X
 24.11.2017 Култура

Најважната вештина за ученици и студенти во 21 век


Две деца со таблети во рацете
(Фото: Pixabay)


Дали умеете да програмирате? Дали зборувате јазици? Колкав е вашиот коефициент на интелигенција? Постојат различни мислења во врска со прашањето на што најмногу треба да обрнат внимание учениците и студентите за да успеат во овој конкурентен свет.

Сепак, според Фарид Закарија, американски писател и реномиран уредник кој работи за Си-ен-ен и пишува колумни за „Вашингтон пост“, една од најважните вештини што треба да ги стекнат учениците и студентите, но и сите други, е интелектуалната дисциплина. Тие мора да се пробиваат низ „шума“ од информации, да препознаваат кои се важните и корисни факти, а кои не се, како и да развиваат сопствен поглед на светот.

На панелот „Education in the Post-Truth World“ што се одржа на самитот WISE 2017, Закарија објаснил како влијаат разни медиуми врз младите:

„Им зборувам на своите деца цело време, можете да поминувате преку сите тие наслови, твитови и блогови колку сакате – на крајот на денот се смета само вистинското знаење, она што длабински го развивате. Тоа значи дека и понатаму морате да читате книги, да се консултирате со стручни лица, да учите, да бидете љубопитни...

Ако не го правите тоа, автоматски им давате предност на други. И тоа е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме.

Не сакам никого да омаловажувам. Пораснав во Индија без телевизија. Кога телевизијата беше воведена во Индија, некаде околу 1975 година, имав 10 години – еден канал, црно-бел, прикажуваше теми поврзани со индиското земјоделство кои никој не сакаше да ги гледа. И имаше еден боливудски филм во недела навечер.

Да имав тогаш суперкомпјутер во својот џеб, како што сега е „ајфонот“, и да ја стримував целата забавна програма, мислам дека немаше толку многу да читам и дека немаше да имам ваква кариера.

Децата што сега растат мора да научат нешто што јас не морав да го учам тогаш, а тоа е дисциплина – ИНТЕЛЕКТУАЛНА ДИСЦИПЛИНА –  односно способност да се каже НЕ.

Едноставно, јас тогаш немав избор, а денешните деца присуствуваат на експлозија од опции, експлозија од можности.“

На децата им е потребно враќање кон „корените“, да разберат некои работи подлабоко, а не на сè да гледаат површно. Повеќето тинејџери пристапуваат до вести од мрежите како „Твитер“ и „Снепчет“, каде што добиваат непроверени информации од поединци. Според студија од „Станфорд“, многу средношколци не умеат да ја препознаат разликата меѓу спонзорираните содржини и вестите. Исто така, не знаат кои извори на вести се верификувани, односно не можат јасно ги разграничат точните од неточните информации.

Затоа е важно децата, учениците, студентите, па и повозрасните, да бидат дисциплинирани во работата и учењето, и да знаат да кажат „не“ на работи што им го одвлекуваат вниманието од она што навистина вреди. Така ќе знаат правилно да резонираат, да ги филтрираат информациите и така да ги добиваат само оние најрелевантните.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура