X
 15.12.2022 Образование

Дури 80 отсто од студентите во Хрватска мамат на испити, во Шведска само 1 отсто

Дури три четвртини од студентите во Хрватска мамат во текот на студирањето, и тоа најчесто преку плагирање, препишување, лажно претставување и користење туѓи трудови без наведување извор.

Според резултати од истражување спроведено од Рудолф Кираљ, професор на Универзитетот во Бјеловар, речиси 81 отсто од студентите мамат на испити, а дури 87 отсто ги плагираат своите трудови. Разликата помеѓу светскиот просек и хрватскиот е голема.

Според Кираљ, Хрватска дели ментални карактеристики со други посткомунистички држави во Источна Европа и Евроазија.

- Една од споменатите карактеристики е и прилично високата стапка на студентска нечесност, во рангот со светскиот просек или нешто над него, со сфаќања дека тој феномен и не е нешто лош, тоа значи „снаоѓање“ и затоа е нешто позитивно. Тоа е вкоренето во тие култури низ многу децении, со тоа се почнува од мали нозе, во семејствата и во градинките - тврди Кираљ.

Според него, во времето кога тој студирал, околу 30 отсто од студентите мамеле, но денес малцинството што не го прави тоа е прогласено за ненормално и непопуларно.


Фото: Pixabay

Карла Вујчиќ, студентка од Хрватска, смета дека е проблем тоа што луѓето се запишуваат на факултети кои не ги интересираат, туку само за да имаат диплома.

- Луѓето се запишуваат на факултети кои не ги интересираат само за да имаат некаква диплома, па посегнуваат по мамење на испитите за да дојдат до диплома што полесно. Исто така, проблем е што голем акцент се става на оценките наместо на усвојувањето на знаењето, па секако дека сите ќе ја искористат секоја можност да добијат што подобра оценка - тврди таа.

Според студентката Јелена Дробњак, проблем е и тоа што не се казнуваат студентите што мамат.

- Еден од причините за зголемување на препишувањето е и фактот дека кога поединецот ќе се фати во тоа, не му следува никаква сериозна казна, евентуално негативна оцена од испитот која може да се поправи - вели таа.

Академското мамење во Хрватска е над светскиот просек. Во периодот до 2018 година во светот мамеле просечно 44 отсто од студентите. Процентот пораснал на речиси 68 отсто оттогаш. Во Канада, околу 6 отсто од студентите мамат, во САД - 4 отсто, а во Шведска само 1 отсто.

Извор: Global novine
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование