Австрискиот поет Рајнер Мариа Рилке за љубовта вели дека таа е најтешката од сите наши задачи, а љубовните врски се работа за која сите останати нешта се само подготовка.
Кога Франц Кафка имал 29 години, ги артикулирал своите
љубовни чувства во писмо адресирано до Феличе Бауер. Во нивната 5-годишна врска тие биле свршени 2 пати иако во живо се сретнале само 5 пати. Во тој период Кафка го создал неговото дело „Метаморфози“, а петсотини негови љубовни писма биле постхумно објавени во збирката „Писма за Феличе“. Во ноември 1912, 3 месеци откако ја запознал, го напишал ова писмо:
„Госпоѓице Феличе!
Сега ќе Ве замолам за услуга што звучи доста луда и која треба да ја сметам за таква, кога јас би го добил писмово. Тоа е исто така најголемиот тест на кој и најљубезната личност може да биде ставена. Па, ова е тоа:
Пишувајте ми само еднаш неделно, за писмата да пристигнуваат во недела – не можам да ги издржам Вашите секојдневни писма, не сум способен да ги издржам. На пример, одговарам едно од Вашите писма, потоа легнувам во кревет во очигледен мир, но срцето ми чука низ целото тело и е свесно само за Вас. Јас Ви припаѓам; навистина нема друг начин да го изразам тоа, а и тоа не е доволно силно. Но, токму заради оваа причина не сакам да знам што носите на себе; тоа ме буни толку многу што не можам да се справам со животот; и поради тоа не сакам да знам дека сум Ви драг. Ако знаев, како би можел, да бидам будала каков што сум, да продолжам да седам во канцеларијата, или овде дома, наместо да скокнам во воз со очите затворени и да ги отворам само кога ќе бидам со Вас?
Ох, има една тажна причина што не го правам тоа. За да скратам: моето здравје е доволно добро за мене сам, но не е за брак или татковство. Сепак, кога го читам Вашето писмо, чувствувам дека можам да го предвидам и она што е можно да се занемари.
Ех, ако само би Ви го имал пратено саботното писмо, во кое Ви велам да не ми пишувате никогаш повеќе, и во кое дадов слично ветување... Ох Боже, што ме спречи да го пратам тоа писмо? Сé би било добро. Но, дали е можно мирно решение сега? Би помогнало ли да си пишуваме еден на друг само еднаш неделно? Но, ако моето страдање може да биде излечено со такво нешто, не би било сериозно. И веќе можам да предвидам дека нема да бидам во состојба да ги издржам ни неделните писма. И затоа, за да компензирам за испуштената можност во саботата, ве замолувам со енергијата што ми остана на крајот од ова писмо...
Ако ги вреднуваме нашите животи, дозволете да го напупштиме сето тоа... Јас сум засекогаш врзан за себе, тоа сум што сум, и тоа е она со што морам да живеам.“
За човек што го поврзувал задоволството со болката, има смисла да се очекува да ја доживее љубовта и со восхит и како болка. Но, парадоксот на љубовта веројатно е ист со тој на уметноста, за да се трансформираме себе си, мора да дозволиме таа да не преврти наопаку и од внатре кон надвор.