X
 09.08.2017 Живот

Секојдневниот живот на Ангела Меркел

merkel
Фото: Profimedia

Германската канцеларка Ангела Меркел, која својот приватен живот го држи под контрола – и пред и по изборите, повторно предизвикува внимание во јавноста, не само за тоа што работи и какви политички одлуки носи туку и за тоа каква е кога не се наоѓа пред очите на јавноста, како живее, каде пазари, каде го запознала својот прв сопруг, кој е нејзиниот втор сопруг, каков стан поседува...

„Дури ни министерот за финансии Волфганг Шојбле не го видел нејзиниот стан“, пишува во најновиот број на германскиот месечник „Вју“, кој наведува дека на вратата на четвртиот кат на зградата на адреса: Am Kupfergraben 6, која се наоѓа во берлинскиот „Остров на музеите“,  напишано е само „Професор Зауер“ и не се знае ништо повеќе за изнајмениот стан каде што живеат Меркел и нејзиниот сопруг, професор по квантна хемија.

„Станот би требало да изгледа повеќе како студентски, но ниту нејзините најблиски соработници, како Шојбле или портпаролот на владата, Штефан Зајберт, никогаш не биле таму“, пишува „Вју“.

Магазинот наведува дека таква можност имала, на пример, оперската ѕвезда Ана Нетребко, затоа што Меркел обожува опера.

За Меркел, која е фаворит за септемвриските избори, и која особено во ова време на предизборна кампања и натпреварување го привлекува вниманието на јавноста, се вели дека иако е во центарот на вниманието на целиот свет, сепак успева да „живее еден речиси нормален живот“.

Има неколку места што Меркел ги користи за одмор и кои ги смета за „свети“. Таа секогаш кога има можност ги поминува викендите во својата викендичка во Хоенвалд кај Укермарк, на 20 километри источно од Темплин.

„Тука собира сили, слуша гласна класична музика, додека со задоволство готви домашна чорба од градинарски компир. Тука ретко прима гости. Браденбуршката полиција на сите што сакаат да ја фотографираат нејзината куќа, љубезно, но одлучно ги замолува да ја избришат фотографијата во нивно присуство“, пишува магазинот.

Иако и по 12 години од нејзиното владеење се верува дека за неа се знае речиси сè, всушност за неа се знае многу малку, како на пример дека има лесна кратковидост и мора да носи очила, главно кога на новогодишното обраќање кон нацијата мора да чита од телепромптерот, или на фудбалските натпревари, кога како и во сите останати пригоди – носи контактни леќи.

За неа исто така се знае дека не сака да телефонира, но страсно пишува СМС-пораки, кои може да ги напише и „на слепо“.

„Нејзиниот мобилен телефон е нејзината канцеларија. Таа неделно испраќа стотици кратки пораки“, пишува магазинот.

За Меркел се знае и дека првиот сопруг, студентот по физика Урлих Меркел, го запознала во 1974 година на едно патување во Русија, а дека веќе 33 години живее заедно со професорот Зауер...

Кога станува збор за местата каде што излегува, таа наводно пријатно се чувствува во еден берлински ресторан, каде што гостилничар е Грк, готвачот е Италијанец, а амбиентот е во стил на париско бистро. Тука Меркел нарачува „кефтедес“, грчки ќофтиња од мелено месо, истакнува „Вју“.

Заедничкиот пријател на брачната двојка Меркел-Зауер, планинарската легенда на Јужен Тирол каде што Меркел со задоволство се одмара, Рајхолд Меснер, пред неколку години на италијанското списание „Венити“ му раскажал едно доживување, кога едно од децата на професорот Зауер побарало совет во врска со проблем на факултетот и кога Ангела сакала да се вклучи во темата, сопругот шармантно ја „закочил“: „Госпоѓо канцеларке, вие веќе подолго време сте оддалечени (од универзитетот)... Вие веќе не се разбирате во таквите работи...“  Дополнително, Меснер раскажал и за непоколебливата страст и одлучност на Меркел при планинарењето.

„Без никаков тренинг таа може шест часа да се искачува без ниедна пауза за оброк“, ги раскажува тој своите доживувања со Меркел.

Овој планинарски експерт за неа вели дека всушност не прифаќа никакви бонуси, ниту луксуз и дека инсистира сè да плаќа од сопствениот џеб. „Вклучително и едно еспресо“, истакнува тој.

Кога се работи за Меркел и нејзините одмори, таа е позната по тоа што секогаш се одмара на ист начин како и милиони други Германци – не оди на скапи јахти кај богаташите кои со задоволство би ја нагостиле, а тоа е и еден дел од тајната на нејзиниот успех, сметаат експертите за маркетинг, кои потенцираат дека важен дел во тоа има и разбирливата љубопитност  на луѓето.

Вистината за Меркел „се сервира“ во „мали залаци“ – се истакнуваше при „жешката фаза“ во една од нејзините минати изборни кампањи, од кои секогаш излегувала како победник.

Меркел се смета за личност која добро го чува сопствениот приватен живот, но понекогаш, внимателно и стратешки, „малку ја  подотвора вратата“ и тогаш Германците дознаваат за нејзиниот стил на владеење, готвење, сопругот и за сите други теми...
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот