X
 22.10.2019 Наша тема

Д-р Томислав Станковски: Партиите во наредните политички програми мора да вклучат мерки за подобрување на науката

Во време кога условите за правење наука во државата се на незамисливо ниско ниво – на проблемот му се пристапува на погрешен начин, фокусот за решение е изместен и има погрешна перцепција за причинско-последичните односи. А времето сега не може да биде подобро за да се реши ова исклучително значајно прашање, вели д-р Томислав Станковски во својот став за Факултети.мк

Пишува: д-р Томислав Станковски

Во науката односот е циркуларен: власт-академија-студенти-власт. Постои погрешна перцепција дека за науката во државата односот е унидирекционален: власт->академија. Но, всушност, има уште една, релативно голема група на чинители, а тоа се студентите. Не случајно секаде во светот науката во најголем дел се врши на универзитетите. Тоа е затоа што новите и врвни достигнувања од некоја научна област директно се интегрираат и се пренесуваат во знаењето на студентите. Имено, секоја година кога ќе излезе рангирањето на универзитетите по Шангајската листа, каде што главен критериум е науката, има вистински одѕив во нашето општество зошто и како тоа нашите универзитети не се рангирани. Студентите тоа го препознаваат и сакаат поквалитетно знаење - и со право, плаќаат даноци. Но, исто така, тие и гласаат на избори.

Д-р Томислав Станковски

Цело поглавје во преговорите за Европската Унија е посветено на: наука и истражување. Ние треба да ја подобриме науката заради нас самите, бидејќи таа е многу значајна и директно влијае врз нашата социо-економска состојба. Но, еве кога тоа веќе упорно не се случува, да го разгледаме случајот со нашите аспирации за ЕУ - кои деновиве за жал повторно се на удар. Голем процент од населението сака да пристапиме во ЕУ, а нашата заложба за насока кон ЕУ деновиве повторно е нагласена. Во рамките на преговорите од вкупно 35 поглавја, едно цело поглавје, број 25, е посветено само на „наука и истражување“. Ниту сме спремни ниту пак науката и истражувањето ни се средени.

Академската фела треба да се обедини и да се освести. Ние мора да разбереме дека решението на прашањето за унапредување на науката не е (само) на наш терен. Меѓусебни дебати за тоа како да ја подобриме науката, пишување писма, ставови... не вродија со плод. Повторно секоја година констатираме како пак ни е скратен буџетот или „како се крати од ништо“, или дека „можевме подобро“. Решението сè уште не е на наш терен. Мора првин да го освестиме општеството и да ги убедиме политичарите да слушаат. А кога ќе дојде на наш терен - таму веќе знаеме што треба да се направи.



А што треба да се направи за да се унапреди науката? Поради моментално ниската состојба, промените не е доволно да се инкрементални, мора коренито (барем еднократно) да се сменат работите. А, има толку многу идеи, сите добри. На пример, треба да добиеме пристап до најрелевантните научни бази, треба да се воведе стипендија за докторски студии и да не се плаќа партиципација за докторски (бидејќи така имаме одлив на најдобрите мозоци), да се финансираат научни проекти, да се возобнови Министерството за наука (бидејќи поради обемот на секторот образование, сега МОН едноставно не постигнува ниту се посветува на науката) итн. Доволно е само да се прочитаат сите статии за наука на Факултети.мк или уште подобро да се присуствува на некоја дебата за наука на УКИМ, кои се одржуваат за Денот на науката. Ова не може да го одговори еден човек, има многу различни идеи, сите добри и конструктивни - и решението треба да е заеднички потфат.

Да, ние сме сиромашна држава, но секогаш постои начин. Факт е дека ние не сме баш богата држава и можеби некој има перцепција дека за наука не е така приоритетно да се вложува. Ова е кратковиден погрешен поглед. Имено, „богатите држави не вложуваат во наука зашто се богати, туку важи спротивното - тие се богати зашто вложуваат во науката“. Науката и знаењето се едни од ретките работи што ако се извршат соодветно, може значително да ја подобрат социо-економската состојба во една држава. Во отсуство на други ресурси, ова се можеби најсоодветните дејности во кои вреди да се вложи. Инаку, која е алтернативата – да останеме и да се доразвиеме во услужници и извршители на други поразвиени земји и корпорации. Но враќајќи се назад кон решението, такви успешни промени се возможни и постојат во практика, веројатно не треба да бараме далеку и не треба да измислуваме топла вода. Доволно е само да ги погледнеме промените што ги направија некои од нашите исто богати соседи и како стигнаа до многу поповолна состојба на науката. Еден пример на кој сите се восхитуваме е Белградскиот универзитет, кој сега е високо рангиран на Шангајската листа, а тргнувајќи од слична позиција како нас, за брзо време многу се подобри.



Државните и идентитетските прашања поминаа на дневен ред - сега е време да се решат другите значајни прашања, како што е науката. Сега треба да се обединиме и да се посветиме на прашања кои толку долго беа запоставувани, вклучувајќи ја науката како една од позначајните. Сега се спремаат избори и партиите се во процес на спремање нови политички програми - токму затоа сега е вистинскиот момент за овие промени.

Културен натпревар на идеи. Политичките партии - вклучувајќи ги сите нив, власт, опозиција, стари, нови, македонски, албански, турски, српски,... - со новите политички програми имаат уникатна можност да предложат вистински промени за науката, кои ние будно ќе ги следиме и очекуваме, не само во нивните програми, туку и потоа при нивната реализација. Би била вистински незавидна позиција доколку некоја партија не внесе мерки за подобрување на науката, а нивните конкуренти внесат - тогаш губитник на гласови ќе биде партијата без предложени мерки. Така ова може да прерасне во културен натпревар на идеи (цт Гоце Делчев) - за доброто на сите во државата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема