X
 23.02.2019 Живот

Дали Меркел би рекла за себе дека е феминистка?

Германската канцеларка Ангела Меркел сигурно е една од највлијателните и најмоќни жени на светот со која се идентификуваат повеќето од жените.

Таа неодамна зборуваше за феминизмот и за животот на една жена лидерка. На прашањето дали е свесна колку жени всушност чувствуваат силна врска со неа, таа одговори:

- Тоа не ми е баш најјасно. Чувствував благодарност поради работата што ја работам, но предизвикав и многу негативни емоции, особено за време на кризата, но и кога станува збор за мигрантите. Ме критикуваа исто како што би критикувале и некој маж. Не би го генерализирала мислењето дека жените секогаш ќе им се восхитуваат на жени. Дури и меѓу жените некогаш постојат тешки чувства. Ретко им се обраќам само на жените. Јас сум канцеларка на сите граѓани на Германија. Мислам дека и самите жени не очекуваат да им се обраќам посебно на нив - додаде таа.

Меркел беше прашана и дали би се нарекла себеси феминистка.

- Сметам дека жените како Алис Шварцер се феминистки. Или Мари Јухач, која заедно со другите пред 100 години се борела за жените и победила. Тие се бореле за женските права во текот на целиот свој живот, а јас за себе не можам да го кажам тоа. Како жена и јас морав да го пронајдам својот пат за да дојдеме до точка на изедначување со мажите. Еднаквоста во сите сфери од животот ми е логична. Мислам дека не треба тоа постојано да го истакнуваме - рече канцеларката.

Таа додаде и дека ја поддржува дефиницијата за феминизмот на холандската кралица Максима, која вели дека е феминизам ако се поддржува ставот дека жените и мажите треба да имаат исти животни можности.

Уште во текот на студиите Меркел станала свесна колку се доминантни мажите, а тоа се покажало како вистина и во текот на нејзината политичка кариера. Таа беше прашана и како една жена преговара со мажите, особено во конфликтни ситуации.

- Женскиот глас не е толку мрачен и јак како машкиот. Авторитетот кај жените е нешто што се учи со годините. И, секако, секогаш постои расправа околу тоа како се облекувам. За мажите не е никаков проблем милион пати да облечат темносин костум, но кога јас би облекла ист блејзер неколку пати, тоа сите би го забележале - изјави Меркел.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот