Пропатувал низ четири континенти, учествувал во двете светски војни и присуствувал на шпанската граѓанска револуција. Го мразел своето име бидејќи го потсетувало на наивниот јунак на драмата од Оскар Вајлд, „Важно е да се викаш Ернест“, иако неговото станало едно од најславните имиња во светот.
Бил писател, новинар, нобеловец, голем љубител на риболовот, пијалакот, коридата и на жените, авантурист и космополит. Ернест Хемингвеј останал една од најистакнатите личности на 20 век и во целата книжевност.
Водел бурен живот и преживеал многу нешта, особено во периодот кога работел како новинар и репортер, дружејќи се со полицајци, криминалци, проститутки и убијци.
Во текот на еден од помалку бурните денови во животот на Хемингвеј, уште еден авантурист, младиот писател Арнолд Семјуелсон, одлучил да пешачи до Флорида за да го запознае својот идол Хемингвеј.
Иако на почетокот бил малку скептичен, Ернест го угостил 22-годишниот Арнолд во својот дом. Сфатил дека младиот книжевник-почетник сака да ги чуе неговите совети, па зел парче хартија и составил листа со книги – задолжителни четива за да го усоврши своето знаење.
На
листата се нашле овие книги:
1. „Синиот хотел“ и „Отворен чамец“ од Стивен Крејн
2. „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер
3. „Даблинци“ од Џејмс Џојс
4. „Црвено и црно“ од Стендал
5. „За човековото ропство“ од Самерсет Мом
6. „Ана Каренина“ и „Војна и мир“ од Лав Н. Толстој
7. „Буденброкови“ од Томас Ман
8. „Поздрав и збогум“ од Џорџ Мур
9. „Браќата Карамазови“ од Фјодор М. Достоевски
10. Оксфордска антологија на англиската поезија
11. „Огромна соба“ од Едвард Естлин Камингс
12. „Оркански височини“ од Емили Бронте
13. „Далечно и минато“ од Вилијам Хенри Хадсон
14. „Американецот“ од Хенри Џејмс
Му ја предал листата и му рекол:
„Ова се книги што секој писател би требало да ги прочита како дел од својата едукација... Доколку сè уште не си ги прочитал сите овие книги, тогаш едноставно не си едуциран. Овие дела претставуваат различни стилови на пишување. Некои ќе те изморат, други можеби ќе те инспирираат, а некои се толку убаво напишани, што ќе си помислиш дека е безнадежно да почнеш да пишуваш.
Најважната работа што ја научив за пишувањето е следнава: никогаш не пишувај премногу одеднаш; никогаш немој да извлечеш сè од себе. Остави малку и за утре. Најважно е да знаеш кога треба да прекинеш. Додека сè уште ти оди добро, си стигнал до интересен дел и знаеш што ќе се случи следно – тогаш е време да запреш. Не размислувај понатаму; пушти ја својата потсвест да си ја заврши работата.“
Додека работел како новинар, Хемингвеј научил да користи јасни и кратки реченици. Тоа стана негов книжевен стил и поради тоа читателите го почитувале и го паметеле. Оттука е и неговиот совет до Арнолд и до сите млади писатели: исфрлете сè што е непотребно.
Односно:
„Секој ден враќај се на почетокот и напиши сè одново. Тогаш кога ќе стане предолго, прочитај две или три поглавја пред да почнеш да пишуваш и секогаш враќај се на почетокот. Потоа, кога ќе го погледнеш своето дело, исфрли сè што можеш. Суштински е да знаеш што треба да изоставиш. Дали ти оди добро, можеш да увидиш според тоа што сè можеш да исфрлиш.“
На крајот, Хемингвеј порачува:
„Никогаш немој да се споредуваш со живите писатели. Не знаеш дали се добри или не. Споредувај се со оние што се мртви и за кои знаеш дека се добри. Тогаш кога ќе можеш да ги надминеш – ќе знаеш дека си добар.
А добрите писатели секогаш се враќаат, секогаш се актуелни. Сега си двојно подобар отколку тогаш кога си мислел дека си сјаен. Сè што треба да направиш е да пишуваш искрено и посветено, и да не мислиш каква ќе биде судбината на твоето дело“.