X
 17.07.2024 Наша тема

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се нудат дваесетина јазици како изборни, а во земјава најмногу недостига наставен кадар по германски јазик

Студентите што завршуваат на Филолошкиот факултет, можат да бидат наставници, преведувачи, толкувачи, но и да работат во областа на маркетингот, новинарство, меѓународни организации, како проект-менаџери, како лектори и многу други профили, вели проф. д-р Калина Малеска, продекан за настава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Тимот на Факултети.мк во пресрет на уписите на факултетите споделува информативни текстови за факултетите со цел да им помогнат на студентите при изборот на нивната идна професија. Со проф. д-р Калина Малеска, продекан за настава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, разговаравме подетално за можностите и насоките што ги нуди Филолошкиот факултет.

Дваесетина јазици како изборни

Таа ни сподели дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има единаесет катедри и повеќе студиски програми.

- Најчестите насоки за студиските програми за странските јазици што се нудат на факултетот се наставната и преведувачката насока. Со наставната насока дипломираните студенти можат да работат во настава, во основно и во средно образование, како и во специјализирани јазични училишта. Со преведувачката насока можат да работат како преведувачи, а исто така и како симултани и консекутивни толкувачи. На факултетот студентите имаат можат да изучуваат дваесетина јазици како изборни. На студиските програми по македонски јазик, македонска книжевност и култура, општа и компаративна книжевност исто така се градат профили на идни наставници по мајчин јазик и книжевност на сите нивоа на образование - ни споделува Калина Малеска.

Студентите што ќе дипломираат на Катедрата за македонски јазик се квалификуваат да го полагаат лекторскиот испит и потоа да работат како лектори. Освен овие профили, студентите добиваат образование и вештини кои ги подготвуваат и им овозможуваат да работат на широк спектар работни позиции.

- Тука се и новата тригодишна студиска програма за применети јазици, во чии рамки студентите се стекнуваат со солидно познавање на три јазици, како и со познавања од областа на правото и економијата, што им овозможува да бидат конкуренти за голем број работни места - информира професорката Малеска.



По стотина студенти годишно заинтересирани за англиски јазик и книжевност

Од досегашните впечатоци и податоци, најпопуларна студиска програма на Филолошкиот факултет е програмата за англиски јазик и книжевност, на која секоја година се запишуваат по стотина студенти. Тие во втора година може да одбираат меѓу наставната и преведувачко-толкувачката насока.

- Од нашата комуникација со основните и средните училишта во земјата, најмногу недостига, а со тоа и најмногу се бара, наставен кадар за германски јазик - истакнува Малеска.

Со запишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ студентите добиваат сеопфатно знаење од филологијата, но и се запознаваат со интердисциплинарните врски меѓу хуманистичките науки и другите области на човековото живеење со оглед на тоа дека дел од предметите ги негуваат токму ваквите интердисциплинарни врски.

- На факултетот се негуваат високи академски стандарди, соработка, слобода на мислење и изразување, диверзитет, работа во духот на хуманоста и демократичноста. Во однос на работни места, студентите што завршуваат на Филолошкиот факултет, зависно од студиската програма, можат да бидат наставници, преведувачи, толкувачи, но и да работат во областа на маркетингот, новинарство, меѓународни организации, како проект-менаџери, како лектори, и многу други профили - дополнува нашата соговорничка.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема