X
 22.09.2020 Колумни

Колумна на академик Љупчо Коцарев: Време е „Македонска енциклопедија“ од МАНУ, со сите недоследности што ги има, да се најде во книжарниците

Време е „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ да се најде на рафтовите на книжарниците низ Македонија. Таа таму отсекогаш и припаѓала. Книгите не се палат, забрануваат и повлекуваат, смета академик Љупчо Коцарев

Пишува: проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Книгите и уметничките дела биле цензурирани, забранувани, повлекувани, запленувани и палени отсекогаш. Романот „Улис“ (Ulysses, објавен во 1922 година) од Џемс Џојс, едно од капиталните дела на модерната книжевност, беше забранет во многу држави, вклучувајќи ги Велика Британија до 1936 година и Соединетите Држави (САД) во период од 15 години. Романот „Раковиот повратник“ (Tropic of Cancer), објавен во 1934 година, од Хенри Милер беше забранет во САД до раните 60-ти години на минатиот век и запленуван од американската царина за сексуално изразена содржина и вулгарност. Драмата „Лисистрата“ од Аристофан (411 година пр.н.е.), „Кантербериските приказни“ на Чосер (напишана во период меѓу 1387 и 1400 година), „Декамерон“ на Бокачо (најверојатно започнат во 1350 година, а завршен во 1353 година), новелата „Мол Фландерс“ (првпат објавена во 1722 година) од Даниел Дефо и разните изданија на „Арапските ноќи“ (величествена колекција на приказни раскажани од султаната Шехерезада), беа забранети со децении од поштата на САД според Законот за трговија од 1873 година.

Во поранешна Југославија многу книги, уметнички дела, филмови, и драмски претстави беа забранети, а некои од нивните автори беа осудени на затвор. Ќе набројам само неколку: книгата „Нова класа: Анализа на комунистичкиот систем“ (објавена во 1957 година) од Милован Ѓилас, збирката раскази „Закривена река“ од Живојин Павловиќ (објавена во 1963 година), драмската претстава по романот „Кога цветаа тиквите“ од Драгослав Михаиловиќ (објавен во 1968 година), филмовите на режисерите Жилник, Макавејев, Ченгиќ и многу други.

Книгите и библиотеките се уништувани и палени. Во книгата „Либрицид: режимски спонзорирано уништување на книги и библиотеки во 20-тиот век“ (Libricide: The Regime-Sponsored Destruction of Books and Libraries in the Twentieth Century), авторката Ребека Кнут (Rebecca Knuth) потенцира дека клучна причина за сите палења на книги во 20 век е: сторителите се чувствуваат како жртви, дури и ако тие се на власт. Можеби најозлогласените палења се оние од нацистите, кои редовно користеа јазик, прикажувајќи се себеси како жртви на Евреите. Слично на тоа, за време на Културната револуција во Кина секоја книга што не одговараше на партиската пропаганда, на пример, книгите што промовираат капитализам или други опасни идеи, беше уништена. Во поново време, ноќта на 1 јуни 1981 година, организирана толпа од етничката група Сингали (Sinhalese) до темел ја изгоре градската библиотека во Јафна (Jaffna) во Шри Ланка - дом на речиси 100.000 ретки книги од историјата и литературата на Тамилите.

Фото: Борче Поповски

На плоштадот Бабел (Bebelplatz) во Берлин, едно од местата каде што се одржа церемонија на палење книги, вечерта на 10 мај 1933 година, денес се наоѓа спомен-обележјето Празна библиотека составена од стаклена плоча поставена во калдрма, давајќи поглед на празни полици за книги (доволно големи за да собере вкупно 20.000 изгорени книги), на која е врежана реплика на Хајнрих Хајне од неговата драма „Алмансор“ (Almansor, 1821): „Das war ein Vorspiel nur, dort wo man Bücher verbrennt, verbrennt man am Ende auch Menschen“ (на македонски: „Тоа беше само увертира; каде што тие палат книги, на крајот ќе горат и луѓе“).

Патем, во 1834 година, 99 години пред Адолф Хитлер и Нацистичката партија да ја преземат власта во Германија, Хајне во своето дело „Историјата на религијата и филозофијата во Германија“ напиша (во мој слободен превод): „Немој да му се потсмеваш на визионерот кој очекува да се случи истата револуција во реалниот свет како што таа се случи во духовниот. Мислата му претходи на дејствието како што молњата на грмотевиците. Германскиот гром има вистински германски карактер; тој не е многу агилен (брз и лесен во акцијата), но чука заедно. Сепак, тој ќе дојде и кога ќе слушнете крах каков што никогаш порано не сте слушнале во историјата на светот, тогаш знајте дека германскиот гром конечно падна. Во тој метеж, орлите во воздухот ќе паднат мртви, а лавовите во најоддалечените пустини во Африка ќе се сокријат во своите кралски јами. Во Германија ќе биде изведена претстава што ќе направи Француската револуција да изгледа како невина идила“.

Во 17 век (поточно во 1643 година), во парламентарната Англија со Уредбата за регулирање на печатењето се воспостави цензура на објавување. Како одговор на овој обид за воспоставување на цензурата во 1644 година англискиот поет, полемичар и ерудит Милтон издаде брошура (памфлет) со наслов „Ареопагитика“ (Areopagitica), пишувајќи против наредбата за лиценцирање книги и бранејќи ја слободата на печатот. Насловот на делото произлегува од грчкото име Areios Pagos (преведено како „Рид на Арес“), името на местото (карпата) од кое високиот суд во Атина наметнуваше општа цензура. Милтон ја брани слободната циркулација на идеи како неопходни за моралниот и интелектуалниот развој. Тој пишува: „Книгите не се апсолутно мртви работи, но содржат моќ на живот во нив за да бидат активни колку што беше таа душа чии потомци се“. Areopagitica е меѓу највлијателните и најстрасните филозофски одбрани на принципот на право на слобода на говор и изразување и денес сè уште се смета за една од најелоквентните одбрани на слободата на печатот некогаш напишана.

Фото: МАНУ

Триста години подоцна, во култната дистопија „Фаренхајт 451“ на Бредбери (1953), авторот замислува иднина во која „пожарникарите“ не гаснат пожари, туку ги горат сите книги што ќе ги најдат. „Книгата е полн пиштол во соседната куќа“, предупредува Бредбери, објаснувајќи зошто книгите мора да бидат запалени и нивното знаење избришано: „Којзнае кој би можел да биде мета на добро начитан човек?“ „Фаренхајт 451“, за многумина една од најсимболичните дистопии на дваесеттиот век, изобилува со многу интерпретации, од цензурите воспоставени од различни групи, етникуми, па дури и државата, до влијанието на масовните комуникации врз поединците и општествата.

Отсекогаш го замислував рајот како еден вид библиотека, пишува Борхес во Dreamtigers. Во еден негов друг расказ, „Библиотеката на Вавилон“, Борхес зборува за (конечна) библиотека која ги содржи сите книги некогаш напишани и секоја можна пермутација или погрешна верзија на секоја од тие книги. Време е „Македонска енциклопедија“ на МАНУ, со сите недоследности што ги има, да се врати во библиотеката на Вавилон. Таа таму отсекогаш и припаѓала. Книгите не се палат, забрануваат и повлекуваат. Парафразирајќи го Крлежа, би завршил со зборовите дека, сепак, книгата „е единственото нешто што човекот досега го смислил како оружје во одбрана на своето човечко достоинство“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни