X
 22.11.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со Илина Чоревска: „Не се трудев да излезам од сенката на татко ми, туку да го продолжам неговиот пат“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

И по дваесет години непресушна актерска игра во над 50 премиери и одиграни десетици ликови, Илина Чоревска со несмален жар глуми на сцената на Народниот театар во Битола, оставајќи траен белег како еден од најплодните и најпрепознатливи актерски брендови на битолското глумиште. Нејзината посветеност кон професијата се потврдува и со збирката добиени награди, која годинава се зголеми за уште две за најдобра главна женска улога на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Прилеп и на 20. Интернационален театар на античка драма „Стоби“ во Велес. Наградите ги доби за извонредната глума на ликот Медеја во претставата „Мy name is Medeja“ во режија на словенечкиот режисер Себастијан Хорват, а во продукција на Народниот театар од Битола.



- Тоа е лик кој бара максимална концентрација и опуштеност во играта за да можат да се доловат сите негови состојби. Комплексен и тежок за играње, но, од друга страна, се чувствувам сигурна кога го играм зашто е изграден од мои лични длабоки емоции. Медеја и Лина во многу нешта се поистоветуваат - вели Чоревска.

„Мy name is Medeja“ е претстава за женската моќ, каде што главната хероина, која ја игра Чоревска, е економска мигрантка од Балканот во Швајцарија, која е вклештена помеѓу немилосрдната и безлична бирократија, од една страна, и расипаноста на поранешниот маж, од друга. Медеја се бори, но секој чекор паѓа сѐ подлабоко кон дното. Во моментот на целосна немоќ таа сепак наоѓа надеж, но надвор од координатите во кои се движела дотогаш откривајќи дека вистинската сила секогаш се наоѓа во односот со другите.

Моето детство беше бајковито токму поради тоа што израснав во театар

Како ќерка на бардот на македонското глумиште - Борис Чоревски, а внука на првенката на Народниот театар во Битола, Олга Наумовска, Илина ја однеле во театар на неполни два месеца.

- Веројатно кога еднаш ќе вдишеш од театарската прашина, таа станува нешто без кое не можеш, еден вид позитивна зависност. Потоа, кога почнав да зборувам, велев дека ќе бидам глумица, за на крај тоа да премине во „ќе бидам глумица и точка“ секогаш кога некој ќе се потрудеше да ме разубеди. Најчесто тоа беше татко ми, кој ме убедуваше да изберам некоја друга уметност, но бев цврсто решена да станам актерка - вели Чоревска.



Додава дека за неа, театарот беше и остана најмагичното место во кое сѐ е возможно.

- Често знаев да се скријам во гардеробите каде што беа костимите на актерките и замислував како ги носам на сцена. Моето детство беше бајковито токму поради тоа што израснав во театар. Го знам секое скриено местенце во Народниот театар во Битола и често се шегувам дека можам и во темница да се движам низ него. Со еден збор, театарот е моето сигурно место - додава таа.

Од дете научив дека во театарот може да се умре и без да бидеш вистински мртов

Уште како дете учествувала во повеќе театарски претстави - „Роднокрајци“, „Цигани“, „Балканот не е мртов“ и други. И денес се сеќава на генералната проба на „Балканот не е мртов“ кога последната сцена била поставена така што децата биле напред, а зад нив Осман ја убивал Цвета. Кога пукнал пиштолот, се почувствувала како некој да пукнал во неа. Почекала да се спушти завесата и потоа почнала да плаче од шок. Тогаш научила дека во театарот може да се умре и без да бидеш вистински мртов.


Не се трудев да излезам од сенката на татко ми, туку да го продолжам неговиот пат

- За мене, татко ми секогаш бил само татко. Како дете се гордеев кога ќе го споменев во разговор и сите го познаваа. Што се однесува до актерскиот занает и советите што ми ги давал за одредена улога, никогаш не сум го послушала зашто сме сосема различни по сензибилитет. Не се трудев да излезам од неговата сенка, туку да го продолжам неговиот пат колку што можам подобро. Му се восхитувам со каква леснотија ги прави работите на сцена, додека јас малку треба да се помачам за да стигнам до резултат зашто сум перфекционист кој никогаш докрај не е задоволен од сработеното - вели Чоревска.



Нејзината баба Олга Наумовска (1927-1999) ја памети по нејзиниот театарски авторитет, прецизноста и грациозноста со која зрачела на сцената. За жал, таа не дочека да види дека внука ѝ стана актерка за да може со остриот продорен глас да ја искара саркастично, како што само таа знаела. „На сцената беше вистинска големина, а дома најнежната жена што ја познавав и на која ѝ ги доверував сите мои тајни“, додава Илина.

Актерот мора да го негува детскиот ентузијазам при создавањето на улогата

Зафатена со магијата на театарот, и во средно училиште учествувала во неколку аматерски претстави. Секогаш со радост се сеќава на „ММЕ кој прв почна“ во режија на Дејан Пројковски. Од тие тогашни аматери, многумина подоцна станаа професионални актери.



- Кога завршив средно училиште, требаше да чекам една година за да се запишам на ФДУ, но дури ни тоа не ме поколеба во желбата да бидам актерка. Се запишав во класата на Владимир Милчин, во која подоцна дипломирав. Се пријавивме голем број студенти за само девет места, па на крајот се прошири класата на тринаесет, меѓу кои бев и јас. Дипломирав со највисок просек во генерацијата, а лекциите што ги научив од професорот за актерското мајсторство се непроценливи. Една од нив е дека актерот во текот на животот мора да го негува детскиот ентузијазам при создавањето одредена улога и јас навистина се трудам да биде така.

Народниот театар во Битола засекогаш ќе остане мој прв избор и љубов

По дипломирањето чекаше осум години за вработување, но продолжи да игра во претстави. Тоа време ѝ беше најнесигурното, но истовремено научи многу важни животни и актерски лекции. Првата професионална претстава ѝ беше „Засекогаш и уште еден ден“ во 2004 година, во режија на Мартин Кочовски, кој како режисер на некој начин го има одбележано нејзиниот театарски опус зашто заедно работеле повеќе од десет претстави.

- Сум играла и претстави во Прилепскиот и во Велешкиот театар, но никогаш немав дилема дека сакам да се вработам во Битолскиот театар, кој засекогаш ќе остане мојот прв избор и љубов. И по поминати дваесет години, повторно би го избрала НТБ за моја матична сцена зашто е најдобриот театар во нашата земја - вели таа.



Нема формула за успех, треба да се биде искрен и доследен

За професијата актер, вели дека најважно е да се надградуваш и да работиш на себе зашто само талентот не е доволен. Таа има педесет премиери зад себе, а меѓу подрагите улоги ѝ се: Ана Балике во „Тапани во ноќта“, Лили во „Другата страна“, Варја во „Вишновата градина“, Ана Каренина во „Каренина made in Macedonia“, Агава во „Бакхи - Краток преглед на распадот“, Катарина во „Демони“, Глорија во „И коњите ги убиваат, зар не?“, Медеја во „My name is Medeja“. Меѓу омилените претстави ги издвојува и: „Хамлет Машина“, „Д-р Фауст“, „Пијани“, „Луди за љубов“ и „Слугинки“.

- Нема формула за успех, мислам дека треба да се биде искрен и доследен на професијата што ја одбираш, да учиш од своите и од туѓите грешки и да не се плашиш да пливаш во непознатото. Јас навистина уживам кога сум на сцена и пред публика, а чувството на исполнетост по добро одиграна претстава е неспоредливо искуство.



Наградата од „Стоби“ ѝ ја посветувам на мајка ми

Нејзината актерска кариера е овенчана со наградите Гран при на фестивалот „Моно-Акт“ во Косово за монодрамата „Антигона - вечерва морам да бидам храбра“ во 2009 година, во 2015 за улогата на Каренина во „Каренина made in Macedonia“ беше номинира за актерка на годината од страна на весникот „Дневник“, во 2022 на 30. ИТФ „Ристо Шишков“ - Струмица се закити со Специјална награда за актерско остварување за улогата на Катарина во претставата „Демони“, а улогата на Медеја во претставата „My name is Medeja“ оваа година ѝ донесе две награди. При доделувањето на наградата за најдобра женска улога на фестивалот во Стоби рече дека ѝ ја посветува на нејзината мајка, која во последно време има кревко здравје.

- Никогаш не сум сметала дека уметноста може да се мери со награди, таа е субјективна, она што некому му се допаѓа, за друг нема никаква вредност. Но, сепак, наградите се еден вид поттик за актерот да работи уште повеќе на себе. Планови за иднина?! Ќе му оставам на животот да ме изненади... зад себе имав година полна со животни предизвици, убави и многу тажни, но како и многу од ликовите што сум ги играла, продолжувам понатаму со крената глава во име на она што следува - вели Чоревска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема