Околу 400.000 предвремени смртни случаи биле забележани во Европа како последица на лошиот квалитет на воздухот во 2016 година, објави Европската агенција за околина (ЕЕА).
Во извештајот се наведува дека речиси секој Европеец што живее во град е изложен на ниво на загадување кое го надминува нивото штетно за здравјето.
- Загадувањето на воздухот моментално е најважниот ризик од околината за здравјето на луѓето - стои во извештајот.
Алберто Гонзалес Ортиз, експерт на ЕЕА за квалитет на воздухот, вели дека нивото на опасни честички во европските градови опаѓа, но не доволно брзо.
- Сè уште ги немаме достигнато стандардите на ЕУ и нормално, далеку сме од тоа да ги достигнеме стандардите на Светската здравствена организација - истакна Ортиз.
Според законот на ЕУ, членките се обврзани да го проценат степенот на присуство на штетни честички во воздухот, особено во урбаните подрачја, и да преземат мерки во случај на надминување на одредени
ограничувања.
ЕУ воведе поостри рестрикции во врска со штетните честички откако највисокиот суд на европскиот блок во јуни пресуди дека градовите треба да преземат мерки доколку ограничувањата се надминати на само една локација, наместо да се зема предвид просечната вредност во некој регион.
Во споредба со граничните вредности во ЕУ, концентрациите на ПМ 2,5 честичките биле превисоки во седум земји-членки на ЕУ: Бугарија, Хрватска, Чешка, Италија, Полска, Романија и Словачка.
Патниот сообраќај, електраните, индустријата, земјоделството и домаќинствата се наведуваат како главните извори на загадувачи на
воздухот. Овие извори се тесно поврзани со европските системи за производство и потрошувачка и се клучни водачи на емисиите на стакленични гасови и загуба на биодиверзитет.