X
 22.07.2021 Наша тема

Ако сте немале позитивен ковид-тест, а имате антитела, не може да добиете сертификат. За патување - ќе платите или ќе се вакцинирате

Од Министерството за здравство велат дека за патување во странство постојат три можности, со негативен ПЦР-тест, сертификат за прележан ковид-19 со важност до девет месеци и сертификат за примена вакцина и ревакцина

Граѓаните што имаат високо ниво на антитела на коронавирусот, а немале симптоми за ковид-19, па не знаеле дека се заразени или, пак, ПЦР-тестот им бил негативен, не можат да добијат сертификат од матичен лекар кој се користи за патување. На секое патување тие ќе треба да прават ПЦР или антигенски тест (во зависност од тоа каде патуваат) или во меѓувреме треба да се вакцинираат и да добијат сертификат дека се вакцинирани. Тестовите не се поевтини од 700 денари, велат граѓаните.
Тие реагираат зошто во системот „Мој термин“ не се воведе опција и тие да можат да добијат сертификат, бидејќи имаат антитела како и другите што прележале ковид-19. Некои од нив засега не сакаат да се вакцинираат и велат дека е нелогично и трошок за секое патување во странство да мора да прават нов ПЦР-тест.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека матичните лекари, според она што го има во системот „Мој термин“, може да издаваат или сертификат дека пациентот е вакциниран или дека прележал ковид-19, но дека за овие пациенти немаат опција да им издадат потврда за патување.

- ПЦР-тестот не е специфичен и повеќе пати сме кажале дека тој не може да биде сигурен, бидејќи имаме случаи кога пациентот се тестирал и тестот бил негативен, немал симптоми и не бил болен од ковид-19. Но по проверка на антителата се покажува дека има високо ниво, што значи дека всушност тој бил заразен, но организмот се изборил и создал имунитет. За овие пациенти не можеме да издадеме сертификат дека прележале ковид-19 - вели д-р Чолакова-Дервишова.

Таа вели дека на овие пациенти, доколку се вакцинираат, може да им издадат само сертификат дека се вакцинирани.

- Вакцинацијата не е задолжителна и ако не сакаат да се вакцинираат, тоа е нивно право, а во случајов тие имаат имунитет. Имаме случаи кога пациентот нема никакви симптоми, а ПЦР-тестот е позитивен и непотребно седи во изолација. Спротивно на тоа, има случаи кога тестот е негативен, а пациентот ги има сите симптоми на ковид-19 и беше и болнички лекуван. На моите пациенти што прележале ковид-19 им препорачувам да си проверат антитела, бидејќи ако тие се високи, сметам дека при вакцинација може да има бурни реакции, односно неколку дена висока температура и сите симптоми како да се болни од ковид-19 - вели д-р Чолакова-Дервишова.



Од Министерството за здравство велат дека за патување во странство постојат три можности, со негативен ПЦР-тест, сертификат за прележан ковид-19 со важност до девет месеци и сертификат за примена вакцина и ревакцина. Оттаму објаснуваат дека за овие граѓани нема можност да бидат внесени во системот дека прележале ковид-19.

- Граѓаните што прележале ковид-19 можат најрано еден месец по прележувањето или најдоцна три месеци по прележувањето да се вакцинираат и апелираме да се вакцинираат - велат од Министерството за здравство.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема