X
 22.10.2021 Живот

77-годишниот О Јонг-су од „Игра со лигни“ открива како серијата му го промени животот

Ги освои срцата како аутсајдерот „Играч 001“ во „Игра со лигни“. Ѕвездата на серијата, 77-годишниот О Јонг-су неодамна гостуваше на корејска телевизија каде што зборуваше за тоа колку неговиот живот се променил по премиерата на популарната серија на „Нетфликс“. Како што вели, славата има и темна страна.

Во текот на гостувањето, Јонг-су зборуваше за Синдромот на игра со лигни, па дури и кажа дека многу луѓе се обидуваат да го контактираат, па затоа неговата ќерка мора да му помогне.

- Се чувствувам како да лебдам во воздух. Тоа ме тера да помислам: „Треба да се смирам, да ги организирам мислите и да се воздржам“. Ме контактираа многу луѓе, а бидејќи немам менаџер кој би ми помогнал, тешко ми е да се справам со обемот на повици и пораки што ги добивам. Затоа ми помага мојата ќерка - вели актерот.

- Се сменија многу работи. Кога ќе влезам во кафуле или некое место, сега морам да бидам свесен за тоа како изгледам пред другите. Тешко е да се биде познат - додава тој.

старец
Фото: Screenshot/YouTube

- Нашето општество честопати го признава само првото место, како другите места да не се важни. Како да постои само првото место, а второто е бесмислено. Но, иако второто место изгуби од првото, второто место го победи третото место. Значи, секој е победник. Затоа мислам дека вистински победник е некој што работи напорно во работите што сака да ги направи и се обидува да достигне одредена состојба однатре. Мислам дека таквата личност е победник - рече актерот.

И покрај неговата слава, Јонг-су не се стреми кон огромен успех и е задоволен од својот живот. Вели дека нема големи амбиции и дека веќе добил многу работи во животот.

- Едноставно, ги оставам зад себе оние работи што ги добив. Да речеме дека одите на планина и гледате цвет. Кога сте млади, го кинете цветот и го земате со себе. Но, кога ќе стигнете на моја возраст, ќе го оставите таму каде што е и ќе се вратите подоцна за да го видите. Истото е и со животот.

Извор: Daily Mail
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот