X
 08.05.2019 Живот

„Токсичната машкост“ и диспропорционалниот ангажман за унапредување на женските права

Пишува: Стефан Марковски

Екстремната политичка поларизација (левица-десница; елитисти-популисти; прогресивци-конзервативци...) секако не е нов феномен, но последниве години, поткрепено со масовната интеракција преку одредени можности во располагање на социјалните медиуми, ваквата поларизација проткаена од појави од типот на политичката коректност, „лепењето етикети“ и сигнализирањето доблести (анг. virtue signaling) како да почна да ескалира трасирајќи нови насоки, а една од овие насоки е и борбата за целосна родова еднаквост во западниот свет.


Секој обид за краток текст на темите опфатени во насловот на конкретниов би бил премногу обопштувачки или со некаква предрасуда базирана на непрецизни/неточни генерализации и затоа, во контекст на одговарањето на така важни и комплексни прашања овде ќе напоменам дека е важно да се дочита статијава докрај како би дошле до некаков сублимат кој од свое гледиште критички ја одразува политичката реалност на прашањата врзани за она што се дефинира или опишува како алфа-мажественост и импликациите во социјален контекст, поимот „токсична машкост“ и моменталната улога на феминистичките движења во западниот свет.

Еден од двата клучни недостатоци на науката кои овде ќе ги споменеме отсекогаш била тешкотијата, дури и неизводливоста на комуникација со „обичниот свет“ во насока на соопштување на нејзините комплексни и ретко „апсолутни“ резултати, кои би биле во склад со едноставноста која вообичаено се очекува. Сепак, она што е основно за науката и нејзиниот метод е проверливоста од која најчесто произлегуваат неедноставните (или „неапсолутни“) заклучоци. Научниот метод е системски конституиран од 6 елементи: карактеризации, формулирање хипотеза, предвидувања врз основа на хипотезата, експеримент, евалуација и подобрување, конфирмација/негација и за истите би можело да стане збор во друг текст, но она што е клучно за споменување во насока на утврдување на валидноста на едно тврдење е објективноста во спроведувањето на секој од овие 6 елементи да ги исклучи емоциите и субјективните склоности. Ова е веројатно и поголемиот „недостаток“ на науката кога се работи за нејзините „комуникациски способности“. 

Имајќи го предвид едноставниот факт дека секое општество е разложливо на некакви дефинирани структури или групи, а групите на поединци, разбирливо е дека при проучувањето на општествените феномени една од најважните алатки е конзистентната примена на статистичкиот метод, на бројните показатели кои го определуваат сето мерливо, а врз основа на кои се задава основа за компарација, по што може да следи изготвување одредена стратегија.

За значајноста и севкупните импликации на статистичкиот методолошки пристап во науките, вклучувајќи ги и општествените (општественонаучна статистика), постојат планини аргументи за чие објаснение би ни неопходел гигантски простор, но би спомнале дека Универзитетот Харвард има развиено катедри кои методолошки конвергираат кон тн. квантитативни општествени науки, зависни и определени во согласност со Бајесовата веројатност, односно статистичка анализа.

Темите опфатени во овој текст би можеле да се сведат на женските права; неспорен факт е дека истите во текот на минатиот век во средини како Европа, Северна Америка, Јапонија и сл. забележаа драматичен пораст и доближување до еднаквост со машките, а тоа се должи на промената како на законските регулативи, така и на драстичната промена на самата култура и културните норми, делумно и заради одредени влијанија на протофеминистичките/феминистичките движења.

За разлика од првиот и секој натамошен бран на феминизмот (М. Леар), како движење спротивставено на владејачките културни тенденции втемелено на барањето на застапниците за женските права за елементарни права и слободи на жената во рамки на сеопштото функционирање на државата, четвртиот бран на феминизмот почна во 2012-та и како таков се залага за целосна еднаквост меѓу мажите и жените од аспект на заработка, надминување на сексуалното и секое друго насилство над жените и слично, и според неговите пропонент(к)и, е директно зависно од социјалните мрежи, добивајќи моментум со движењето #MeToo и обвиненијата против холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, за да продолжи со неколку ограноци на социјален ангажман од 2017-та натаму. Во овој текст нема да навлегуваме подлабоко во оправданоста на ова движење, но ќе спомнеме дека на порталот vox.com е изнесена информацијата дека бројката на обвинети актери, музичари, политичари, директори и сл. за сексуално злоставување во периодот меѓу април 2017 и јануари 2019 опфаќа вкупно 263 индивидуи од широк спектар области: од судијата на Врховниот суд на САД Брет Кавана, преку актерите Жерар Депардје, Стивен Сигал, Мајкл Даглас, Морган Фримен, режисерот Оливер Стоун, водителот Чарли Роуз, сѐ до профили од типот на астрофизичарот Нил деГрас Тајсон и астрономот Џефри Марси.
Притоа, многумина оценуваат дека оваа незанемарлива бројка од VIP личности која исплива на површина за период од околу 20-на месеци  во бројна смисла е само површината од ледената санта од каде не е тешко да се заклучи дека сексуалното злоставување во најголем дел од елитните кругови е небаре своевидна „социјална норма“, „правило“ врз кое се засноваат односите на моќта во таквите средини. Судејќи по ова, бројот на потенцијално обвинети мажи од високите кругови за ваков вид престап би можел, во најмала рака, да се мери во десетици илјади.
Оваа најнова тенденција на феминизмот задава поинаков тон и ја доближува до тн. snowflake култура, придонесувајќи полека да се вброи во етаблираната и мејнстрим култура, напуштајќи го некогашниот статус на општествено движење спротивставено на доминантната култура и модус на општествена организација.

Како што алудира и насловот на статијава, нашите забелешки кон ова и сличните движења пред сѐ би можеле да се сведат на критика на двојниот аршин кон борбата за правата на жените во западниот и останатиот свет.

Женските права во арапскиот свет и молкот на западните феминисти

Меѓународната организација Women, Business and the Law Index 2019 изработи мапа на женските права според која само во 6 земји правата на мажите и жените се изедначени, а Global Gender Gap Report 2018 (WEF) изнесува сличен заклучок и истиот се темели земајќи предвид 4 критериуми: економија, образование, здравство и политика.



Да изложиме неколку интересни податоци од релевантни организации како ООН, Human Rights Watch кои паѓаат во очи кога станува збор за женските права.

Информациите на ООН сугерираат дека „една во три жени во светот е изложена на сексуално или физичко насилство“; „само 22% од парламентарците во светот се жени“; „постојат 52 земји во светот во кои еднаквоста меѓу мажите и жените не е уставно загарантирана“. Станува збор за истата организација ООН во која членка на Комисијата за женски права е Саудиска Арабија, земја која е во топ 20 светски економии во постојан раст како резултат на енергенсите (вредна 34,4 трилиони долари) , земја која спаѓа токму во тие „52 земји во светот во кои еднаквоста меѓу мажите и жените не е уставно загарантирана“, земја во која според Меѓународната организација за труд жените претставуваат 18,6% од работната сила (некои статистики покажуваат дека овој процент е дури и значајно помал), земја во која жените во парламентот конституираат 12,9% (2014), земја во која постои смртна казна за прељуба со далеку покомплицирана доказна постапка за жените (од која не била поштедена и самата принцеза Мишаал стрелана во глава на свои 19 години) и вештерство, земја во која е гарантирана сексуална сегрегација на просторот (објекти во кои нема пристап за жени или пристапот се ограничува во одредени периоди од денот или под одредени услови), на професиите (на пример, жените не смеат да бидат келнерки освен во ресторани за жени), на облекувањето (со задолжителни типови облеки за жени), земја во која на жените им е неопходна согласност од махрам (вообичаено татко или сопруг) за образование, за патување во странство..., земја во која интеграцијата во пазарот на труд и учеството во политиката за жените се далеку потешки и небезбедни, земја во која исклучиво на мажите им е дозволен брак со повеќе жени, земја во која домашното насилство до 2013-та не задаваше основа за криминално гонење (сега максималната казна за ова е една година и парична казна во комплексна судска постапка), земја во која не постои закон согласно кој силувањето го формулира криминал, а во пракса токму жената најчесто бидува казнета доколку дојде до ова... Во овој контекст и египетско-американската новинарка Мона Елтахави, зачетник на огранокот на #MeToo во исламскиот свет, движењето #MosqueMeToo, во напис за Њујорк Тајмс уште во 29.11.2007 го постави прашањето „Каков Бог би ја казнил жената за силување?“
Гореспоменатите факти за женските права во Саудиска Арабија се само некои, а Саудиска Арабија е само една од многуте земји, особено во Блискиот Исток во кои женските права и во 21-от век се наоѓаат на трагикомично ниво.

За илустрација, иранско-британската комичарка и активистка Шапи Корсанди во статијата насловена Why won’t western feminists support the woman arrested for taking off her hijab in Iran? It doesn’t make you Islamophobic  легитимно го поставува прашањето каде е реакцијата од левицата кога жена што протестира добива 2-годишна затворска казна само затоа што си ја извадила  прекривката за глава која е присилена да ја носи?
Неколку пункта кои треба да се нагласат во насока на расчистување со тоа за што би станало збор кога се тематизираат женските права во арапскиот свет и секаде каде жените се во фактички подредена положба:

-    Феминизмот е меѓународно движење чија активност не смее да се ограничи на еден регион или култура;
-    Не станува збор за критика на религии или култури, освен ако кореспондентните религии или култури не наметнуваат инфериорност на жената во однос на мажот;
-    Доколку стане збор за ваква критика, како што тоа го сугерира Корсанди, тоа не подразбира дека феминистките се исламофобни или пристапуваат со предрасуди кои би довеле до уништување на културите или религиите, туку напротив - дека се борат за нивно подобрување;
-    Споредувањето и компаративните анализи на различните културни поднебја на глобално ниво од кој било аспект, вклучувајќи го и оној кој ги зема предвид женските права, е природно и корисно како за средината во која истото се приопштува, така и за средината која е доведена во корелација;
-    Ограничувањето на борбата за женските права на одреден спектар на делување и одредени региони и културни средини подразбира испраќање порака на изолација наместо интеграција на уникатностите на различните културни средини, како и културен релативизам, па дури и порака на културна супериорност од аспект на избегнување комуникација - комуникацијата меѓу различните култури е оптимална кога постои комуникација меѓу нивните конституенти, вклучувајќи ги и културните движења и размената на идеи;

-    Соучеството на мас-медиумите во игнорирањето на борбата за женските права во регионите каде тие се најнепосредно и најрадикално повредени е еклатантно кршење на секоја од 11-те точки од Декларацијата за елиминација на дискриминацијата против жената на ООН од 1967 година, потоа на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жените (CEDAW) и останатите меѓународни регулативи кои се однесуваат на родовата и општочовечка еднаквост.

Мизандрија/мизогинија и „токсична мажественост“ како предмети на опсервација на западните феминисти

Дали мажите и жените се рамноправни и еднакви во западните земји? Имајќи ги предвид статистичките податоци на ООН и други организации, цениме дека веројатниот одговор би бил дека простор за „совршена рамноправност и еднаквост“ останува и понатаму, иако во доминантна мера може да стане збор за условна рамноправност.

Од кои фактори зависи родовата нееднаквост во едно општество? Веројатно најзначајни фактори би биле: 1) финансискиот капитал; 2) правните регулативи; 3) општествено-религиските канони/социјални норми; и 4) други аспекти на културата.

Ако улогата на жената, како и онаа на мажот во западните општества во 21 век е претежно дефинирана од капиталот, неговиот тек, распределба, начини на генерирање, производство и претворање во добра и услуги, не постојат логички пречки за консеквентниот заклучок дека и самата нееднаквост е дефинирана од капиталот. Ова е така во сите општества во кои не постојат правни и/или општествено-религиски канони и социјални норми кои ставаат знак забрана на еднаквоста, односно во кои истите може да бидат занемарени за сметка на централната улога на капиталот.

Од друга страна, различен би бил пристапот доколку како предмет на опсервација се јават општествени критериуми на „евалуација“ на родовите кои не се директно поврзани со аспектите на капиталот, односно произлегуваат од закони, стереотипи или општествени движења и тенденции, кои знаат да зададат и емоционален тон на меѓуродовите односи.

Во насока на ваквата емоционалност се определува и терминот мизандрија -  кованица од старогрчките misos и аndros, односно омраза и маж, и во неретки прилики се користи паралелно со терминот андрофобија - чувство на омраза или одбивност кон мажите кое произлегува од страв од нив.

Како и релативно почесто употребуваните термини мизогинија и гинофобија, истражувачите и овие чувства во контекст на субјективното доживување, а кои спаѓаат во поткатегоријата на социјални фобии ги определуваат најчесто како резултат на широк дијапазон фактори, вклучувајќи ги мас-медиумите, културните и традициски норми, општествените наративи, од една, но и личните соочувања со спротивниот пол/род, од друга страна. Овде, едноставно формулирано, според психоаналитичарите особено значајно место зазема односот помеѓу детето во фазата на индивидуација, односно до возраст од околу 7 години (ќерка, син) и родителот од спротивниот пол; во случајот со мизандријата, тоа е односот ќерка-татко, кога се создаваат и клучните комплекси кои кај некои индивидуи продолжуваат да се манифестираат на мноштво начини.
Ориентационо ќе спомнеме дека постојат и значенско спротивставени термини како гиноцентризам, односно ексклузивно женска или феминистичка перспектива/гледна точка кон индивидуалните или општествените феномени, како и гинефилија - љубов кон жените до степен на соживување и/или себеидентификација со жените (како еквивалентни поими со „обратно реферирање“ се среќаваат и андроцентризам и андрофилија).

Но да се вратиме на темата.

Некои од пропонентите и движењата кои се врзани и произлегуваат од четвртиот бран на феминизмот може да се окарактеризираат како повеќе, некои како помалку радикални, но се поставува прашањето - кои се критериумите кои ја детерминираат „црвената линија“ што на еден пропонент или движење може да го окарактеризира како мизандрично или андрофобично?

Нашиот одговор би бил - истите критериуми кои може да зададат основа за квалификација на нечии дела, гласни размислувања, апели, дури и своевидни уметнички (или „уметнички“) изрази како дела на мизогинија и гинофобија како полово, односно родово ограничени форми на мизантропија, со таа разлика што овојпат во фокусот би бил мажот и сето она што ја конституира мажествената природа.
Дали би можеле тн. токсична мажественост да ја сместиме во поимите-конструкти кои по себе претставуваат израз на мизандрија или андрофобија?

Одговорот е веројатно - и да и не, во зависност од различните определби на самиот овој поим, со оглед дека за истиот и нема општоприфатена и инваријантна дефиниција.

Доколку поимот како таков се обидува да изнесе генерализации (што е за жал, неретко случај денес) за севкупната машка природа и тоа го прави спротивно на предвиденото согласно научниот метод - според принципите на проверливост, повторливост, мерење/одредување и допрецизирање, тогаш недвосмислено одговорот е ДА. Доколку пак, се употребува научен метод во утврдувањето на ваквите генерализации за севкупната машка природа, неопходна би била експериментална поткрепа, што е, од поголем број теориски и практични причини неизводливо, односно фалсифиабилно и a priori осудено на неуспех.

Би навеле 3 аспекти кои сериозно го проблематизираат ваквото генерализирање:

-    На светот постојат над 3 милијарди мажи (различни „единици“ подложни на анализа) со различни психолошки конституции;
-    Секој маж и секоја жена во своето однесување демонстрираат променливости кои во определена мера понекогаш може да спаѓаат во она што евентуално би се дефинирало како „токсична мажественост/женственост“ преку индуктивно генерализирање;
-    Ваквите променливости кај човечките индивидуи (како самосвесни биолошки битија) зависат од фактори кои ги вклучуваат и самите методи на опсервирање, заклучување и обзнанување на донесените заклучоци.

Доколку поимот се обидува да изнесе на површина одредени (негативни, „токсични“) аспекти специфични за однесувањето на одредена група мажи, тогаш терминот мажественост е употребен погрешно затоа што во тој случај станува збор за специфичниот склоп од психолошко-бихевиорални карактеристики на определена група.

Ако се обидеме ваквиот специфичен склоп да го наречеме, на пример, „токсична специфицирана мажественост“ повторно би наишле на проблем со оглед дека „специфицираната мажественост“ која се однесува на определената група и мажественоста како општ поим (кој реферира на сите мажи воопшто) треба да имаат егзактно определени паралели согласно методите на аналитичката психологија, што секако не е случај. Ќе потенцираме дека ова важи, односно би важело и за евентуален обид при воведувањето поим со еквивалентни генерализирачки тенденции на токсична женственост.

За крај, земајќи го предвид изнесеното за актуелната состојба со женските права во западните земји (каде согласно статистиките на меѓународните организации истите се на највисоко ниво) и наспроти нив - во незападните земји, а каде во прв план влегуваат арапските земји, го поставуваме прашањето: на што се должат ваквата селективност и диспропорционалност во интересот на феминистите и феминистичките организации за инволвирање во борбата за унапредување на женските права и кои се методите кои ќе му помогнат на (новите облици на) феминизмот да се етаблира како вистинско глобално движење кое би ја надминало ваквата ограниченост.



[1] Извор: https://www.investopedia.com/articles/markets-economy/090516/10-countries-most-natural-resources.asp

[2] https://www.nytimes.com/2007/11/29/opinion/29iht-edeltahawy.1.8528543.html?_r=2

[3] https://www.independent.co.uk/voices/iran-hijab-protests-headscarf-take-off-islam-muslims-middle-east-western-liberals-a8248106.html



Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот