Осумдесет и еден ученик од штипските основни и средни училишта се испишани поради нивно заминување во странство. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева, денеска истакна дека оваа бројка на испишани ученици е од септември до декември 2022 година, односно за време на првото полугодие од учебната 2022/2023 година.
- Податоците ги добивме од директорите на училиштата, во средните училишта имаме 12 испишани ученици на ниво на општина, додека кај основните училишта ситуацијата е малку позагрижувачка бидејќи таму имаме околу 69 ученици за кои е побарана исписница. Меѓутоа, добивме информација од некои директори дека се случува семејствата кои заминуваат во странство по еден месец и да се вратат повторно во своите домови. Значи има и таква тенденција - вели Санева.
На прашање колку од овие ученици се вратени по еден месец, Санева одговори дека во проценти се од 20 до 30.
- Родителите на овие ученици кога заминуваат во странство, отсуството го земаат за еден месец, бидејќи толку и можат да бидат отсутни од настава и кога отсуствуваат, го нагласуваат тоа и во тој месец знаат дали ќе останат таму или ќе се вратат и се случува да се вратат - вели Санева.
Извор: МИА