Метежите што се создадоа пред шалтерите и пунктовите на МВР поради вадењето патни испрати и лични документи и нефункционирањето на системот со закажување термини покажаа дека државните институции треба да го приспособат работното време на потребите на граѓаните.
Моделот на флексибилно работно време позитивно влијае врз мотивацијата на вработените, а овој тренд првпат почна во скандинавските земји, се прошири во САД и во Индија, а сега Германија почна да го имплементира во неколку сектори.
- Невозможно е да се заврши работа во институција ако не се отсуствува од работа неколку часа. Додека да отидеш и да се вратиш, во скопскиот сообраќај губиш најмалку еден час, а што е со чекањето ред и средувањето на потребните работи. Сите имаат исто работно време – институциите, мнозинството компании, банки, адвокати, нотари... Не дај боже да треба, на пример, да склучите купопродажен договор за автомобил и да треба да го одјавите. Ќе ви треба ден од одмор или пауза од три часа на работа. Не сите имаме можност да го правиме тоа, а има и луѓе што работат во периферните населби од градот - вели Андон од Скопје.
Во Македонија во 2017 година првпат се воведе флексибилно работно време во државната администрација, како и ново фиксно работно време организирано во смени и за викенди.
За Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги, Министерството за внатрешни работи: подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи во Одделот за граѓански работи, како и во Министерството за одбрана – за одделенија за одбрана за регион со градовите и општините во состав беше воведено работно време од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот, со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.
Одлуката, како што ја образложи тогашниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, беше резултат на серија консултации со граѓанските организации и синдикатите за да се подобрат условите за вработените во јавната администрација, како и за подобар пристап до услугите за граѓаните и за бизнис-заедницата.
Управата за јавни приходи има работно време од 7:30 часот до 16:30 часот, а само приемните одделенија на регионалните дирекции работат до 19:30 часот, но не и за викенди.
Управата за водење матични книги работи од 7:30 до 21:30 часот и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.
Управните служби при Министерството за внатрешни работи имаат приспособено работно време на шалтерите со цел да ги опслужат сѐ поголемиот број граѓани, особено сега кога граѓаните брзаат да ги заменат пасошите и личните карти бидејќи постојните исправи без придавката „северна“ престануваат да важат.
Секој работен ден од понеделник до петок, работното време во седиштето на Одделението за управни работи Скопје во МТВ како и дисперзираните канцеларии во „Беко“ и „Ѓорче Петров“ ќе биде со почеток од 7:30 часот до 20:00 часот, додека во дисперзираните канцеларии за управни работи во „Бутел“ и „Драчево“ работното време од понеделник до петок ќе биде од 10:00 до 18:00 часот.
Флексибилното работно време првпат се воведе на 1 септември 2017 година, со што органите на државната управа можеа да почнуваат со работа помеѓу 7:30 часот и 8:30 часот, а завршувањето беше помеѓу 15:30 часот и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.
- Ова е една од мерките што Владата ќе ги преземе во насока на овозможување подобри услови за вработените во јавната администрација. Исто така, со оваа мерка сакаме да им излеземе во пресрет и на родителите кои во различно работно време почнуваат со работа. Очекуваме оваа мерка да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж, особено во големите градови, пред почетокот и по завршувањето на работното време - рече тогашниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
На 1 октомври 2020 година Владата ја суспендира одлуката за флексибилно работно време и наложи сите вработени во државната администрација да работат од 8 до 16 часот.
Во Германија се проценува дека вработените со флексибилното време имаат можност да ги усогласат своите семејни обврски и работното време во согласност со барањата на фирмата. На тој начин компаниите добиваат повеќе задоволни работници, кои потоа повеќе се ангажираат на работа, што во крајна линија влијае врз профитот на компанијата.
Оваа практика, според некои истражувања, има и своја негативна страна, пред сè, за вработените, бидејќи во текот на целиот ден се фокусирани на работа, на некој начин им се брише границата помеѓу работата и приватниот живот, што социолозите и психолозите го оценуваат како негативна појава.