X
 22.07.2021 Живот

Јадранското Море никогаш не било посолено

Хрватски научници во соработка со италијански колеги направиле истражувања и ги објавија најновите резултати кои посочуваат на досега незабележани вредности на салинитет на Јадранот, објави Институтот „Руѓер Бошковиќ“.

Во објавата се наведува дека во текот на летото и есента 2017 година во јужниот дел на Јадранот и кај Палагрушкиот праг била забележана појава на исклучително високи вредности на површински салинитет (вредност на салинитетот над 39 промили). Тоа било првпат да бидат забележани толку високи вредности во Јадранот и зафаќале површини од морето до длабочина од 30-ина метри. Инаку, таа појава е вообичаена во многу посолениот и потопол Левант, каде што се создава најсолената вода во Средоземјето.

Понатаму во објавата се наведува дека во октомври 2017 година салинитетот во површинскиот слој на Палагрушкиот праг достигнал рекордни вредности од 39,1 промили. Покрај тоа, со мали осцилации, високиот салинитет во првите 200 метри од морето се задржал во средниот и јужниот дел од Јадранот сè до денес. На пример, во овој момент салинитетот во средишниот дел од јужен Јадран е поголем од 38,8 промили во целата водна колона, а на површината достигнува и 39,15 промили.

Наведеното сознание ги поттикнало хрватските и италијанските истражувачи подетално да ја истражат просторната и временската екстензија на оваа појава.

Која е причината за големиот салинитет?

При истражувањето научниците анализирале голем број достапни податоци. Анализите што ги спровеле научниците ги објасниле причините за појавата на вода со толку висок салинитет. Појавата делумно е предизвикана од зајакнатиот доток на вода со висок салинитет од Левант и Јонското Море, а делумно поради процеси во самиот Јадран.

Самите процеси се одвиваат на временски дистанци од неколку дена, па до десетина години, а опфаќаат 4 клучни феномени.

Првиот се однесува на т.н. јадранско-јонска бимодална осцилација, која инаку предизвикува силни осцилации на физичките и биогеохемиските варијабли во Јадранот со период од 5 до 10 години, а во последните десетина години предизвикува изразен прилив на посолени и ултраолиготрофни води во Јадранот.

Вториот процес е поврзан со многу ниските протоци на реки до една година пред појавата на високиот површински салинитет, предизвикани од недостигот на дождови во поширокото подрачје на Јадранот.

Третиот процес се однесува на изразен доток на сончева енергија на површината на морето во текот на летото и раната есен, кога времето е потопло од просекот и со малку ветар, односно со слабо изразено вертикално мешање во колоната на морето и раслојувањето на водната колона на изразено потопол површински слој и постуден средишен и долен слој.

Четвртиот процес вклучува изразено испарување и губење вода од површината на морето.

Три од четирите наведени процеси веќе се документирани во Средоземјето како последица на климатските промени кои во иднина ќе донесат уште потопли и посуви лета, помал проток на реките и последователно на тоа, посилно загревање и засолување на површинскиот слој на морето.

Со оглед на тоа дека животот во морето, од планктоните, преку рибите, до бактериите, е зависен од температурата, салинитетот и достапните хранливи соли, забележаните промени сигурно ќе имаат значително влијание врз животот во Јадранот.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот