X
 22.10.2025 Живот

Астрономите збунети од чудната светлина што доаѓа од самиот центар на Млечниот Пат

Со децении астрономите се обидуваат да го објаснат необичниот сјај на гама-зраците што доаѓаат од самиот центар на Млечниот Пат. Постојат две главни теории: првата вели дека светлината доаѓа од судирот на честички на темна материја, додека втората укажува на пулсари, брзоротирачки неутронски ѕвезди кои се остатоци од експлодирани ѕвезди.

Една нова студија не дава дефинитивен одговор, но ги зголемува влоговите: ако првата хипотеза се потврди, таа би можела да биде првиот конкретен доказ за постоењето на темната материја, која научниците ја бараат со децении.

- Темната материја доминира во универзумот и ги држи галаксиите заедно. Ако изворот на тоа гама-зрачење е навистина темна материја, тоа би било пресвртница во модерната астрофизика - истакнал професорот по астрономија Џозеф Силк од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Мистериозната гама-светлина би можела да открие траги од темна материја

Силк и неговиот меѓународен тим од научници ја мапирале дистрибуцијата на темната материја во Млечниот Пат, следејќи како се формирала галаксијата. Според нивниот модел, помали системи на темна материја се судриле и се споиле во центарот на галаксијата, што можеби создало моќни емисии на гама-зраци.


Со споредување на тие симулации со податоците од телескопот „Ферми“ на НАСА, истражувачите пронашле впечатливо совпаѓање помеѓу предвидените и вистинските извори на гама-зраци. Сепак, сè уште не е исклучена можноста дека популацијата на пулсари, кои би можеле да емитуваат слични сигнали, е одговорна за сјајот.

Конечниот одговор би можел да дојде од новата опсерваторија „Черенков“, меѓународен проект што ќе вклучува 60 телескопи распоредени низ Канарските Острови и пустината Атакама во Чиле. Тоа ќе обезбеди најпрецизни набљудувања на извори на гама-зраци во нашата галаксија досега.

- Ако добиеме јасен сигнал, тоа би бил неоспорен доказ - вели Силк.

Дотогаш, неговиот тим планира да ги истражи блиските џуџести галаксии за да провери дали распределбата на темната материја се совпаѓа со постојните мапи на гама-зраци.

- Можеби потврдуваме една од теориите. А можеби нема да најдеме ништо, што само би ја продлабочило мистеријата на нашиот универзум - заклучил Силк.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот