X
 23.01.2019 Наука

Зошто не можеме сами да се скокоткаме?

Дали некогаш сте пробале сами да се скокотнете? Пробајте да го направите тоа, а потоа замислете дека некој друг ве скокотка. Двете чувства се различни, иако допирот е ист. Причината за тоа е - кога некој друг ве допира, немате директна информација за тоа дали допирот ќе продолжи или ќе се промени. Затоа луѓето не можат сами да се скокоткаат, бидејќи нема елемент на изненадување.

Но, нова студија од истражувачи од Универзитетот во Линшепинг, Шведска, открива дека има уште нешто освен неизвесноста.

- Мислам дека чувството на опипливост и човечкиот допир се нешто многу важно за нас, луѓето, но тоа не е многу проучувано - вели Ребека Бехме, водечки автор на студијата.

Допирот е првиот начин на кој луѓето се запознаваат. Но, нашите мозоци ги процесираат допирите и самодопирањето со различни брзини и интензитет. Новата студија помага да се расветлат некои делови од овој процес. Бехме и нејзините колеги направиле серија од три тестирања на различни групи испитаници за да утврдат што се случува во нервниот систем и во мозокот кога нè допираат и кога самите се допираме.

Во првото тестирање тие ги снимиле испитаниците со магнетна резонанција и утврдиле дека кога луѓето сами се допираат, се активираат помалку области од мозокот и на помал интензитет отколку кога се допирани од други луѓе. Во вториот тест тие побарале од испитаниците да си ја допрат раката и истовремено ги боцнале со пластична жица. Потоа истражувачите ги прашале испитаниците дали ја почувствувале жичката и каде најмногу го почувствувале допирот - во раката што допира или во раката што е допрена. Во третиот тест истражувачите ставиле електрода на прстите на нозете на испитаниците и ја користеле за да следат колку брзо мозокот ја обработува информацијата од самодопирањето и од допирот од други луѓе.

Утврдиле дека перцепцијата на самодопирањето е помал приоритет за мозоците на испитаниците отколку перцепцијата на допирот од други луѓе. Тоа и не било големо изненадување. Она што ги изненадило е нивото на разликата меѓу сигналот за самодопирање и за допир од други луѓе.

- Екстремната разлика не беше нешто што го очекував - вели Бехме.

Студијата покажала дека мозоците на испитаниците јасно ја разбрале разликата меѓу самодопир и допир од друг човек.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука