечки - типична облека за мажи во Авганистан. Понекогаш својата кратка коса ја покрива со шал и го продлабочува гласот за да сокрие дека е женско.

- Никогаш не мислам дека сум женско. Татко ми вели: „Ситара ми е како најстар син“. Понекогаш како негов најстар син излегувам, а тоа како на девојка не би ми било дозволено - изјавила таа во фабриката за цигли каде што заедно со нејзиниот татко работи шест дена неделно за да го вратат долгот позајмен од сопственикот и за да можат да ја прехранат фамилијата.

Фото: Lola Magazin

„Бача поши“ има долга историја во многу конзервативниот Авганистан, каде што момчињата се почитуваат повеќе од девојчињата, а жените често се затворени дома. Обично фамилиите без машки деца се оние што тераат ќерка да се преправа во маж за да може да ги извршува работите на синот без страв дека некој ќе ја злоупотреби или нешто полошо од тоа. Меѓутоа, некои девојки одбираат да се облекуваат како мажи за да можат да уживаат во слободата што припадниците на посилниот пол ја земаат здраво за готово.

И додека многу од тие девојки престануваат да се облекуваат како мажи кога ќе влезат во пубертет, Ситара вели дека таа и понатаму ќе носи машка облека за да се заштити.

- На работа повеќето луѓе не знаат дека сум женско. Кога би сфатиле дека 18-годишна девојка од утро до мрак работи во фабрика за цигли, би можела да имам многу проблеми. Можеби дури и би ме киднапирале - вели таа.

Ситара на само осум години почнала да работи во фабриката за цигли. Пред неа таму работеле и нејзините четири постари сестри. Сите тие правеле цигли наместо да одат на училиште и така било додека не се омажиле, кога останале дома.

Секој ден Ситара прави 500 цигли и за тоа добива нешто повеќе од 2 долара. Од 7 до 17 часот таа е чучната, приготвува кал и глина и со добиената смеса ги полни калапите за цигли. Потоа ги става на сонце, од кое и нејзината кожа е потемнета.

- Не се срамам од тоа што го работам, но врсниците ми велат дека сега сум во пубертет и дека не морам да работам во фабрика за цигли. Но, што да правам? Немам избор - вели Ситара.

Нејзиниот татко Нур вели дека семоќниот Алах не му дал син и затоа немал друг избор освен да ја натера ќерката да се облекува како машко и да работи. Тој на роднини и на сопственикот на фабриката им должи пари кои ги позајмил за да ги покријат трошоците за лекување на мајката на Ситара, која има дијабетес.

- Да имам син, не би ги имал сите тие проблеми и животот на мојата ќерка би бил мирен и напреден. Сета одговорност е на мој и на грбот на Ситара. Мораме да се грижиме за фамилијата и да го вратиме заемот - вели Нур.

Фото: Lola Magazin

Барјалаи Фетрат, професор по социологија на Универзитетот во Кабул, објаснува дека „бача поши“ е обичај кој се почитува во особено конзервативните подрачја на Авганистан. Но, по многу години облекување како машко, девојките може да бидат збунети околу својот полов идентитет и статусот во општеството во кое доминираат мажи.

- На девојките им е тешко да се вратат во нормала или да бидат покорни сопруги на своите сопрузи, што може да доведе до депресија и насилство во фамилијата - објаснува тој.

Мајка ѝ на Сатира, Фатима, сака Сатира да има можност да носи женска облека и да седи дома, но таа ѝ е потребна за да ѝ носи намирници, да ја води на лекар и да работи други работи зашто нејзиниот сопруг е стар.

Иако Сатира сфаќа дека нејзината ситуација е неправедна, таа одлучила да продолжи со тоа најмногу затоа што кога би престанала, нејзината 13-годишна сестра би се соочила со истата судбина.

- Ќе работам напорно затоа што не сакам мојата помала сестра да се облекува како машко и да работи во фабрика. Ако не работам, ќе имаме многу проблеми - вели Сатира.

И по толку години живот во машка облека, Сатира и понатаму замислува каков би ѝ бил животот кога би имала брат и кога би можела да има долга коса и да оди на училиште.

- Кога ќе облечам машка облека, посакувам да имам брат затоа што тогаш би се оствариле сите мои соништа - вели таа.

Извор и насловна фотографија: lolamagazin
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот